Драстично поскапување на патарините во северна Грција од Нова година


Атина, 20 декември, 2018 - 15:47 (META) 

Од 1 јануари патарините во Грција ќе поскапат драстично, некаде и до 150 отсто по километар, известува грчкиот весник „ИЕфимерида“. Ќе поскапи и најкористената патарина од Македонците – онаа по граничниот премин „Богородица – Евзони“, на која наместо досегашните 1,8 евра, ќе се плаќа по 3 евра за автомобил.

На автопатот „Егнатија“, кој се протега од јонскиот брег сè до границата со Турција, како што се најавуваше уште летоска, патарините ќе поскапат драстично, според договорот на грчката влада со концесионерите.

Воведена е нова пресметка – по километар, и грубо кажано, од 3 центи, како што беше во најголем дел досега, новите патарини за автомобилите ќе поскапат меѓу 0,03 до 0,05 евра по километар, што е просечно зголемување за 66 отсто.

Но на некои патарини, зголемувањето достигнува и до 150 отсто. На пример за отсечка од 59,7 километри, за која до сега се плаќало од 1,2 евра патарината ќе се зголеми на 2,98 евра.

Дополнително, покрај сега познатите патарини, ќе се воведат уште 43 излезни наплатни рампи.

На излезот кај Аспровалта ќе се плаќаат 1,42 евра, а излезот за Кавала ќе се плаќаат 2,36 евра.

На наплатната рампа Тириа, меѓу Игуменица и Јанина, наместо досегашните 2,10 евра, отсега ќе се плаќаат 3,42 евра.

На вертикалните исклучоци кај Јеропиги ќе се плаќаат 2,36 евра, а на наплатната рампа што најмногу ги засега Македонците, онаа близу „Евзони“ патарината од  досегашните 1,8 евра е зголемена на 3 евра.

На наплатната рампа Промахона патарината е непроменета – 2,4 евра.


Владата првпат соопшти каде и колку ќе одмараат премиерот и министрите


Скопје, 30 јули, 2017 - 13:59 (META) 

Владата денеска преку својата прес-служба првпат откри каде премиерот и неговите министри ќе летуваат и колку дена одмор ќе искористат. Според податоците од соопштението, Заев и министрите годишните одмори ќе ги минат во земјата и во земјите од соседството, но дел од владиниот тим летото планира да го мине работно и да ги користи само викендите.

Најмногу одмор, односно пет дена, имаат пријавено министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, министерката за труд и социјала, Мила Царовска, и министерот за култура, Роберт Алаѓозовски. Министерката за одбрана и министерот за култура ќе летуваат во Грција, додека Царовска сè уште нема утврдено каде ќе одмора.

Веднаш по нив се премиерот Зоран Заев, кој со семејството ќе мине четири дена одмор во Охрид, но не ја исклучува можноста за викенд-одмори, ако тоа го дозволат обврските. Четири дена одмор ќе користат и министерот задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми, кои ќе ги мине во Грција, а еден викенд ќе мине и на Фестивалот „Опен“ во Струмица.

Без прецизен број на денови одмор се министерот за финансии, Драган Тевдовски, кој со семејството ќе престојува во Грција, министерот за здравство, Арбен Таравари, кој ќе одмора во Бугарија, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, како и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски. Димитров и Манчевски ќе одмораат во Грција. Министерот за економија, Крешник Бектеши, ќе биде во Албанија и во Струга, а министерот без ресор задолжен за странски инвестиции, Рамиз Мерко, ќе помине неколку денови со семејството во родната Струга. Министерката без ресор за странски инвестиции, Зорица Апостолска, ќе ја искористи последната недела од август да оди на одмор со семејството и ќе ги посети фамилијарните куќи во Отешево и во Лазарополе.

Испланиран одмор засега немаат министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу, министерката за образование и наука, Рената Тренеска Десковска, министерот за правда, Билен Саљији, и заменикот на претседателот на Владата, задолжен за спроведување на Рамковниот договор и политички систем.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, и министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, ќе одмараат, но немаат пријавено ниту број на денови, ниту пак каде ќе летуваат.

Дел од министрите годинава нема да одат на одмор, туку ако им дозволат работните обврски ќе користат викенди. Меѓу нив се вицепремиерот за економските прашања, Кочо Анѓушев, вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, министерот задолжен за комуникации транспарентност и отчетност, Роберт Поповски, вицепремиерот за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија, Зоран Шапуриќ, вицепремиерот за подобрување на состојбата на Ромите, Самка Ибраимовски, како и вицепремиерот за странски инвестиции, Аднан Ќахил.


Следната година 5.000 полски туристи ќе летуваат во Македонија


Охрид, 7 декември, 2016 - 11:23 (META) 

Претставници на Здружението на хотелиерите на Македонија (ХОТАМ) и на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Македонија, на работна средби во Катовице, договорија чартер-лет од овој полски град до Охрид, во наредната туристичка сезона.

