!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Партиите утре на координација со претседателот на Собранието


Скопје, 14 мај, 2017 - 18:40 (META) 

Новоизбраниот претседател на Собранието, Талат Џафери, утре ќе свика координација на претставниците на политичките партии во Собранието, на која треба да се реши кога ќе се продолжи конститутивната седница и по кој тек ќе се одвива таа.

Се очекува на координативниот состанок да се зборува и за можните решенија по истекот на мандатите на локалните власти, како и да се дефинираат чекорите за распишување локални избори.


Заев од говорница: Претседател на Собранието ќе биде избран во оваа или друга сала


Скопје, 27 април, 2017 - 13:24 (META) 

Претседател на Собранието ќе биде избран во оваа сала, во друга сала, на скалите, во амфитеатарот на Правниот факултет, во МАНУ, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во неговото прво обраќање од собраниската говорница и го повика претседавачот со Собранието, Трајко Вељаноски, да не го крши деловникот.

Бидејќи во репликите и во контрарепликите на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на ГРОМ беше обвинуван за национално предавство, Заев, кога заврши со процедураланата забелешка, рече дека ќе одговори на сите прашања поставени од пратениците на прес-конференција што ќе ја одржи во Собранието.

– Колеги пратеници, поминаа пет седмици, повеќе од 30 дена, парламентарното мнозинство оформено овде буквално ве моли да престанете да го кршите членот 89 од деловникот на Собранието на Република Македонија, да престанете да ги кршите членовите 90 и 91, да го користите членот 68 и да ја продолжите седница. Ве моли да престанете да го кршите членот 78, вие не реагирате. Ова е конститутивна седница, сите седници од самостојноста досега траеле од еден час до пет часа – рече Заев.

Тој нагласи дека мнозинството, поради бескрајните реплики, чека и не може да формира влада и додаде дека на изборите гласале 1.191.892 граѓани, од кои 454.577 гласа добила ВМРО-ДПМНЕ.

– Од 1.191.892 до 454.577 има голема разлика. Тука 69 пратеници од 120 бараат, буквално молат, час поскоро да заврши седницата и со својот потпис стојат зад тоа Талат Џафери да биде избран за претседател на Собранието. Што тука не е јасно? Да ве оставиме уште два-три месеци? – се обрати тој до пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на коалицијата, откако побара да се оди на четвртата точка од дневниот ред, избор на претседател на Собранието.

Тој побара од Вељаноски да ги прекинува говорниците и да одзема право на збор и порача да не го малтретира оформеното мнозинство.


ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата цел ден си реплицираа и си контрареплицираа


Скопје, 26 април, 2017 - 19:09 (META) 

Денешното 19. продолжение на конститутивната седница на Собранието, како и претходните, помина со реплики и со контрареплики на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и на нивните коалициски партнери 0д Социјалистичка партија и од ГРОМ.

Тие ги предупредија пратениците од СДСМ дека не смеат да молчат, туку да се вклучат во дискусијата, порачувајќи притоа дека СДСМ е „уценета партија поради амбициите на нејзиниот лидер Зоран Заев за да дојде на власт по секоја цена“.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски, изрази сомневање во „менталниот и интелектуалниот склоп на некои пратеници кои не сакале да признаат пораз“.

Од независните и од пратениците на СДСМ, никој не се вклучи во дискусијата, додека од пратениците Албанци зборуваа Зијадин Села, Ѓулсем Касапи и Весел Мемеди, кои исто така добија контрареплики од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.

Конститутивната седница ќе продолжи утре во 11 часот.


Народот треба да одлучи дали ќе одиме во опозиција, вели Димовски


Скопје, 25 април, 2017 - 14:37 (META) 

Осумнаесеттото продолжение на конститутивната седница на Собранието тече во реплики на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ на говорот на пратеникот Горан Манојловски и на негови контрареплики, кои најчесто се однесуваат на платформата на албанските политички партии, како и на животот и на соживотот помеѓу Македонците и Албанците во Тетово од каде што доаѓа Манојловски.

На почетокот на седницата за процедурална забелешка се јави пратеникот на СДСМ, Сашо Поцков, кој рече дека референдумот во Гевгелија испратил порака дека на граѓаните им е важно да им се решат реалните проблеми.

– Сведоци сме на 18-дневна дебата помеѓу пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Сè тоа е на штета на нашите граѓани кои бараат решавање на нивните реални проблеми. Гевгеличани испратија две пораки: дека не сакаат отворање на рудници и дека сакаат решавање на реалните проблеми. Сите бевме сплотени во решавање на проблемот. Граѓаните бараат да се откочат овие процеси, да се избере претседател на Собранието и да се формира влада. Нема ништо страшно во тоа, колеги од ВМРО-ДПМНЕ. Ќе бидете во опозиција по 10 години власт – рече Поцков.

