Речиси секој втор работник е пријавен на плата која е пониска од таа што реално ја добива, односно на секој втор работник му се исплаќаат придонеси за здравствено и за социјално осигурување на плата која е пониска од реалната.

Ова го покажала анкетата спроведена од Центарот за истражување и креирање на политики (ЦИКП), во текот на мај и на јуни годинава.

– Еден од десет работници воопшто немаат потпишано договор за работа со својот работодавец, со што, покрај социјалните придонеси, се избегнува и плаќањето данок на приход. Последиците можат да бидат слаба или неквалитетна социјална и здравствена заштита, необјективна процена на големината на домашниот бруто-производ, нереален број на невработени, односно вработени и социјално загрозени лица, голема стапка на даночна евазија и помал буџет, што претставува предизвик и за фискалната политика на државата – се вели во истражувањето на ЦИКП.

Оттаму велат дека одговорноста за нецелосното исплаќање придонеси најмногу лежи кај работодавците, но дел од вината носат и работниците кои ги прифаќаат таквите услови.

– Резултатите покажуваат дека околу 22,1 отсто од испитаниците би прифатиле да работат непријавени доколку поради тоа би примале повисока плата. Покрај тоа, фактот дека 62,7 проценти од испитаниците (во споредба со 56,4 проценти во 2014 година) изјавуваат дека задолжителното здравствено и социјално осигурување не им обезбедуваат доволно чувство на сигурност, може да се смета за дополнителна причина за прифаќањето на непријавена работа – се додава во истражувањето.

Целта на оваа анкета била да се утврдат различните форми на скриени економски активности денес и да се споредат со резултатите од истата анкета направена во октомври 2014 година.