!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Почина милијардерот Дејвид Рокфелер


Њујорк, 20 март, 2017 - 18:03 (META) 

Милијардерот, банкар и филантроп Дејвид Рокфелер почина на 101 година од животот, мирно во сон, во својот дом, соопшти неговото семејство.

Дејвид бил најмлад од шесте деца на Џон Д. Рокфелер и беше последниот жив претставник на својата генерација Рокфелер.

Тој беше на чело на едно од најмоќните семејства на светот, а по смртта на своите браќа и сестри станал „чувар“ на семејното богатството и управуваше со една од најголемите деловни, но и филантропски империи на планетата.

Неговото семејство соопшти дека Дејвид донирал повеќе од две милијарди долари на разни институции. Се оженил со Маргарет Меграт во 1940 година и зад себе оставил шест деца.


Почина Мајк Илич, еден од најголемите донатори на ОМД


Детроит, 11 февруари, 2017 - 13:16 (META) 

Вчера на 87-годишна возраст почина Мајк Илич, еден од најбогатите Македонци во светот и еден од најголемите поддржувачи и долгогодишен донатор на Обединета македонска дијаспора (ОМД).

Веста ја соопштија локалните медиуми од Детроит, каде тој важеше за исклучително почитуван и влијателен граѓанин.

Мајк Илич (односно Мајк Илиевски, по татково презиме), е роден во САД, а по потекло е од Македонија. Тој е роден во 1929 година како прва генерација од децата родени во САД на македонските иселеници Сотир и Султана Илиевски.

Списанието „Форбс“ во листата на најбогати лица во светот за 2016 година, процени дека тој се наоѓа на 86. место меѓу 400 најбогати Американци. Неговото богатство беше проценето на шест милијарди долари.

Семејството Илич го поседува ланецот од пицерии „Малиот Цезар“ (Little Caesar’s Pizza) кој е распространет во САД и во Канада, и кој се смета дека е на трето место по „Пица хат“ и „Доминос“.

Илич беше сопственик и на хокеарскиот тим „Ред рок вингс“, како и на бејзбол тимот „Детроит тајгерс“.


Скорсезе, Де Ниро и Ди Каприо во најскапата реклама за казино


Макао, 28 октомври, 2015 - 11:38 (META) 

Холивудските легенди Мартин Скорсезе, Роберт де Ниро и Леонардо ди Каприо во вторникот вечерта беа најславните личности што присуствуваа на отворање на казино во Макао, каде што презентираа 15-минутен краток филм што медиумите го нарекоа најскапата реклама во историјата, пренесе „Денар.мк“.

Во филмот „Аудиција“, што го режираше Скорсезе, Де Ниро и Ди Каприо се натпреваруваат за иста улога, а во него кратко се појавува и Бред Пит.

Иако не е потврдено, медиумите шпекулираат дека продукцијата на филмот чинела 70 милиони долари. Зад целиот проект стои австралискиот мултимилијардер Џејмс Пакер, кој сакаше најдобра можна промоција на својата нова коцкарница во Макао.

Пакер заедно со холивудските ѕвезди се појави на црвениот тепих вечерта, за време на отворањето на казиното „Студио сити“ (Studio City), кое е тематски посветено на Холивуд и чија изградба чинеше 3,2 милијарди долари.

На отворањето настапи и партнерката на Пакер, пејачката Мараја Кери.


Египетски милијардер сака да купи остров во Грција или Италија за да им помогне на мигрантите


Каиро, 4 септември, 2015 - 10:36 (META) 

Египетскиот милијардер Нагуиб Савирис се понудил да купи остров во Грција или Италија и да го развие за да им помогне на стотици илјади лица што бегаат од Сирија и од други земји зафатени со конфликт.

Телекомуникацискиот моќник ја објави својата иницијатива на „Твитер“.

„Грција или Италија, продадете ми остров. Ќе прогласам негова независност, ќе ги сместам мигрантите и ќе ум обезбедам работа за да си ја изградат својата нова земја“, напиша Савирис.

Милијардерот во телевизиско интервју изјави дека ќе им го презентираа својот план на владите на Грција и на Италија. Тој тврди дека неговата идеја и изводлива.

