!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Избришани дел од „бомбите“ на СДСМ од „Јутјуб“


Скопје, 25 јануари, 2017 - 14:20 (META) 

Седумнаесет „бомби“ досега се избришани од официјалниот канал на СДСМ на „Јутјуб“, а во најголемиот дел од нив, според СДСМ, се слуша гласот на експремиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, објави „А1 он“.

На избришаните „бомби“ пишува дека извесна фирма „ОМД Нетворк“ побарала авторски права, па поради тоа содржината е отстранета.

Од каналот на СДСМ се отстранети „бомбите“ за смртта на Никола Младенов, разговорот во кој, според СДСМ, се слуша дека Сашо Мијалков стои зад фирмата СГС, „бомбата“ во која, според СДСМ, се слушаат Груевски и Али Ахмети како договараат закон за бранители, за што подоцна „Викиликс“ објави документ, потоа за плацевите кои, според СДСМ, Груевски си ги купил на Водно, разговори за кои СДСМ обвини дека се слуша како ВМРО-ДПМНЕ мести избори, прислушува новинари и уште многу други.

Од СДСМ велат дека не се запознаени со отстранувањето на „бомбите“.

– Наша претпоставка е дека такво пријавување може да прави некој кому му пречат „бомбите“, а тоа е ВМРО-ДПМНЕ, меѓутоа Никола Груевски не може да избега од вистината, па колку сака нека ги брише „бомбите“ од каналот „Јутјуб“ – рече за „А1 он“ портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.

Сепак, „бомбите“ може да се најдат на повеќе други веб-страници и интернет-медиуми, како аудиоснимки и/или транскрипти, како, на пример, на „Вистиномер“.


Северна Кореја ги блокираше „Фејсбук“, „Твитер“ и „Јутуб“


Пјонгјанг, 1 април, 2016 - 9:53 (META) 

Северна Кореја соопшти дека го блокирала пристапот со „Фејсбук“; „Твитер“, „Јутуб“ и до јужнокорејските сајтови.

Во соопштението на Министерството за пошта и телекомуникации се наведува дека „антирепубличките сајтови за лажна пропаганда, сексуалните и интернет станиците на возрасни“ се блокирани, заедно со сервисите „Јутуб“, „Фејсбук“, „Твитер“, „Гласот на Америка“ и страниците на јужнокорејските медиуми.

Соопштението е објавено на главниот мобилен оператор „Кориолинк“ и другите места кои се достапни на корисниците на интернет.

Пристапот до страниците е неформално блокиран веќе со месеци.

Мал дел од жителите на Северна Кореја имаат пристап до интернет, а тие што имаат можат да ја користат мрежата која ја контролира владата. Странците кои престојуваа во земјата, претходно можеа слободно да пребаруваат на интернет, но денеска до овие страници не можеле да пристапат од Пјонгјанг.


„Јутјуб“ сега поддржува видеосодржини со 8к


Вашингтон, 10 јуни, 2015 - 15:30 (META) 

Видеостандардот 720 пиксели постепено се заменува со 1.080 пиксели, а новиот 4K (4.000 пиксели) станува сè пораспространет. Сепак, изгледа дека 8K е следниот чекор за „Јутјуб“. Компанијата официјално нема соопштено, но веќе почна да става видеосодржини со поддршка за 8K (8.000 пиксели).

Во моментов само неколку видеозаписи се достапни во резолуција 8K .

Проблемот, кога станува збор за видеосодржините со резолуција 8K, е во достапноста на монитори што ја поддржуваат. Постојат само телевизори со резолуција 8K, но тие тешко се наоѓаат и чинат премногу. Во секој случај, опцијата за прикажување 8K-видеосодржини на „Јутјуб“ е тука, а оние кои се во можност, можат и да пробаат.

Сепак, важно е да имате брза интернет-конекција.


Турција го одблокира пристапот до „Јутјуб“ и до „Твитер“


Анкара, 7 април, 2015 - 11:46 (META) 

Турција денеска го одблокира пристапот до „Твитер“ и до „Јутјуб“ бидејќи компаниите, наводно, ги отстраниле содржините што биле спорни за владата.