Како одговор на ова, за процедурална забелешка се јави и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, кој рече дека ВМРО-ДПМНЕ нема проблем да оди во опозиција, но дека за тоа треба да одлучи народот.

– Народот треба да се праша како за Гевгелија, така и за албанската платформа. ВМРО-ДПМНЕ нема проблем да оди во опозиција, но пак за тоа треба народот да одлучи, оној народ кој на изборите одлучи дека ние сме победници. Апелирам да се вразумите како втора партија, да прифатите дека граѓаните не одлучиле вие да бидете победници. Каква постизборна манипулација и да правите, нема да го добиете легитимитетот на граѓаните – рече Димовски.

Ејуп Алими од ДУИ рече дека главна причина за блокирање на процесите е стравот од правните последици што го имаат македонските политички партии.

– Сега целата држава и граѓаните се жртви на тој страв. Треба да се надминете себеси во име на државата и на граѓаните. Треба да гледаме за иднината на државата, и за македонскиот и за албанскиот народ – рече Алими.

Седницата продолжува по паузата за ручек во 15 часот.


Денеска нов собраниски обид за деблокада и за трансфер на власта


Скопје, 25 април, 2017 - 9:48 (META) 

Пред почетокот на денешното 18. продолжение на конститутивната седница на Собранието на Република Македонија, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во своите редовни утрински соопштенија ги повторуваат своите позиции за излез од политичката криза.

Од ВМРО-ДПМНЕ повикуваат на одржување нови предвремени парламентатни избори, додека СДСМ порачува дека мора да има деблокада на демократските процеси и мирен трансфер на власта.

„ВМРО-ДПМНЕ апелира криминогената врхушка во врвот на СДС веднаш да ја отфрли тиранската платформа и да прифати нови парламентарни избори, на кои граѓаните ќе кажат што мислат за тиранската платформа“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ, пак, велат дека „фунционирањето на државниот систем, егзистенцијата на граѓаните и стабилноста на државата никој не смее да ги доведе во прашање“.

„Бидејќи блокадата од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и поттикнувањето етнички провокации од страна на Никола Груевски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ оди во прилог на хаос во државата, порачуваме дека институциите, политички партии и секој поединец се должни да се спротивстават и да дадат придонес кон нормализација на состојбите“, стои во соопштението на СДСМ, во кое се додава дека секоја активност спротивна на државните интереси е „тешко неуставно и незаконско дело за што следува сериозна одговорност“.

Вчера, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски, од собраниската говорница рече дека излезот од кризата е во лидерска средба. На ова, пратеникот на СДСМ, Петре Шилегов, во изјава за медиумите, реторички одговори: „За што би разговарале ние на лидерска средба и со кого би разговарале?“, додавајќи: „Ние имавме лидерски средби и врз основа на тие лидерски средби беше постигнат Договорот од Пржино“.

Павле Богоевски, независниот пратеник од коалицијата предводена од СДСМ, на собраниската говорница рече дека „нема да има нови предвремени избори кои ќе бидат организирани од оваа влада затоа што таа повеќе не го претставува легитимитетот на граѓаните“.


Партиите почнаа со лицитирањето: Лидерска средба, преодна влада, па нови избори?


Скопје, 24 април, 2017 - 18:25 (META) 

Денешното продолжение на конститутивната седница на Собранието, донесе две изјави кои можеби укажуваат дека има некакво поместување од рововските позиции на партиите.
Прво, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски, рече дека излезот од кризата е во лидерска средба.

– Почитувани колеги, се уриваат рекорди по број на денови и по бројност при изразување незадоволство од платформата со која е уценет СДСМ. Сакам да упатам апел за разум, за одржување лидерска средба, за сите лидери да седнат на маса и да решат за доброто на државата, да се отворат сите прашања и да се решаваат со компромис и да се постигне компромис, а потоа да се одржат нови избори за граѓаните да решат – рече Мукоски.

Нему му одговори портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, кој рече дека иако ВМРО-ДПМНЕ бара лидерска средба, од СДСМ не се согласуваат.

– За што би разговарале ние на лидерска средба и со кого би разговарале? Ние имавме лидерски средби и врз основа на тие лидерски средби беше постигнат Договорот од Пржино. Крајната цел на тие договори беше одржувањето на парламентарни избори. Резултатите од тие избори никој не ги оспори, вклучително ни ВМРО-ДПМНЕ. Не можеме ние заради неостварена желба на Груевски да си играме избори сè додека нему не му се погоди парламентарното мнозинство – рече Шилегов.

Павле Богоевски, независниот пратеник од коалицијата предводена од СДСМ, на собраниската говорница рече дека „нема да има нови предвремени избори кои ќе бидат организирани од оваа влада затоа што таа повеќе не го претставува легитимитетот на граѓаните“.

