Даниелсон: Референдумот ќе ја одреди иднината на вашата земја


Скопје, 29 август, 2018 - 17:10 (META) 

На 30 септември граѓаните ќе направат избор што ќе ја одреди иднината на вашата земја и тој избор ќе има последици за идните генерации. Ве повикувам да го искористите вашето демократско право и да гласате на претстојниот референдум, порача Кристијан Даниелсон, директорот на Директоратот за проширување и соседска политика на Европската комисија, на промоцијата на новата кампања на ЕУ канцеларијата во Скопје наречена „Замисли иднина заедно“.

Тој упати честитки до премиерот и до македонските институции за постигнување на договорот со Грција за решавање на прашањето со името што, според него, го отвора патот на земјава кон Европа.

Евроамбасадорот во земјава Самуел Жбогар рече дека преку ЕУ-фондови во изминатите 20 години се внесени една милијарда евра европски пари преку проекти што генерирале огромни резултати.


Автопатот Демир Капија – Смоквица треба да обезбеди економски развој и безбедно патување


Гевгелија, 23 април, 2018 - 15:02 (META) 

Со отворањето на 28,2 километри од автопатот Демир Капија – Смоквица го додадовме делот од Коридор 10 кој недостасуваше во земјата, рече генералниот директор за соседски политики и преговори за проширување во Европската комисија, Кристијан Даниелсон.

Тој додаде дека овој автопат ќе го олесни движењето, ќе го поттикне економскиот развој и ќе обезбеди одржливо и побезбедно патување.

Новата автопатска делница Демир Капија – Смоквица, која е во рамки на Коридорот 10, е дел од вкупните вложувања на Европската Унија во транспортната инфраструктура на земјата, кои во изминатите неколку години достигнаа речиси 325 милиони евра. Со нив се изградени и обновени над 100 километри автопатска мрежа, 64 километри патишта во повеќе од 40 општини и 60 населени места, 16 километри железничка пруга и 11 железнички станици.

Премиерот Зоран Заев рече дека овој автопат поврзува и води кон ЕУ.

– Оваа делница од автопатот „Пријателство“ во себе ја има вградено и искрената приказна за поддршка и соработката. Нашата темелна вредност и определба, да ги издигнеме капацитетите на нашата земја на ниво достојно за да биде членка на ЕУ, е силна мотивација за усогласување на нашата, национална патна инфраструктурна стратегија, со онаа на Европската Унија – рече Заев.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески рече дека оваа автопатска делница е прва од овој тип на Балканот.

– Автопатот ги содржи сите потребни каректеристики за сообраќајна безбедност што ни дава сигурност дека сообраќајот по оваа делница ќе се одвива побезбедно за сите учесници. Истиот е проектиран и изграден согласно нормите и стандардите на Европската унија за заштита на животната средина, што дополнително влијае на намалување на емисијата штетни гасови – рече Сугарески.

Продолжување на поддршката и инвестициите кои треба да обезбедат поефикасно инфраструктурно и енергетско поврзување на целиот регион е една од шестте приоритетни иницијативи во новата Стратегија на Европската Унија за поддршка на трансформацијата на Западен Балкан. Со неа се предвидуваат дополнителни инвестиции на ЕУ од над една милијарда евра во натамошниот развој и инфраструктурата на земјите од Западен Балкан.

На настанот беше означен стартот на „ЕУ за тебе“ кампањата за инвестициите на Европската Унија во транспортната инфраструктура“, велат од Делегацијата на ЕУ во Македонија.

На отворањето на автопатот, присуствуваше и министерот за транспорт и врски на Грција, Христос Спирцис.


Критериумите за земјите од Западен Балкан се построги од претходно, призна Даниелсон


Брисел, 5 декември, 2017 - 15:22 (META) 

Кристијан Даниелсон, директор на Комесаријатот за проширување на ЕУ, денеска изјави дека земјите од Западен Балкан минуваат низ многу потешки реформски процеси при пристапувањето во ЕУ во споредба со државите што се приклучиле на Унијата во претходната декада.

– Постои силен политички ангажман. Причината е прилично јасна: реформите на Западен Балкан се бараат затоа што сметаме дека на Западен Балкан има повеќе луѓе кои не сакаат да ги видат реформите и кои би биле задоволни со ситуацијата каква што е денес. Затоа политичките барања се поголеми – изјави Даниелсон.

Во својот говор на конференција „Западен Балкан на раскрсница“, која ја организираше бриселската организација „Пријатели на Европа“, Даниелсон на западнобалканските земји им порача да се фокусираат на регионалната соработка и на заедничкиот пазар затоа што тоа е паралела на заедничката царина, од која сите земји ќе бидат дел кога ќе станат дел од Унијата.