Интернет-страниците вчера беа блокирани откако обвинителите побараа воведување на мерката поради фотографиите од обвинителот кој минатата недела беше киднапиран и убиен во Истанбул.

Двајцата милитанти и обвинителот се убиени за време на полициската акција за спасување на обвинителот.

Турската влада неодамна донесе закон кој овозможува брза блокада на интернет-страниците што често се користат.

Минатата година Турција го блокираше пристапот до „Твитер“ и до „Јутјуб“ во пресрет на локалните избори откако интернет-корисниците го обвинуваа за корупција тогашниот премиер, а денес претседател, Реџеп Таип Ердоган.


Руски хакер ја пробил безбедноста на „Јутјуб“


Москва, 6 април, 2015 - 19:37 (META) 

Руски компјутерски експерт покажа начин за бришење на која било снимка од интернет-сервисот „Јутјуб“.

Демонстрацијата на Камил Хисматулин објавена на интернет, прикажува како во рок од 30 секунди се брише која било снимка откако ќе се ископира дел од нејзината интернет-адреса.

Хисматулин не ја злоупотребил хакерската интервенција, туку ја пријавил во „Гугл“, сопственикот на „Јутјуб“.

Компјутерскиот експерт на шега рекол дека бил во искушение да ги избрише музичките видеозаписи на пејачот Џастин Бибер.

Хисматулин изјави дека од „Гугл“ набргу одговориле на неговата порака и го наградиле со 5.000 долари.

Безбедносниот пропуст е поправен за неколку часа.


„Јутјуб“ воведува гледање од различни агли


Вашингтон, 6 февруари, 2015 - 16:45 (META) 

„Јутјуб“ воведува нова функција „избери го својот агол“, која овозможува промена на аголот на гледање на одредена видеосодржина.

Станува збор за постапка што овозможува гледање содржини и промена на аголот на гледање во кој било момент, што е слично како кај некои ДВД/блу-реј или компјутерски игри.

Видеосодржините ќе може да се гледаат од четири различни агли со едноставно кликнување со глушецот на различните опции на камерата што се појавува на десната страна на видеосодржината или со притискање на одредени копчиња на тастатурата на компјутерот.

„Ракувањето е особено едноставно и префрлањето се врши за дел од секундата. Гледачите така ќе одредуваат од кој план ќе гледаат одредена содржина и ќе можат да се стават во улога на режисер, кој директно одредува кои сцени сака да ги гледа“, стои на страницата на сајтот zone-numerique.com.


Музичари ќе го тужат „Јутјуб“


Сан Бруно, 24 декември, 2014 - 14:37 (META) 

Видеосервисот „Јутјуб“ ќе се соочи со тужба во износ од една милијарда долари од Фарел Вилијамс, групата „Иглс“ и од други музичари кои бараат отстранување на околу 20.000 видеозаписи од сервисот.

Ирвинг Азоф, основач на асоцијацијата „Глобал мјузик рајтс“, која застапува повеќе од 40 уметници, меѓу кои Фарел Вилијамс, Крис Корнел, Смоки Робинсон, Џон Ленон, „Иглс“, тврди дека „Јутјуб“ нема права за илјада песни што се наоѓаат на сервисот.

Иако „Јутјуб“ преговарал и склучи договори со многу издавачки куќи, Азоф вели дека тоа не го направиле со неговите изведувачи. Тој изјави дека музичарите што ги застапува сакаат да го тужат баш „Јутјуб“ затоа што за разлика од другите сервиси за „стриминг“, тие се „најмалку кооперативни“.


„Јутјуб“: Видеото на „Нова ТВ“ од протестот на студентите е „ок“!


