Даниелсон: Има уште многу работа за спроведување веродостојни избори

Останува уште многу работа што треба да се заврши за да се обезбедат услови за фер и демократски избори, изјави денеска во Скопје директорот на Директоратот за проширување во Европската комисија, Кристијан Даниелсон, по средбата со лидерите на четирите најголеми политички партии и со премиерот Емил Димитриев.

Даниелсон ги повика партиите и државните институции заедно да работат за да осигураат веродостојни избори.

– Особено ги охрабрувам сите државни институции да ја поддржат работата на Државната изборна комисија во прочистување на избирачкиот список. Тоа ќе помогне во враќање на довербата на граѓаните во процесот. Медиумите, особено јавниот сервис, исто така играат клучна улога за граѓаните да донесат соодветна одлука на денот на изборите – рече Даниелсон, додавајќи дека политичкиот договор и итните реформски приоритети мора целосно да се спроведат.

Даниелсон оцени дека Специјалното јавно обвинителство е особено важен дел од Договорот од Пржино и изрази загриженост поради опструкциите што ѝ се прават на институцијата. Тој ги повика политичките партии целосно да го поддржат СЈО и неговата работа.