Јутјуб го блокираше каналот на Трамп поради поттикнување насилство

Фото: Sara Kurfess, Unsplash

Поради прекршување на политиките за поттикнување на насилство, поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп во наредните седум дена нема да може да објавува нови видеа или стримови во живо на Јутјуб, бидејќи платформата привремено му забрани пристап до каналот.

„По внимателно разгледување и поради загриженоста за постојаниот потенцијал за насилство, отстранивме нова содржина прикачена на каналот „Доналд Трамп“ бидејќи увидовме напад на кршење на нашите политики за поттикнување насилство“, изјави портпаролот на Јутјуб.

Јутјуб соопшти дека забраната од минимум седум дена може да биде продолжена. Исто така, платформата ќе ги оневозможи и коментарите под видеата на каналот на Трамп.

Претходно, Твитер, Фејсбук и Инстаграм ги блокираа профилите на Трамп, за што реагираа функционерите во ЕУ според кои „не е прифатливо платформите да донесуваат самите клучни одлуки, без каква било супервизија, без отчетност и без каков било дијалог или транспарентност за донесување на одлуките“.

Овие забрани доаѓаат по минатонеделниот напад во Конгресот на САД, кога десетици илјади приврзаници на американскиот претседател Доналд Трамп се собраа во Вашингтон во последен обид да обезбедат пресврт во резултатите од претседателските избори на кои победи Џо Бајден. При насилниот влез во зградата на Конгресот, загинаа пет лица, меѓу кои една жена која беше застрелана од полицијата и еден загинат полицаец, член на обезбедувањето на Конгресот.