Скопје, 2 декември, 2014 - 17:08 (META) 

Нема да биде отстранета видеоснимката на „Нова ТВ“ од студентските протести што некој ја обележил кај видеосервисот „Јутјуб“ како непристојна бидејќи нарушува нечија приватност, потврдуваат за „Мета“ од „Нова ТВ“. Порталот добил одговор дека видеозаписот бил прегледан од вработените на „Јутјуб“, кои одлучиле дека базирајќи се на нивните правила, содржината на видеоснимката нема да биде отстранета . Во одговорот од „Јутјуб“ се вели дека видеозаписот не ги прекршува нивните принципи и ќе остане на веб-страницата.

На 19 ноември, „Нова ТВ“ доби предупредување од „Јутјуб“ да отстрани дел од видеозаписот од студентските протести откако некој го обележил како непристоен бидејќи „на снимките од 12:45 до 16:14 минута има нарушување на нечија приватност“. Во спорните минути од видеоснимката, освен студентите кои протестираа, се гледаат и лицата на полицајците што го обезбедуваа протестот.

Од Министерството за внатрешни работи за „Мета“ потврдија дека од нивна страна не било реагирано до „Јутјуб“ да се отстрани дел од видеозаписот од студентските протести.

Видеозаписот за кој „Нова ТВ“ доби предупредување од „Јутјуб“:


МВР не побарало од „Јутјуб“ да се цензурира видеозаписот од студентскиот протест


Скопје, 19 ноември, 2014 - 15:41 (META) 

Видеосервисот„Јутјуб“ испратил писмо до порталот „Нова ТВ“ да отстрани дел од видеозаписот од студентските протести откако некој го обележил како непристоен бидејќи „на снимките од 12:45 до 16:14 минута има нарушување на нечија приватност“. Во спорните минути од видеоснимката, освен студентите кои протестираа, се гледаат и лицата на полицајците што го обезбедуваа протестот.

Од Министерството за внатрешни работи велат дека од нивна страна не било реагирано до „Јутјуб“ да се отстрани дел од видеозаписот од студентските протести што го објави порталот „Нова ТВ“.
– МВР не води постапка за случајот и затоа нема основа да бара остранување на видеоматеријалот од „Јутјуб“ – изјави за „Мета“ портпаролот на МВР, Иво Котевски.

Според официјалните податоци на „Јутјуб“, корисниците постираат повеќе од 72 видеочаса на сервисот секоја минута. Тоа го прави невозможно прегледувањето на сите видеозаписи од вработените на сервисот. Затоа „Јутјуб“ се потпира на своите корисници да ги обележат видеозаписите кои ги сметаат за непристојни. Откако некој ќе обележи дека одредена видеосника е непристојна, вработените во „Јутјуб“ го прегледуваат видеозаписот и ако одлучат дека тој се коси со нивните правила на користење, тие имаат право да го избришат видеозаписот од сервисот, но и да му забранат на каналот кој го постирал видеозаписот да поставува и други видеозаписи. Според правилата на „Јутјуб“, обележаните видеоснимки системот никогаш не може да ги избрише доколку тоа не го дозволат вработените. Ниеден број на обележувања не може да смени тоа, и доколку „Јутјуб“ смета дека видеозаписот не се коси со неговите правила, тој ќе остане на сервисот. Обележувањето на видеозаписите е анонимно – корисниците не можат да видат кој го обележал нивниот видеозапис. Но „Јутјуб“ бара оној кој го обележал видеозаписот да биде регистриран на нивната страна.

Од „Нова ТВ“ сметаат дека ова е обид за цензура бидејќи сите снимени материјали кои се објавени се снимки направени на јавен настан и претставуваат снимки од јавен интерес.
„Од тие причини, на барањето на „Јутјуб“ не гледаме поинаку освен како обид за цензура. Видеозаписот е сè уште достапен, но доколку „Јутјуб“ остане на процената дека снимката од протестот на студентите претставува нарушување на нечија приватност, можат да го активираат механизмот со кој ќе ѝ оневозможат на „Нова“ да поставува видеозаписи на мрежата. „Нова“ нема да постапи по барањето бидејќи смета дека постапувањето би било спротивно на сите новинарски стандарди“, се вели во соопштението од порталот.