!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Штип утре ќе го чествува Киро Глигоров


Штип, 2 мај, 2017 - 14:58 (META) 

Првпат по смртта на првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров, Штип ќе го одбележи датумот на неговото раѓање. Утре, Општина Штип со видеопрезентација ќе одбележи сто години од раѓањето на Киро Глигоров. Видеопрезентацијата ќе биде своевидно сеќавање за животот и на делото на Глигоров, по што пригодна реч ќе одржи Соња Николова, доктор по историски науки, а ќе се обрати и градоначалникот на Штип, Илчо Захариев.

Во последните години од својот живот, по завршувањето на вториот претседателски мандат, Киро Глигоров во Штип единствено беше канет на фестивалот на забавна музика „Макфест“. Таа практика траела сè до 2008 година, кога според сведочењето на долгогодишниот директор на фестивалот, Стојан Троицки, од Општината Штип, како покровител на фестивалот, му било забрането на Глигоров да присуствува, поради доаѓањето на новиот претседател, Ѓорге Иванов.

– Непосредно пред финалната вечер на „Макфест“, мене ми се јави Живко Кондев, шеф на кабинетот на претседателот Киро Глигоров, да ме информира дека Глигоров ќе дојде, како и секоја година, на финалната вечер. Таа информација ја проследивме до градоначалникот Зоран Алексов. Бргу се врати Кирил Панајотов (вработен во Општината) и кажа дека таа информација во Општината предизвикала голем револт, проследен со невкусни коментари. Од негова страна бев замолен да контактирам со Кондев и да го откажам доаѓањето на Глигоров. Кондев ми рече дека и покрај забраната, претседателот ќе дојде, но јас лично да го пречекам. Така и беше. Глигоров дојде и од моја страна беше сместен на неговото протоколарно место. Во меѓувреме, пристигна актуелниот претседател Ѓорге Иванов и неколку министри од владата. Го сретнав Љупчо Арнаудоски, долгогодишен член на кабинетите на нашите претседатели. Му објаснив што се случува и го прашав дали знае Иванов дека во салата веќе е и Киро Глигоров. Тој се стаписа и рече дека никој не ги информирал. Тогаш тој ме внесе кај Иванов, ме претстави и се поздравив со сите гости. Тогаш Иванов беше известен за присуството на Глигоров и при влегување во салата, културно се поздрави. Единствено Влатко Ѓорчев седна и му укажа пристојно внимание на Глигоров – пишува во своето сеќавање Стојан Троицки, основач на „Макфест“ .

Киро Глигоров (роден Киро Панчев) е роден на 3 мај 1917 година во Штип. Беше оженет со Нада Мишева од Штип, ќерка на војводата Стојан Мишев. Глигоров беше избран за претседател на Република Македонија на 27 јануари 1991 година, додека вториот мандат му заврши на 17 ноември 1999 година. Беше најстариот политичар во Македонија, но и еден од најдолговечните, откако преживеа атентат. Почина од природна смрт на 94 години, на 1 јануари 2012 година во Скопје.


Фестивалот „Макфест“ повторно ќе се одржува во октомври


Штип, 8 март, 2017 - 15:43 (META) 

Фестивалот на забавна музика „Макфест“ се враќа на старите датуми на одржување, односно на 5, 6 и на 7 октомври.

Според директорот на „Макфест“, Љупчо Мирковски, стариот датум се враќа на барање на штипјани, кои изданието на овој фестивал го врзуваат за месецот октомври.

Мирковски соопшти дека е завршен конкурсот за нови песни, а од денеска комисијата почнува да ги преслушува пристигнатите 140 композиции.

– Дел од нив се од домашни, а дел од странски автори. Благодарение на тоа што го правевме минатата година со странските изведувачи, малку се прошири веста низ Европа дека овде има фестивал кој заслужува да му се обрне многу внимание. Има песни од Киргистан, Белорусија, Шведска, Норвешка, Германија, Куба и од Шпанија – соопшти Мирковски пред новинарите.

Годинава ќе има новини во гласањето, а наградите остануваат исти. Како и досега, првата награда изнесува 10.000 евра, втората – 7.500 евра, а третонаградената композиција добива 5.000 евра.

Традицијата со одржување на фестивалот беше прекината изминатите неколку години и фестивалот се одржуваше во јуни.


Александра Јанева победи на „Макфест“


Скопје, 5 јуни, 2016 - 10:24 (META) 

Струмичанката Александра Јанева победи на 31. издание на фестивалот на забавни мелодии „Макфест“, со песната „За сто години“. Таа ја освои и наградата за вокална интерпретација „Драган Каранфиловски – Бојс“. Првото место ѝ донесе и 10.000 евра.

На второ место се пласираше Симона Попоска со нумерата „Ќе најдам друг“, а третопласирана е Антонија Гиговска со композицијата „За нас“.


Странските пејачи на „Макфест“ на сопствен трошок ќе допатуваат во Штип


Штип, 2 јуни, 2016 - 20:19 (META) 

Во пресрет на првата вечер на фестивалот на забавна музика „Макфест“, кој е финансиран од Министерството за култура, директорот на фестивалот, Љупчо Мирковски, објави дека странските пејачи во Штип ќе дојдат на сопствен трошок.

– Седумте странски пејачи имаат голема желба да настапат на „Макфест“ и се согласија да допатуваат на свој трошок. Меѓу нив е и Хелена Благне од Словенија, која е победничка на фестивалот и оваа година ќе има своја шоу-програма – изјави Мирковски.

