fbpx

Десетици илјади лица останаа без работа во ковид-кризата, најголемиот товар падна на грбот на сиромашните

-

Најголемиот товар на ковид-кризата, повторно падна на грбот на сиромашните, додека богатите продолжија да се богатат од трудот и маката на работничките и работниците, се вели во Првомајскиот проглас од повелбата на синдикати и здруженија.

„Во Македонија, десетици илјади лица останаа без работа за време на кризата. Многу повеќе останаа без примања, додека богатите го дуплираа својот капитал, заштитени од мерките што државата ги донесе за да им помогне на фирмите. Минималната плата се зголеми за само 200 денари, иако најпогодени од кризата се токму работничките и работниците што работат за минималец. Наспроти тоа, Владата им даде 800 милиони евра на фирмите за справување со кризата и покрај тоа што тие грубо ја злоупотребуваат оваа државна финсиска помош. 17.000 работници не ја добија заработената плата за три месеци поради тоа што пратениците сметаа дека „работниците можат да истраат уште еден месец без плати“. Опозицијата со недели го блокираше петтиот пакет економски мерки, отворено покажувајќи дека не се грижи за работниците и сиромашните. Работодавачи ја злоупотребија државната финансиска помош и не им ги исплаќаа платите или им исплаќаа плата под минималната на 67.000 работници,“ се вели во соопштението.

Според податоците на Агенцијата за вработување, 43.086 лица останале без работа по започнувањето на кризата во март 2020 година. Најновото истражување на Здружението за истражување и анализи покажува дека во 2020 година вкупно 6.783 текстилни работнички и работници останале невработени. За споредба, во 2019 година овој број изнесува 2.971. Петте општини со највисок пораст на невработеноста се: Штип, Тетово, Скопје, Прилеп и Куманово. Овие пет општини се всушност едни од општините каде што текстилната индустрија е најразвиена и има најмногу активни субјекти во овој сектор. 6000 текстилни работнички се испратени на „принуден одмор“, поради тоа што работодавачите ја чекаа државната финансиска помош, земајќи плата под минималната за овој период.

„Работодавачите целосно ги занемарија прописите за заштита и безбедност при работа, што се покажа кобно за работничките и работниците, особено во текстилната индустрија создавајќи т.н. „текстилни кластери“, што резултираше со голем број заболени работнички и затворање на фабриките.Работниците со договори на дело, односно, прекарните работници – хонорарците, фриленсерите и слично, останаа надвор од заштитата на Законот за работните односи и без здравствено осигурување за време на најголемата здравствена криза,“ се додава во соопштението.

Од таму велат дека измените на Законот за работни односи што предвидуваат дека недела е неработен ден и е ден на неделен одмор, со исклучоци во одредени дејности, ќе се применуваат дури од 2022 година.

Синдикатите и здруженијата за заштита на работничките права бараат итно носење на новиот Закон за работните односи што ќе ги рефлектира потребите на работниците наметнати од кризата и ќе ги штити нивните права и интереси. Покачување на минималната плата, имајќи предвид дека потрошувачката кошница постојано се зголемува. Измени и дополнување на Правилникот за професионални болести со цел болеста предизвикана од ковид-19 да се предвиди како „повреда на работа“ за сите работници и соодветно на тоа, надоместокот на плата ќе се исплаќа во висина од 100 проценти од основицата, додека трае спреченоста за работа.

„Правилникот за професионални болести да се измени и во однос на изолираноста заради спречување на зараза, со што висината на надоместокот на платата за привремена спреченост од работа да се исплаќа во полн износ за оние лица за кои Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) издал решение за самоизолација заради спречување на ширење на заразната болест ковид-19. По контакт со заболено лице од коронавирусот, отсуството пред работодавачите може да се оправда со решение и истото се доставува до работодавачот за регулирање на привремена спреченост од работа. Да се овозможи паричен надоместок за невработени да можат да користат и лица на кои работниот однос им престанал поради сопствена изјава, спогодбено или поради наводно нарушување на дисциплината, за да се заштитат работниците кои останаа без работа на овој начин во кризава. Периодот за кој се исплаќа надоместокот треба да биде врзан со стажот на работникот.Забрана за доделување финансиска поддршка на фирми што ја злоупотребиле државната помош и не им исплаќале плати на работниците или пак, им исплаќале плата под минималната.Државната финансиска помош да се исплаќа директно на сметките на работничките и работниците, затоа што само на овој начин може да се избегнат грубите злоупотреби, а работниците навремено ќе ја добиваат заработената плата,“ се додава во соопштението.

Здруженијата и синдикатите исто така бараат да се обезбеди заштита на прекарните работнички и работници, како што се хонорарците, фриленсерите и други, кои се најнесигурната категорија и немаат никакво социјално и здравствено осигурување. Оваа категорија работници да биде опфатена со економските мерки за државна финансиска помош.

„Мораториум на наплата на ратите кон банките и долгови кон извршители за времетраењето на кризата. Дополнително, да се забрани пресметување камати од страна на банките, штедилниците, финансиските друштва и извршителите за истиот период, односно, да се спречи претходно наведените субјекти да профитираат во оваа криза на грбот на сиромашните,“ се вели во Прогласот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Измама: Лажен доктор нуди лажен лек за болки во зглобови

Ова е типична онлајн измама која неетички ја користи маката што ја имаат некои луѓе со болести на зглобовите, со цел да ги намами да потрошат еден куп пари...