Сè досега и двете партии децидно стоеја на ставовите дека потребни се нови избори – став на ВМРО-ДПМНЕ, односно дека треба итно да се формира нова влада – став на СДСМ.

Ваквите изјави може да се толкуваат како испитување на теренот за разни сценарија и како заземање на стартни позиции на преговарачката маса до која евентуално може да дојде. Оттаму едно од сценаријата, ако се суди според денешните изјави, би можело да биде преговори, односно лидерска средба околу преодна влада со ограничен мандат која ќе организира нови избори.

Претседавачот со Собранието, Трајко Вељаноски, точно во 18 часот го прекина 17. продолжение на конститутивната седница и закажа ново продолжение утре во 11 часот.

На самиот крај на седницата, за процедуралнана забелешка се јави пратеникот на ДУИ, Талат Џафери, кој е кандидат за претседател на Собранието предложен од парламентарното мнозинство.

– Јас бев министер за одбрана на оваа држава, не паднав од Марс, а овде ме избраа граѓани. Сите навреди што ги слушаме 60 дена само ние ги трпиме овде, зошто затоа што се грижиме за соживотот. Ова Собрание нема да оди ни во Тирана ни во Приштина ни во Тунгузија. Еднаш за секогаш, размислувајте како и што зборувате од говорница – рече Џафери.


Од ГРОМ побараа Антикорупциска „да влезе“ во Комисијата за избори и за именувања


Собрание, 24 април, 2017 - 14:29 (META) 

Во долгиот серијал реплики и контрареплики, со неколку процедурални забелешки кои не беа тоа, од општата содржина на прашања и од обвинувања до пратениците на СДСМ, на денешното 17. продолжение на конститутивната седница на Собранието, изненадија пратениците од ГРОМ, Панчо Минов и Чедомир Саздовски, кои побараа антикорупционерско „чешлање“ на членовите на Комисијата за избори и за именувања.

Прво тоа се обиде да го образложи Панчо Минов, но подоцна од говорницата, во форма на реплика на пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Благица Ласовска, која го држи денешниот рекорд за времето поминато на говорница, тоа јасно го изложи партискиот колега на Минов, Чедомир Саздовски.

Саздовски првин побара да не се употребуваат обвинувања врз основа на „бомбите“ и за тоа да се зборува дури откако ќе има правосилни пресуди, потоа побара да се врши педантна анализа на членовите на Комисијата за избори и за именувања.

– Моите сознанија се дека има кандидати кои се служеле и правеле малверзации, како членови на владини комисии. Дали ние како пратеници не треба да обрнеме поголемо внимание, да се осврнеме на секој поединец од тој аспект – рече Саздовски.

Откако му истече времето за реплика, претседавачот Трајко Вељаноски го прекина и прогласи пауза во 14 часот.


Театар на ВМРО-ДПМНЕ: „Ви благодарам за вашата реплика и се согласувам целосно“


Скопје, 21 април, 2017 - 18:49 (META) 

Со остри реплики за тоа кој ја предава државата, кои пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ги упатуваа кон СДСМ преку реплики и контрареплики едни на други и со забелешки дека пратениците ги злоупотребуваат процедуралните забелешки за политички ставови, но и со прекори од Вељаноски за неговите сопартијци, се одвиваше денешниот попладневен дел од конститутивната седница, која наликуваше на сите претходни.

Остри критики за злоупотреби на процедуралните забелешки и на репликите и контрарепликите кои не се за точката на дневниот ред, а пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ги упатуваат едни кон други, искажа Зекирија Ибрахими од Беса.

– Слушаме за албански јазик, за геноциди, но не слушам некој да говори за точката од дневниот ред. Трагично е репликите да почнат со изразот „Се согласувам целосно со Вас“, а контрарепликите со зборовите „Ви благодарам за Вашата реплика“. Ова не само што е смешно, туку е болно – рече Ибрахими.

Двата други подинамични моменти беа „препирката“ на претседавачот со седницата, Трајко Вељаноски, со неговите сопартијци од ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски и Илија Димовски, при што Вељаноски ги критикуваше дека ги злоупотребуваат процедуралните забелешки за политички ставови, па Мукоски во еден момент рече: „Ако ме прекинувате, ќе заминам“, по што ја напушти говорницата. Потоа Димовски му држеше лекција на Вељаноски кога смее да дава забелешка и дали процедуралната забелешка е на место или не.

Димовски, освен со изнесувањето на партиските ставови, се активираше и во препирка преку процедурални забелешки со Радмила Шекеринска од СДСМ, за тоа кој колку се грижел за земјоделците, откако заменик-претседателката на СДСМ обвини дека поради бескрајните реплики и контрареплики и процедуралните забелешки, не функционираат институциите, а среде катастрофата со измрзнувањето на јаболката во Преспа, нема можност да им се помогне на овоштарите.