Зад аранжманот стои најголемиот полски тур-оператор „Рего-бис“, со 25-годишно искуство во организирање туристички аранжмани за Шпанија, Грција, Хрватска, Бугарија, Црна Гора, Албанија.

Компанијата „Рего-бис“ ќе донесе најмалку 5.000 туристи, кои ќе слетуваат на охридскиот аеродром.

Охрид е особено привлечна дестинација за туристите од Полска, кои и досега масовно доаѓаа со автобуси и со лесни возила.

Ќе бидат застапени и кружни повеќедневни посети со комбинација и на други соседни земји, со автобуси со капацитет од 80 лица.

– Во Катовице, пред околу 150 туристички агенции, хотелиери и партнери од Скопје, Охрид и од Струга, одржавме презентација на нашите услуги, организирана во амбиент со традиционална македонска музика, за да ја претставиме македонската туристичка понуда како атрактивна балканска и европска туристичка дестинација – вели сопственикот на „Фибула травел“, Асим Меџедовиќ.

Тур-операторот „Рего-бис“ на полските туристи ќе им понуди седумдневни и 14-дневни пакет-аранжмани, а ќе се воведат и автобуски чартер-линии со деветдневни аранжмани. Во понудата се реномирани хотели на охридско-струшката ривиера, хотелскиот комплекс „Метропол“, „Белви“ и „Турист“, хотел „Изгрев спа и аквапарк“, хотелите „Десарет“, „Филип“, „Лаки и спа“.

– Покрај Охрид, правиме промоција и напори за вклучување и на други македонски туристички дестинации во програмите на полските тур-оператори, кои би можеле да бидат интересни за полските гости, а во соработка со македонските тур-оператори. Ќе бидеме и домаќини на полски претставници на медиумите, кои ќе го шират убавиот глас за Македонија во Полска – вели Горица Атанасова-Ѓоревска, директор на Агенцијата за промоција и за поддршка на туризмот на Република Македонија.


Нападите не го намалија бројот на чартер-летови од Скопје за Турција


Скопје, 4 јули, 2016 - 14:03 (META) 

И покрај влошената безбедносна состојба и зачестените терористички напади во Турција, граѓаните не се откажуваат од летувањето во најбараната туристичка дестинација, Анталија, информираат од туристичките агенции во Македонија.

– Во Анталија немало терористички напади, туристите не се плашат и не ги откажуваат аранжамните. Секој ден има чартер-летови кои се полни. Граѓаните ги користат намалените цени во хотелите бидејќи ги нема туристите од Русија, поради што цената на аранжманите е намалена – вели сопственикот на туристичката агенција „Фибула“, Асим Меџедовиќ.

Во најпосетуваната туристичка дестинација, Грција, зголемувањето на данокот на додадена вредност (ДДВ) не повлече поскапување на закупот на апартмани и на хотелските услуги.

– Кога се склучуваа договорите за закуп на апартмани и на хотели во Грција, данокот не беше зголемен, така што цените останаа фиксни и по зголемувањето на ДДВ. Поскапувањата во Грција туристите можеби ги почувствуваа во ресторани и во кафулиња – изјави заменик -претседателот на Здружението на угостители и туризам при Стопанска комора, Славе Сирачевски.

Од безбедносни причини, агенциите не нудат аранжамни за Тунис, Хургада, Шарм ел Шеик, како и за Сицилија и за Сардинија, кои, поради навалата од руски туристи, се прескапи за наши услови.


На скопјанец му ги украле регистарските таблички во Грција


Скопје, 12 август, 2015 - 12:36 (META) 

Скопјанец, вчера во граничната полиција на преминот Богородица, пријавил дека додека бил на одмор во Грција, му биле украдени двете регистарски таблички на неговиот автомобил, марка „опел корса“, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).

Според пријавата, табличките на скопјанецот му биле украдени завчера, во местото Пефкохори.

Од МВР велат дека претходно се регистирани пет случаи на оштетени возила на македонски државјани во Грција.


Повик за бесплатно зимување на деца од семејства со социјален ризик


Скопје, 18 декември, 2014 - 13:19 (META) 

Од 2013 година досега, 8.000 деца ја искористиле можноста за бесплатен одмор и рекреација. Од нив, 6.000 дечиња имаа можност да заминат на бесплатен летен одмор, а 2.000 на бесплатен зимски одмор, информираше Диме Спасов, министер за труд и социјална политика.

Од утре, 19 декември, петок, излегува јавниот повик за бесплатно зимување, на кој сите заинтересирани родители кои користат социјална парична помош, постојана парична помош, детски додаток, родителски додаток, како и родители на деца корисници на посебен додаток можат да аплицираат за користење бесплатна услуга за одмор и за рекреација за своите деца. Бесплатен зимски одмор ќе користат и децата без родители и родителска грижа, родени во период од 2000 до 2004 година, односно деца – редовни ученици во петто, шесто, седмо и во осмо одделение во учебната 2014/2015 година.