Водостоите на вештачките езера се на минимална граница, а најкритичниот период допрва претстои

Нискиот водостој на Преспанското езеро; Фото: Бојан Блажевски

Топлотните бранови кои се последица на климатските промени како и ненадејните покачувања и падови на температурите, предизвикуваат промени во количествата на врнежи, интензитетот и распространетоста. Сушните денови се главната причина заради која е потребно одржување на едно нормално ниво на водостоите на природните езера и реки во државава. Во последниве десетина дена, нивото на водостоите на реките и на езерата трпи мали осцилации на дневно ниво, некаде има тенденција на намалување, некаде на зголемување на водостојот, но генерално сѐ уште состојбата не е критична на ниво на цела држава, велат за Мета.мк од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Состојбата со вештачките езера, пак, покажува водостој на минимална граница, според мерењата на АД ЕСМ. Водата од овие акумулации во голем дел се користи за производство на електрична енергија. Од АД Електрани на Северна Македонија, кои раководат со најголемиот број на хидроцентрали, сметаат дека моменталната состојба со котите засега не е критична и тврдат дека не се црпи повеќе вода од вештачките езера заради производство на струја за извоз.

Од УХМР, пак, за Мета.мк објаснуваат дека најкритичниот период за водостоите допрва доаѓа. Бидејќи, водите во езерата и во реките во најголем дел се полнат од топењето на снегот, процес што трае до јуни, а помалку се полнат од врнежите дожд.

„Јули, август и септември се најкритичните месеци за водостоите, поретко е и октомври. Затоа што во овие месеци се најдолги сушните периоди, има најмалку врнежи, тие се нестабилни и кратки и не се на цела тертиторија, туку се локални. Значи, допрва може да се очекуваат сушни денови и ниски водостои. Но, засега состојбата е стабилна“, вели Атанас Угрински, советник за хидрологија во УХМР.

Тој додава дека врз нивото на водостоите на природните езера и реки влијаат и вештачките акумулации, односно испуштањето на водата од нив за производство на електрична енергија, во случај кога има недостиг на вода од природните езера и реки.

Мерења на УХМР од 13 јули за нивото на водостоите во земјава покажуваат дека во најлоша состојба е водостојот Македонски брод-Треска, минус 4 сантиметри, додека просекот за јули изнесува 9 сантиметри. По него е водостојот на Ботун-Сатеска, каде се измерени минус 16 сантиметри, а просекот за јули изнесува 7 сантиметри. Табелата на УХМР покажува дека во најдобра состојба е водостој на Демир Капија- Вардар, 92 сантиметри, при просек за јули од 93 сантиметри, и Сушево-Струмица, 80 сантиметри, чиј просек за јули е 60 сантиметри.

На природните езера, според мерењата на УХМР, над просекот е водостојот на Дојранското, со 146,98 мнм (метри над морето), а просекот за јули е 144,34 мнм, потоа Охридското, со 693,48 мнм, од просечните за јули 693,58 мнм, а водостојот на Преспанското е понизок, односно изнесува 842,49 мнм., додека неговиот просек за јули е 844,19 мнм.

Нивото на вештачките езера во земјава е речиси на границата со минималното, покажуваат мерењата на АД ЕСМ. Дали се празнат овие акумулации, за да се произведе повеќе електрична енергија за извоз?

На ова прашање од АД ЕСМ за Мета.мк одговорија дека АД ЕСМ од 2020 година произведува електрична енергија исклучиво за потребите на Универзалниот снабдувач и за обезбедување на системските услуги кон АД МЕПСО, што е законска обврска, и не продава електрична енергија на слободниот пазар.

„Производството на електрична енергија е стабилно и се одвива според годишниот план за производство за 2021, со неопходна оптимизација, зависно од дневни или периодични флуктуации во системот“, ни одговорија од државната ЕСМ.

Според мерењата на АД ЕСМ на котите на вештачките акумулации и на Охридското Езеро, податоците од 12 јули, покажуваат гранични вредности на измерените метри надморска височина (мнв).

Во Маврово е измерена мнв. од 1217.19 а, мининалната кота е 1207.00); во Шпиље 575,88 мнв. (минимална кота е 560,00); во Глобочица 686.35 мнв. (минимална кота е 682.50); во Охрид 693.49 мнв. (минимална кота е 693.10); во Тиквеш 248.24 мнв. (минимална кота е 233.00); во Козјак се измерени 444.38 мнв. (минимална кота е 435.08); и во Св. Петка 356.19 мнв, при минимална утврдена кота од 355.00 мнв.

Од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги за Мета.мк велат дека ја следат хидролошката состојба во државава, од аспект на производство на електрична енергија, а со цел оддржување на енергетската стабилност во системот.

„РКЕ на редовните, месечни состаноци со енергетските компании, по прикажаните анализи, ја детектира состојбата. Доколку се ниски нивоата на видостоите, препорачуваме АД ЕСМ да го стопира користењето на вештачките акумулации за производство на електрична енергија, сѐ со цел водниот потенцијал да се чува како резерва кога системот бара балансирање”, ни одговорија од Регулаторна.

Водните екосистеми страдаат од дисбалансот на водостоите на реките и на езерата

Во секоја водна средина, секој жив свет има свое место и значење, па секоја флуктуација на водните системи, има влијание врз него и еколошки импликации. Затоа мора да се почитува регулативата за нивоата на водите, за да се одржи биолошкиот минимум на организмите. Ова за Мета.мк го посочува професорката на Институтот за билогија, Милица Ристовска, која е вклучена во кампањата „Разбистри се“ на Институтот за комуникациски студии (ИКС), што се фокусира на два специфични проблема: управувањето со водните ресурси и инспекцискиот надзор против прекумерното искористување на природните ресурси (минерални суровини, шуми, почва и вода).

Таа вели дека прекумерното испуштање, но и наглото полнење на водните системи го нарушува балансот на живиот свет во нив, посебно на посензитивните видови, како што е пастрмката, на пример.

„Токму  пастрмката, која живее во поладните води и со повеќе кислород, е загрозен вид во реките каде се градат хидроцентрали“, посочува таа. Додава дека, одговорноста за промените во водостоите на реките и на езерата е и кај луѓето, но и кај институциите.

„Струја мора да се произведува со користење на водите, затоа што е таа битна од социјално економски аспект. Но, тоа не треба да значи дека при изградбата на хидроцентралите и користењето на водите, да се уништува живиот свет и да се загрозуваат еко системите, без да се сноси одговорност. Имаме добри закони и државата е потписничка на многу документи за секаков вид на заштита на природните ресурси од човечки фактор, но во практика тоа многу малку се почитува“, вели Ристовска.