Водостојот на Вардар зголемен во однос на просекот за мај


Скопје, 16 мај, 2018 - 11:17 (META) 

По вчерашните врнежи, од УХМР информираат дека денеска водостојот на Вардар е зголемен во однос на вчера, но и во споредба со просекот за мај.

Најновите хидролошки мерења покажуваат дека кај Јегуновце нивото на Вардар е зголемено за 46 сантиметри, кај Зајчев Рид за 16 сантиметри и кај Велес за 19 сантиметри.

Над просекот за мај зголемени се и водостоите на Вардар кај Демир Капија, на Пчиња кај Катлановска Бања, а пониски се нивоата на Треска, Крива Река, Брегалница, Црна Река и Сатеска.

Кај езерата денеска нема промени во споредба со вчерашниот ден.


Водостоите на реките двојно повисоки за просекот во март


Скопје, 30 март, 2018 - 11:10 (META) 

Водостоите на сите реки се зголемени, а двојно повисоки од денешниот просек за март се нивоата на Треска кај Македонски Брод и Сатеска кај Ботун.

Според информациите на УХМР, пониски нивоа на водостоите има на Брегалница и Црна Река. Зголемувања на нивоата има и на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро.

УХМР за викендов најавува врнежи од дожд и топење на снежната покривка што дополнително ќе ги зголеми водостоите.


Обилните врнежи го зголемија водостојот на сите реки


Скопје, 2 декември, 2017 - 10:20 (META) 

Обилните врнежи од дожд го зголемија водостојот на сите реки во земјава, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.

Двојно е зголемено нивото на реките Вардар, Треска, Крива Река и Сатеска, а над просекот за ноември е водостојот на реките Пчиња, Брегалница, Црн Дрим и Црна Река.

Кај езерата, минимално е зголемено нивото на  Дојранско Езеро, додека Охридско и Преспанско Езеро се околу просекот.


Зголемен водостојот на Вардар, Брегалница и на Дојранско Езеро


Скопје, 18 ноември, 2017 - 11:42 (META) 

Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) регистрирала повисоки водостои во однос на просекот за ноември на реката Вардар кај Зајчев Рид, Велес и кај Демир Капија, како и на реката Брегалница кај Берово.

Регистриран е значително зголемен водостој и на Дојранско Езеро, додека нивоата на Охридско и на Преспанско Езеро се во рамки на просекот за овој период од годината.

Под просекот за ноември се нивоата на Вардар кај Јегуновце, Треска кај Македонски Брод, Пчиња кај Катлановска бања, Крива Река кај Крива Паланка, Црна Река кај Новаци и Црн Дрим кај Ложани.


Уште два милиони евра помош од ГИЗ за заштита на езерата од Дримскиот басен


Тирана, 20 ноември, 2014 - 15:12 (META) 

Во албанскиот главен град Тирана, се одржува планирачка работна средба на Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ), посветена на зафатите од втората фаза на проектот за заштита на езерата во Дримскиот басен – Охридското, Преспанското и Скадарското.

Претставникот на Република Македонија, Дејан Паноски, од билатералниот секретаријат за Охридско Езеро при Министерството за животна средина и просторно планирање, во изјава за новинската агенција „Мета“ посочи дека целта на средбата е да се идентификуваат проектни активности во функција на зголемена заштита, мониторингот и транс-граничната соработка.

– Отворањето на дримскиот проект и на биосферниот резерват отвори и врата за нови инвестиции во заштитата на вредностите на Охридско Езеро и на другите езера во басенот. Планираме активности и проекти да ја засилиме интернационалната заштита на водните ресурси и вредностите околу нив – вели Пановски.

ГИЗ и за втората фаза одвојува средства околу два милиони евра за спроведување нови активности кои ќе поддржат функционирање на прекуграничните тела, ќе го зајакнат мониторингот врз биодиверзитетот на езерата со помагање на научните институции и ќе ја подигнат важноста за заштита на вредностите.

Пред три дена во Скопје беа претставени клучните наоди од иницијалниот извештај за карактеризација на Преспанско, Охридско и Скадарско Езеро, подготвен во согласност со Рамковната директива за води на ЕУ. Извештајот е работен две години во рамки на проектот на ГИЗ, за регионална конзервација и одржлива употреба на биодиверзитетот на трите езера.

– Наодот е дека водата во Охридско Езеро е на задоволително ниво, што ви даде право на собирот да констатирате дека сме во добра позиција да се обезбеди долгорочна стабилност – додава  Паноски во изјава за новинската агенција „Мета“.


Денеска ќе се презентира извештајот за категоризација на македонските езера


Скопје, 18 ноември, 2014 - 8:37 (META) 

Денеска во Скопје ќе бидат презентирани клучните наоди на Иницијалниот извештај за категоризација на Преспанско, Охридско и на Скадарско Езеро, којшто е подготвен во согласност со Рамковната директива за води на Европска Унија.

На настанот ќе се обрати заменик-министерот за животна средина и простирно планирање, Стево Темелковски.

Извештајот е изработен во рамки на проектот на Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ) за регионална конзервација и одржлива употреба на биодиверзитетот на Охридско, Преспанско и Скадарско Езеро.