– Генерално, кога станува збор за трговија, мој цврст совет е да се фокусирате на регионалната трговија, а не на трговијата со ЕУ, затоа што таму се вистинските потенцијали за економски пораст – порача Даниелсон.


Адеми и Даниелсон разговарале за изборите, реформските приоритети и за ИПА-фондовите


Брисел, 16 септември, 2016 - 11:10 (META) 

Заменик-претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, Арбер Адеми, се сретна со генералниот директор на Директоратот за проширување и за соседска политика на Европската комисија, Кристијан Даниелсон, со кој разговарал за актуелната политичка состојба во земјата, претстојните парламентарни избори, реформските приоритети, како и за ИПА-фондовите.

„Двајцата соговорници констатираа дека оценката на политичките лидери дека се исполнети условите за организација на парламентарните избори е позитивен исчекор. Во претстојниот период потребно е да се вложат напори да се организираат демократски, веродостојни и инклузивни избори чии резултати ќе бидат широко прифатени. Од аспект на реформските приоритети, Адеми нагласи дека е потребно да се продолжи со реализација на предвидените мерки и активности, имајќи предвид дека станува збор за области кои се од суштинско значење за реформите поврзани со процесот на европска интеграција на земјата“, соопштуваат од кабинетот на вицепремиерот Адеми.

Соговорниците, исто така, се согласиле дека треба да продолжи поддршката за работата на Специјалното јавно обвинителство, како и практиката на блиска соработка и координација меѓу државните институции и Европската комисија.


Тачи – Даниелсон: Единствен излез од кризата е вистински политички дијалог


Скопје, 27 мај, 2016 - 13:22 (META) 

Причинителите на кризата ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ продолжуваат со еднострани и неодговорни одлуки за прашања кои беа дел до преговорите и за кои требаше да се постигне консензус меѓу најголемите политички партии, со посредство на претставниците на САД и ЕУ, истакнал претседателот на ДПА, Мендух Тачи на денешната средба со директорот на Директоратот за проширување на Европската комисија, Кристијан Даниелсон.

„Единствен излез од оваа ситуација е продолжение на вистински политички дијалог со посредство на меѓународниот фактор, кој бара нов пристап и силна политичка волја од сите страни. Решението на спорот за името и меѓуетничките односи, како и исполнувањето на демократските услови за организирање на веродостојни избори без оглед кога тие ќе се одржат, и понатаму остануваат клучни и неопходни прашања за Демократската партија на Албанците“, оценил Тачи на средбата.


Груевски со Даниелсон: Приоритет на ВМРО-ДПМНЕ е нормализирање на состојбата


Скопје, 27 мај, 2016 - 12:37 (META) 

Актуелната влада има легитимен мандат до 2018 година, но како партија ВМРО-ДПМНЕ е подготвена тие да се одржат и порано доколку опозицијата изрази подготвеност да излезе и се соочи со граѓаните, посочил претседателот на владејачката партија, Никола Груевски на денешната средба со директорот на директоратот за проширување во Европската комисија, Кристијан Даниелсон.

На средбата, на која двајцата соговорници размениле мислења за актуелната политичка состојба во земјава, Груевски истакнал дека приоритет на ВМРО-ДПМНЕ е „нормализирањето на политичката ситуација, внесување на сигурност кај граѓаните и враќање на патеките на напредокот и економскиот просперитет“

„ВМРО-ДПМНЕ ги поддржува процесите кои значат унапредување на стандардите во секоја област и притоа секое решение важно за иднидната на државата треба да биде базирано на волјата на граѓаните“, рекол Груевски, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ за средбата и додал дека во меѓувреме ќе се продолжи со работите и активностите кој ќе значат зголемување на довербата и кредибилноста на изборниот процес.

Во врска со интегративните процеси, лидерот на владејачката партија посочил дека стратешки интерес на државата претставува членството во Европската Унија и НАТО.

„Кога станува збор за европските интеграции Груевски истака дека во периодот што следи ќе има интензива агенда во поглед на исполнување на сугестиите од извештајот на Прибе и продолжување на реформите кои значат подигнување на стандардите во повеќе области како што е судството, безбедносните органи, медиумите, и антикорпцијата. Тоа е наш силен интерес, и преку еден конструктивен процес ќе бидат понудени решенија кои би значеле унапредување на критериумите и принципите на работа во посочените области“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.