– Постојат десетици острови кои се пусти и кои можат да сместат стотици илјади бегалци – рече милијардерот.
Савирис вели дека еден остров на Грција или Италија би чинел меѓу 10 милиони и 100 милиони долари, но додаде дека „главана работа е да се инвестира во инфраструктура“.

Според планот на египетскиот милијардер, на островот ќе бидат поставени „привремени засолништа за сместување луѓе, а потоа ќе почне да вработува луѓе кои ќе градат домови, училишта, универзитети и болници“.

– Кога работите ќе се подобрат, секој што ќе посака да се врати во татковината, ќе може да си замине – вели Савирис, чие семејство го разви популарното египетско одморалиште „Ел Гоуна“ на Црвено Море.

Милијардерот, сепак, рече дека таквиот план има и свои предизвици, вклучувајќи го и убедувањето на Грција или Италија да му продадат остров, како и утврдувањето на јурисдикцијата и на царинските регулативи.

– Тие што ќе побараат засолниште ќе бидат третирани како човечки суштества. Начинот на кој сега се третирани е како да се стока – рече Савирис.


Доналд Трамп ќе се кандидира за претседател на САД


Њујорк, 16 јуни, 2015 - 21:19 (META) 

Американскиот милијардер Доналд Трамп најави дека во рамки на Републиканската партија ќе се кандидира за претседател на САД на изборите што треба да се одржат идната година.

– Со големо задоволство, ве информирам дека ќе се кандидирам за претседател на САД. Заедно можеме да направиме оваа земја повторно да биде голема – изјави 69-годишниот Трамп на приемот во својата кула на Менхетен во Њујорк.

Трамп, чие богатство се проценува на девет милијарди долари, веќе неколкупати претходно најавува дека ќе се кандидира за претседател, но тоа никогаш официјално не го направил.


Еван Шпигел е најмладиот милијардер со само 24 години


Лос Анџелес, 14 март, 2015 - 12:09 (META) 

Еван Шпигел, откако добил идеја да направи апликација за споделување фотографии, станал најбогатиот човек на светот.

Со 24 години, тој поседува една од највредните апликации на светот, проценета на 15 милијарди долари, а тоа е популарната апликација за споделување фотографии „стартап снепчет“ (Startup Snapchat).

Шпигел пораснал во богато семејство во Лос Анџелес. Студирал на престижниот „Стенфорд“, но се откажал на неколку испити до диплома за да се посвети на „снепчет“.

Како што вели еден од неговите соработници, сакале да направат нешто интересно, како што биле и самите тие.

Неодамна, кинескиот интернетски гигант „Алибаба“ вложил 200 милиони долари во неговата апликација, меѓутоа вредноста на апликацијата продолжува да се зголемува и се очекува да изнесува околу 19 милијарди долари.

Благодарение на ова, Шпигел живее удобен живот, во куќа од 3,3 милиони долари. Свесен е дека во животот имал среќа и тоа отворено го признава.

– Јас сум само младо, образовано момче. Навистина ми се посреќи – го коментира тој својот успех, наведувајќи дека често животот не е фер.


Ќе се гради првиот хотел со седум ѕвезди во Дубровник


Дубровник, 26 јануари, 2015 - 11:57 (META) 

Рускиот милијардер Виктор Векселберг планира хотелот „Белведере“ да биде првиот од категоријата хотели со седум ѕвезди во Дубровник. Новиот хотел ќе се наоѓа на местото на стариот, но ќе има повеќе содржини. Хотелот ќе се протега на 25.000 квадратни метри, ќе има 120 соби и нова хотелска плажа, пишува весникот „Слободна Далмација

Според Давор Штерн, претприемач и консултант на компанијата „Вила ларус“, која во мај минатата година го купи хотелот за 12,17 милиони евра, инвестицијата би се движела околу 150 милиони евра.

Претставници на инвеститорот минатата недела го претставија идејниот концепт пред стручните служби на Град Дубровник, а првите реакции се позитивни затоа што хотелот е ненаметлив и се вклопува во зеленилото, пишува весникот.