Странските, заедно со 23 македонски пејачи, ќе се борат за награден фонд од 22.000 евра. Првата награда е 10.000 евра, втората 7.500 евро и третата – 5000 евра.

Додека во Општина Штип се штеди на патни трошоци, во соседната и посиромашна Општина Карбинци, на општинската прослава се носи српски турбо-фолк пејач.

Пред две години во Штип на општинската манифестација „Пастрамајлијада“ настапи Цеца Ражњатовиќ за 34.000 евра.


Годинешниот „Макфест“ со предзнак меѓународен


Штип, 30 мај, 2016 - 15:35 (META) 

В четврток, во Штип, почнува 31. издание на фестивалот на забавна музика „Макфест 2016“, а годинава тој е со предзнак меѓународен, поради учеството на седум странски интерпретатори. Во трите фестивалски вечери за главните фестивалски награди ќе се натпреваруваат и 23 домашни изведувачи, најави денеска директорот на фестивалот, Љупчо Мирковски.

– Ги имаме стандардните награди, а од оваа година наградата за дебитант ќе се вика „Душан Љубисавлевиќ“ во чест на Дуле, кој настапуваше на „Макфест“ како дел од дуото Дуле и Коки. Наградата за најдобра вокална интерпретација ќе го носи името „Драган Каранфиловски-Бојс“. Овие награди се во чест на нашите прерано заминати колеги кои беа дел од фестивалот – изјави Мирковски.

Дел од странските пејачи се познати и од изборот на песна за Евровизија. Меѓу нив е и претставникот на Ирска, Рајан Долан и Норвежанката Лалја Самјуел.

Од домашните пејачи, ветераните Џокси и Ѓоко Танески се враќаат на макфестовската сцена, а за прв пат ќе настапат Ања Ветерова, Мартинијан Кириловски и Филип Божиновски.

Словенката Хелена Благне позата по големиот макфестовски хит „Кога те нема“ ќе има шоу програма во чест на победниците, додека Ревискиот оркестар на МРТВ, кој ќе ги придружува пејачите, по втората фестивалска вечер ќе има полноќен концерт.

Изменет е и начинот на гласањето поради гласините за местење на победниците и атрактивните парични награди. Четворица странци и еден професор на Музичката академија во Штип ќе го сочинуваат жирото. Секој пејач ќе може да гласа за тројца свои колеги, а публиката, како и до сега, ќе може да гласа преку телефонски јавувања.

„Макфест“ годинава се одржува на 2, 3 и 4 јуни во Штип.


Утре во Штип  почнува 30. „Макфест“


Штип, 2 јуни, 2015 - 12:47 (META) 

Фестивалот на забавна музика „Макфест“ го почнува утре јубилејното, 30. издание. Во двете полуфинални вечери ќе бидат изведени 30 песни, од кои во финале ќе се најдат 18, односно по девет од двете вечери.

Фестивалот традиционално почнува со подигнување на фестивалското знаме, утре во 12.30, по што следи  првата прес-конференција.

Во 16 часот, изведувачите ќе ја имаат и првата фестивалска проба. „Макфест“ ќе биде пренесуван на првата програма на МТВ, со почеток во 20.30 часот.

На фестивалската сцена во Домот на културата „Ацо Шопов“ ќе настапат Ѓоко Танески, Влатко Илиевски, Маја Вуќичевиќ, штипскиот дует Јоце Панов и Зуица Лазова, „Браво бенд“, Верица Пандиловска, Маријан Стојановски, Дарко Илиевски и други познати музички имиња. Во ревијалниот дел ќе настапат некои од досегашните победници на „Макфест“ и штипјанката Пепа Димитрова.

Победникот ќе добие 10.000 евра, за второпласираниот се предвидени 7.000 евра, додека третонаградената композиција ќе биде наградена со 5.000 евра во денарска противвредност. Водители се Марјана Станојковска и Марко Новевски.


Распишан конкурсот за „Макфест“


Штип, 17 декември, 2014 - 9:29 (META) 

Фестивалот на забавна музика „Макфест“ од Штип, денеска објави меѓународен конкурс за избор на композиции за 30. издание на фестивалот. На конкурсот можат да учествуваат домашни и странски автори. Ќе бидат избрани 30 нови забавни мелодии.

Од авторите се бара да достават оригинална композиција напишана за вокал и за ревиски оркестар, изработена во духот на македонската модерна забавна музика. Композицијата треба да биде оригинална и досега неизведувана. Текстот на композицијата треба да биде на македонски јазик.

Фестивалот ќе се одржи во втората половина на мај 2015 година во Штип. Во трите дена, колку што е предвидено да трае фестивалот, ќе се одржат две полуфинални вечери, секоја со 15 композиции и една финална вечер.
На финалето ќе бидат изведени вкупно 18 композиции, односно по девет композиции од секоја полуфинална вечер, кои ќе бидат избрани по пат на гласање.

Предвиден е директен телевизиски пренос на трите фестивалски вечери, а изведувачите ќе настапуваат во живо, во придружба на Ревискиот оркестар на МРТВ.

На крајот на третата финална вечер, ќе се доделат седум парични награди и едно признание. Првата награда е 10.000 евра.

Општина Штип е организатор на фестивалот, додека Министерството за култура е генерален покровител.