Даниелсон: Има уште многу работа за спроведување веродостојни избори


Скопје, 5 април, 2016 - 17:29 (META) 

Останува уште многу работа што треба да се заврши за да се обезбедат услови за фер и демократски избори, изјави денеска во Скопје директорот на Директоратот за проширување во Европската комисија, Кристијан Даниелсон, по средбата со лидерите на четирите најголеми политички партии и со премиерот Емил Димитриев.

Даниелсон ги повика партиите и државните институции заедно да работат за да осигураат веродостојни избори.

– Особено ги охрабрувам сите државни институции да ја поддржат работата на Државната изборна комисија во прочистување на избирачкиот список. Тоа ќе помогне во враќање на довербата на граѓаните во процесот. Медиумите, особено јавниот сервис, исто така играат клучна улога за граѓаните да донесат соодветна одлука на денот на изборите – рече Даниелсон, додавајќи дека политичкиот договор и итните реформски приоритети мора целосно да се спроведат.

Даниелсон оцени дека Специјалното јавно обвинителство е особено важен дел од Договорот од Пржино и изрази загриженост поради опструкциите што ѝ се прават на институцијата. Тој ги повика политичките партии целосно да го поддржат СЈО и неговата работа.


Димитриев го информирал Даниелсон дека изборите ќе бидат фер и демократски


Скопје, 5 април, 2016 - 14:26 (META) 

Претседателот на Владата на Република Македонија за спроведување на изборите, Емил Димитриев, денеска се сретна со Кристијан Даниелсон, директор на Директоратот за проширување на Европската комисија.

На средбата стана збор за европските интеграции на Република Македонија, реформите кои се преземаат и за актуелната политичка ситуација во земјата.

„Соговорниците ја истакнаа потребата и заложбата од организацијата на фер, веродостојни и демократски избори, при што се согласија дека сите политички партии треба да покажат посветеност за унапредување на довербата во изборниот процес. Премиерот за спроведување на изборите Димитриев истакна дека приоритет на Владата е организацијата на фер, веродостојни и демократски избори на 5 јуни, што ќе овозможи решавање на политичката состојба во земјата и формирање на влада која ќе може да се посвети со полн интензитет на реформите и на проектите што се реално корисни за граѓаните. Тој ја истакна поддршката што Владата за спроведување на изборите ја обезбедува за потребите и за барањата на Државната изборна комисија во насока на прочистувањето на избирачкиот список и истакна дека и покрај ограничениот мандат и специфики, Владата, во границите на своите ингеренции, е посветена и на реализација на проектите и на реформите од владината програма“, стои во владиното соопштение.


Тачи: Сите партии треба сериозно да работат на исполнување на условите за фер избори


Скопје, 5 април, 2016 - 12:07 (META) 

Сите политички партии треба да работат на исполнување на условите до дента на изборите, изјави лидерот на ДПА, Мендух Тачи, по средбата со директорот на Директоратот за проширување во Европската комисија, Кристијан Даниелсон, денеска во просториите на Мисијата на ЕУ во Скопје.

– Потребно е да се исполнат сите услови за фер избори. Многу е неблагодарно да дадам изјава дали се исполнети условите за одржување на изборите на 5 јуни. Сите партии треба сериозно да работат на исполнување на условите бидејќи по денот на изборите ќе следуваат и оцени – изјави Тачи.

Даниелсон денеска ќе се сретне и со претседателите на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на СДСМ, Зоран Заев и на ДУИ, Али Ахмети, како и со претседателот на Владата задолжен за спроведување на парламентарните избори, Емил Димитриев.

 


Кристијан Даниелсон на одвоени средби со лидерите на политичките партии


Скопје, 5 април, 2016 - 10:20 (META) 

Директорот на Директоратот за проширување во Европската комисија, Кристијан Даниелсон, денеска во Скопје ќе се сретне со лидерите на четирите политички партии потписнички на Договорот од Пржино.

Според Мисијата на ЕК во Скопје, Даниелсон ќе се сретне со претседателите на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на СДСМ, Зоран Заев, на ДУИ, Али Ахмети, и на ДПА, Мендух Тачи, како и со претседателот на Владата задолжен за спроведување на парламентарните избори, Емил Димитриев.

Во Брисел вчера Даниелсон имаше средба и со македонскиот министер за надворешни работи, Никола Попоски, кој по средбата изјави дека станало збор за актуелната политичка состојба во земјата и за процесот на организирање и на подготовка на предвремените парламентарни избори во Македонија закажани за 5 јуни.

Даниелсон доаѓа во посета на Македонија еден ден пред најавеното распуштање на Собранието, а денеска пратениците треба да гласаат за избор на новите министри во Владата предложени од ДУИ.