Фото: Sara Melo Gago on Unsplash

Министерството за економија денеска го објави јавниот повик за реализација на мерката- организиран одмор на работници со ниски приходи чии месечни примања во семејството не надминуваат нето износ од 30.000 денари. Повикот ќе трае до 30 јуни и до овој рок, сите граѓани кои ги исполнуваат условите ќе може да се пријават и да добијат ваучер. За реализација на оваа мерка се предвидени 15 милиони денари.

Ваучерот во висина од 12.000 денари ќе може да се искористи најдоцна до 30 ноември 2021 година.

„Потврдата за користење на средства за организиран одмор се издава по принципот „прв дојден прв услужен“ и неа може да ја користи само работникот на кого му е издадена, заедно со членовите на неговото потесно семејство кои се наведени во барањето“, информираат од Министерството за економија.

Освен поддршката на семејствата со ниски приходи, со оваа мерка истовремено се дава поддршка на хотелиерите и угостителите да работат со исполнети капацитети и надвор од туристичката сезона, со што се стимулира домашниот туризам.

Мерката е според Програмата за домашен туризам за работници со ниски приходи 2021, а ваучерите треба да се користат во категоризираните угостителските објекти за сместување (хотели), лоцирани во туристичките центри во земјава, кои претходно се пријавиле во Министерство за економија.

„Со оглед на зголемениот интерес на граѓаните и оваа година ќе продолжиме со мерката преку која на работниците со ниски примања им се овозможува користење на годишен одмор. Владата, преку програмата на Министерството за економија, во 2017 година почна да ја спороведува оваа мерка со цел да даде поддршка на домашниот туризам, но во исто време на семејствата со ниски месечни примања да користат одмор во туристичките центри во земјата“, соопштија од Министерството за економија.