Потоа сè течеше како и досега, неколкумината пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и понатаму си реплицираа и си контрареплицира, а голем дел од нив од собраниската говорница ги читаа своите реплики.

Седницата претседавачот Вељаноски ја прекина во 18 часот и следното продолжение го закажа за понеделник во 11 часот.


Николовски: Намерно го блокирате Собранието, ја загрозувате исплатата на плати и на пензии


Скопје, 21 април, 2017 - 14:30 (META) 

На почетокот на 15. продолжение на конститутивната седница на Собранието, пратеникот Љупчо Николовски од СДСМ се јави за процедурална забелешка во која рече дека претседавачот Трајко Вељаноски го крши деловникот затоа што дозволува да се дебатира на други теми, а не на точката која е на дневен ред, а со тоа намерно се блокира Собранието.

Тој го обвини пратеникот Љупчо Димовски дека е криминалец. Токму на говорот на Димовски, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ реплицираа, а тој даваше контрареплики.

– Постојат сериозни индиции кои говорат дека токму во овој период, кога ја правите оваа блокадата, стопирате 100 милиони евра субвенции за земјоделците. Во овој период на блокада од релевантни извори се знае дека од следниот месец ќе биде загрозена исплатата на плати, пензии и на социјална помош. Љупчо Димовски незаконски дозволи исплата на стотици илјади евра за субвенции кои не отидоа кај вистинските земјоделци, туку кај ваши функционери – рече Николовски.

На ова со процедурални забелешки се јавија Антонијо Милошоски, Илија Димовски и Љупчо Димовски.

– Тука сите зборуваме во име на народот, а тоа најмалку може да го каже тој што го претрпе најголемиот пораз на овие избори, а тоа е Љупчо Николовски. Луѓето се изјаснија и кажаа дека повеќе му веруваат на Илија Димовски отколку на Љупчо Николовски. Зборувате за криминал, па претходно расчистете го во своите редови. Сакам да ви укажам, не заканувајте се на колегите пратеници, народот го има последниот збор – рече Милошоски.

Љупчо Димовски рече дека нема да одговара на „овие глупави обвинувања“, на што Вељаноски додаде дека „не мора на секоја глупост да се одговара“.

Според Весел Мемеди од Алијансата за Албанците, кризата ја креираат тие што имаат корист од неа.

– Од оваа голготата и криза во Македонија, придобивка имаат сите деструктивни струи што постојат во државните институции и, за жал, постојат и во верските институции. Тие комуницираат на перфектен начин едни со други, без оглед на нивниот етникум. Треба да му ставиме крај на групното размислување во Македонија. Мора да сфатиме дека Македонија е сопственост на сите и мораме идентично да се грижиме за неа – додаде Мемеди.

Собраниската седница ќе продолжи во 15 часот по паузата за ручек.


Утре ново продолжение на репликите на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието


Скопје, 20 април, 2017 - 18:44 (META) 

Со реплики и со контрареплики меѓу пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и без дискусии на пратениците на СДСМ заврши денешното 15. продолжение на конститутивната седница на Собранието на Република Македонија.

Следното продолжение, претседавачот со седницата, Трајко Вељаноски, го закажа за утре во 11 часот, отстапувајќи од досегашната практика – во петок да нема седница, бидејќи, како што образложи тој, претходно тоа бил ден резервиран за средби на пратениците со граѓаните.

Наместо расправа по точката на дневен ред – избор на претседател и на членови на Комисијата за избори и за именувања, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ преку реплики и контрареплики, најчесто напишани, дискутираа за платформата на политичките партии на Албанците и за изјавите на премиерот и на министерот за надворешни работи на Албанија, Еди Рама и Дитмир Бушати.

Пратеникот Љупчо Димовски од Социјалистичката партија, која е коалиционен партнер на ВМРО-ДПМНЕ, повеќепати излегуваше на говорницата, од која преку контрареплики одговараше на прашања на колегите од коалицијата, кои, пак, меѓусебно си цитираа делови од своите говори и контрарепликите на Димовски.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ги повикуваа колегите од СДСМ да се вклучат во дискусијата, нагласувајќи дека токму тие барале дебата во законодавниот дом.

– Ние сме единстевната партија што се грижи за националните интереси, додека СДСМ молчи. Зошто СДСМ не реагира на изјавите на политичари однадвор. Точно е тоа дека со нивните политики државата се води кон амбис – рече пратеникот Трајчо Димков.

Неговиот колега од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, од собраниската говорница им ја честиташе на пратениците на СДСМ 26-годишнината од формирањето на партијата, порачувајќи им оти се надева дека во иднина „ќе размислуваат со повеќе разум и патриотизам“.

Сепак, ниту честитката на Димовски не ги испровоцира пратенциите на СДСМ, кои денеска беа во мал број во Собранието.