DOCU.TECH ќе ги собере на едно место младите иноватори и ентузијасти за технологија


Скопје, 17 мај, 2018 - 16:50 (META) 

На 9 и 10 јуни во Креативниот центар „Термокис“ во Приштина неколку десетици ентузијасти за технологија и млади иноватори ќе имаат можност да разменуваат идеи, да дискутираат и да добијат совети на DOCU.TECH 2018 еден од најголемите технолошки настани на Балканот.

Организатори на овој настан се Фондот за Западен Балкан, кој обезбедува и дел од финансиите, како и Фондацијата Шеар од Србија и ДОКУФЕСТ од Косово.  Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“  во соработка со Фондацијата ИПКО од Косово, оваа година овозможува покривање на сите трошоци за одреден број на млади учесници од Македонија.

„Метаморфозис“ на 23 мај со почеток во 13 часот во училницата 101 на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово ќе организира Инфо-ден. Потоа веднаш ќе почне и пријавувањето, со испраќање на мотивациско писмо на англиски јазик и биографија на docutech@metamorphosis.org.mk.

ДОКУ.ТЕК е одлична можност за студентите и младите да дознаат за новите технолошки трендови, како и да сретнат еминентни говорници од целиот свет, односно познати имиња од областа на технологиите и бизнисот. Повеќе за овој настан може да прочитате на следниот линк.


„Метаморфозис“ организира работилница за слободата на изразување онлајн и офлајн


Скопје, 5 април, 2018 - 14:09 (META) 

Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ организира работилница „Разбирање на слободата на изразување онлајн и офлајн“, која ќе се одржи на 12 април во Клубот на новинари во Скопје.

На работилницата ќе бидат претставени основните концепти во сферата на слободата на изразување, како и актуелните и релевантните стандарди на Европскиот суд за човекови права кои се однесуваат на слободата на изразување на и вон интернет.

Основа за работилницата е публикацијата „Први чекори во разбирањето на слободата на изразување онлајн и офлајн“ чија подготовка е поддржана од страна на Американска адвокатска комора (АБА РОЛИ) и Стејт департментот како дел од Проектот за Интернет слобода во Источна Европа и Евроазија.

Публикацијата е достапна на македонски и албански јазик, кои ќе бидат работни јазици на работилницата, со обезбеден симултан превод.

Пријавувањето трае до вторник, 10 април, до 17 часот преку пополнување на формуларот за регистрација, по е-пошта на contact@metamorphosis.org.mk, или на телефон на 02/3109-325 (лице за контакт Горан Ризаов).


„Метаморфозис“: Податоците за трошењата ќе бидат покорисни во машински читлив формат


Скопје, 27 март, 2018 - 16:15 (META) 

Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ ѝ препорачува на Владата на Република Македонија да ги објави во машински читлив формат податоците за трошоците на министерствата и другите институции од централната власт.

„Метаморфозис“, која е една од граѓанските организации што цврсто се залагаат за примена на принципите на доброто владеење, отчетност, транспарентност и отвореност, го поздравува потегот на Владата да ја воведе електронската алатка за прикажување на трошоците, но напоменува дека податоците што се презентираат преку неа, заради подобра анализа, треба да ги овозможи и во машински формат.

„Потсетуваме дека за целосно исполнување на принципите на отчетност, транспарентност и отвореност потребно е податоците да се објават на начин и во форма кој ќе овозможи нивна додатна анализа и користење од страна на сите заинтересирани страни, особено од страна на македонските даночни обврзници за чии пари всушност се однесуваат самите податоци“, порачуваат од „Метаморфозис“.


Триесет општини ја потпишаа Декларацијата за отвореност, отчетност и транспарентност


Скопје, 12 декември, 2017 - 19:07 (META) 

Уште седум градоначалници денеска ја потпишаа Декларацијата за отвореност, отчетност и транспарентност на локалната самоуправа, која беше составена на иницијатива на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“.

Со потписите на градоначалниците на Аеродром, Боговиње, Врапчиште, Гази Баба, Желино, Ѓорче Петров и Карпош, бројот на потписниците на Декларацијата се зголеми на 30.

Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ пред три недели достави писмо за интерес до сите градоначалници за потпишување Декларацијата, која се темели на истражување во 2016 година, дека локалната самоуправа исполнува само 27% од индикаторите за отвореност, поради што Република Македонија е на најниско ниво од земјите во регионот.

– Овој податок е загрижувачки со оглед дека мерењето е направено на обезбедувањето на пристап до информации кои треба да се објавени на општинските веб страници без да бидат побарани, како на пример, одлуките кои ги носат Советите на општините, одлуките кои ги носат градоначалниците, записниците од седниците на советите на општините, Статутот на општините и деловниците за работа на Советите. Во тие рамки, сметавме дека е соодветно да ги поканиме градоначалниците во изминатите три недели да потпишат документ, со кој, не само што ќе покажат дека ги препознале основните принципи на нивното работење, ами и се согласни да работат по нив. На тој начин го одбележавме и 9. декември – Денот на борба против корупција, како и 10. декември – Меѓународниот ден на човековите права – истакна директорот на „Метаморфозис“, Бардил Јашари.

Според истражувањето, на ниското исполнување на индексот на достапност од страна на општините влијаела и нивната недоволна интеракција со граѓаните преку социјалните мрежи, необјавувањето на месечни информатори за граѓаните за работата на општините, како и недостатокот на јавни дебати за граѓаните за прашања од локално значење, необјавување на планови за јавни консултации со граѓаните за општинските политики и записниците од одржани средби со граѓаните.

– За подобрена транспарентност на македонските општини, секоја активност која е финансирана со јавни пари мора да биде јавна, а информациите за овие активности мора да бидат еднакво и лесно достапни за сите граѓани за што се залагаме и во нашето работење – рече градоначалникот на општина Гази Баба, Борче Георгиевски, кој заедно со градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев, беше ко-организатор на денешниот настан.

Претходно, Декларацијата за отвореност, отчетност и транспарентност на локалната самоуправа ја потпишаа градоначалниците на Битола, Брвеница, Бутел, Велес, Вевчани, Демир Хисар, Жупа, Илинден, Кавадарци, Кратово, Крушево, Куманово, Крива Паланка, Лозово, Македонски Брод, Маврово и Ростуше, Радовиш, Охрид, Теарце, Тетово, Зелениково, Зрновци и Штип.

Другите градоначалници можат да се приклучат кон потпишување на Декларацијата до 25 декември годинава.


План за намалување на институционалната затвореност во Македонија и во регионот


Скопје, 11 август, 2017 - 13:30 (META) 

„Сеопфатен план за добро владеење за државните институции во Република Македонија“ е најновото издание изработено врз основа на истражувањето за степенот на отвореност на институциите во шест земји од регионот во рамки на проектот АКТИОН СЕЕ – Одговорност, технологија и мрежа на институционална отвореност во Југоисточна Европа, кој го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“.

За да се измери степенот на институционалната отвореност, партнерите од АКТИОН СЕЕ, ги оценуваа институциите врз основа на: пристап до информации на официјалните веб-страници на институциите, квалитет на правната рамка за одделни прашања, други извори на информирање на јавноста, како и прашалници доделени на институциите.

Резултатите од истражувањето спроведено од октомври до крајот на декември 2016 година покажуваат дека просечната отвореност на извршната власт, вклучувајќи ги Владата, министерствата и другите извршни органи, во Македонија изнесува 36 отсто, a во регионот – 47 отсто. Македонското Собрание, пак, исполнува 59 проценти од индикаторите на отвореност, што е исто под просекот од 63 отсто отвореност на парламентите во регионот.

Судовите кај нас исполнуваат 52 проценти од индикаторите на отвореност, додека Судскиот совет е незначително подобар и исполнува 58 отсто од индикаторите на отвореност. Општините исполнуваат само 34 проценти од индексот на отвореност.

Врз основа на следењето на податоците и на наодите, се создаде сет на практични предлози за подобрување на степенот на отвореност на државните институции во Македонија, но и во Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и во Босна и Херцеговина.