fbpx

Штип утре ќе го чествува Киро Глигоров

-

Првпат по смртта на првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров, Штип ќе го одбележи датумот на неговото раѓање. Утре, Општина Штип со видеопрезентација ќе одбележи сто години од раѓањето на Киро Глигоров. Видеопрезентацијата ќе биде своевидно сеќавање за животот и на делото на Глигоров, по што пригодна реч ќе одржи Соња Николова, доктор по историски науки, а ќе се обрати и градоначалникот на Штип, Илчо Захариев.

Во последните години од својот живот, по завршувањето на вториот претседателски мандат, Киро Глигоров во Штип единствено беше канет на фестивалот на забавна музика „Макфест“. Таа практика траела сè до 2008 година, кога според сведочењето на долгогодишниот директор на фестивалот, Стојан Троицки, од Општината Штип, како покровител на фестивалот, му било забрането на Глигоров да присуствува, поради доаѓањето на новиот претседател, Ѓорге Иванов.

– Непосредно пред финалната вечер на „Макфест“, мене ми се јави Живко Кондев, шеф на кабинетот на претседателот Киро Глигоров, да ме информира дека Глигоров ќе дојде, како и секоја година, на финалната вечер. Таа информација ја проследивме до градоначалникот Зоран Алексов. Бргу се врати Кирил Панајотов (вработен во Општината) и кажа дека таа информација во Општината предизвикала голем револт, проследен со невкусни коментари. Од негова страна бев замолен да контактирам со Кондев и да го откажам доаѓањето на Глигоров. Кондев ми рече дека и покрај забраната, претседателот ќе дојде, но јас лично да го пречекам. Така и беше. Глигоров дојде и од моја страна беше сместен на неговото протоколарно место. Во меѓувреме, пристигна актуелниот претседател Ѓорге Иванов и неколку министри од владата. Го сретнав Љупчо Арнаудоски, долгогодишен член на кабинетите на нашите претседатели. Му објаснив што се случува и го прашав дали знае Иванов дека во салата веќе е и Киро Глигоров. Тој се стаписа и рече дека никој не ги информирал. Тогаш тој ме внесе кај Иванов, ме претстави и се поздравив со сите гости. Тогаш Иванов беше известен за присуството на Глигоров и при влегување во салата, културно се поздрави. Единствено Влатко Ѓорчев седна и му укажа пристојно внимание на Глигоров – пишува во своето сеќавање Стојан Троицки, основач на „Макфест“ .

Киро Глигоров (роден Киро Панчев) е роден на 3 мај 1917 година во Штип. Беше оженет со Нада Мишева од Штип, ќерка на војводата Стојан Мишев. Глигоров беше избран за претседател на Република Македонија на 27 јануари 1991 година, додека вториот мандат му заврши на 17 ноември 1999 година. Беше најстариот политичар во Македонија, но и еден од најдолговечните, откако преживеа атентат. Почина од природна смрт на 94 години, на 1 јануари 2012 година во Скопје.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...