СДСМ: Порастот од 1,2 отсто во последниот квартал на 2017 е закрепнување на економијата


Скопје, 9 март, 2018 - 9:58 (META) 

Порастот на Бруто домашниот производ (БДП) од 1,2 отсто во последното тромесечје од 2017 година ја потврдува исправноста на економските политики на Владата предводена од СДСМ и е уште еден во низата показатели дека економијата се стабилизира и се движи во добар правец, порачува СДСМ.

Во однос на обвинувањата за нула отсто на економскиот пораст што вчера ги искажа Трајко Славевски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, владејaчката партија вели дека негативните економски показатели се резултат на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.

„Последните три месеци од криминалното и расипничко владеење на ВМРО-ДПМНЕ и нивните погубни политики донесоа пад на економијата од 1,3 отсто во првиот квартал од 2017 година. Дополнително, преку политиките на деструкција, блокади и насилство кое кулминираше на крвавиот четврток, ВМРО-ДПМНЕ предизвика економска и правна несигурност за граѓаните и стопанството а сето тоа поразително се одрази врз економијата“, обвинува СДСМ.


Славевски: Нема пораст, нема инвестиции – издишаа економските очекувања од СДСМ


Скопје, 8 март, 2018 - 16:49 (META) 

Издишаните очекувања кај економските субјекти од новата власт предводена од СДСМ се гледаат преку непостоечкиот пораст на економијата, а дополително падот на бруто-инвестициите укажува дека и во следните години македонската економија ќе остварува ниски стапки на пораст, порача денеска Трајко Славевски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

– Во периодот кога вообичаено се очекува забрзување на порастот на економијата по природен пат, а тоа е последниот квартал во годината, ова важи за сите земји – развиени и неразвиени – кога расте потрошувачката на населението, Република Македонија бележи минимален пораст на бруто домашниот производ од само 1,2% и тоа претставува трет најнизок пораст во Југоисточна Европа – рече тој зборувајќи за податоците за последниот квартал на минатата година.

На партиската прес-конференција, поранешниот министер за финансии ваквите резултати ги припиша на падот на градежните активности од околу 20 отсто и на, како што рече, минималниот пораст на индустриското производство од 2,3 отсто во последното тримесечје на минатата година.

– Исто така пад бележат сите други дејности, (информации и комуникации, финансиски услуги, јавна управа и одбрана, активности во врска со недвижниот имот) освен дејностите трговија и земјоделство. На расходната страна, е она што повеќе не загрижува, пад од 1% забележуваат бруто-инвестициите кои се и показател за идните движења во економијата. Падот на инвестициите укажува дека македонската економија и во следните години ќе остварува ниски стапки на пораст – рече Славевски.


СДСМ: Агенцијата „Фич“ ја потврди успешноста на реформите


Скопје, 4 февруари, 2018 - 10:59 (META) 

Промената на изгледот на Македонија од негативен во позитивен од страна на меѓународната агенција за оценка на кредитниот рејтинг „Фич“, е потврда дека реформите на Владата, финансиската и економска стабилизација, како и економските мерки носат позитивни резултати, се вели во соопштението на СДСМ.

Од таму додаваат дека „на подобрувањето на изгледот влијаеше политичката стабилизација, подобрувањто на меѓународната позиција на земјава, напредокот на реформите од „планот 3-6-9“, резултатот на локалните избори како потврда на дадениот мандат на граѓаните за реформи.“

„На потврдата на рејтингот ББ влијаеја одржувањето на ниска инфлација, како и обезбедената финансиска стабилност преку соодветна финансиска политика. Владата предводена од СДСМ продолжува да работи одговорно, спроведувајќи мерки што се во интерес на граѓаните и кои што обезбедуваат придвижување на економијата, подобар животен стандард, економски раст, повисоки плати и отворање нови работни места“, се додава во соопштението.


Извозот на компаниите од ТИР-зоните, лани изнесувал 2 милијарди евра


Скопје, 3 јануари, 2018 - 11:41 (META) 

Вредноста на извозот на компаниите од ТИР-зоните, лани надмина 2 милијарди евра, што претставува пораст од 29,2 проценти во однос на остварениот извоз во 2016 година, информираат од Дирекцијата за ТИРЗ.

ТИР-зоните за прв пат нудат еднакви и транспарентни услови за инвестирање и ги отвораат своите врати за домашните инвеститори.

„По објавувањето на Планот за економски пораст забележан е зголемен интерес за нови инвестиции на компании со домашен и странски капитал. Одредени проекти се во различни фази на реализација, што укажува на раздвижување на инвестициската активност на компаниите, стабилизација на деловната и политичка клима и услови за поинтензивен економски раст на Македонија во 2018 година“, се вели во соопштението.

Македонската компанија „Хај-тек“ и германската компанија „Герман електро-системс“, според најавите, се очекува да започнат со работа на почетокот на годината, додека италијанската компанија„МСА“ е во финална фаза на изградба на новата фабрика.

Во последниот квартал од 2017 година поставен е камен-темелник на турската компанија „Чагатај кабло“, за производство на жици и кабли, а потпишани се и инвестициски договори со турската компанија „Мурат тиџарет“ која ќе произведува кабли и електрични инсталации и со германската компанија „Кеслер“ за производство на електромотори.


Светска банка препорачува Владата да ги одложи ад хок зголемувањата на пензиите


Скопје, 16 ноември, 2017 - 19:05 (META) 

Поради долготрајната политичка криза, Светската банка во редовниот есенски извештај за Западен Балкан проектира економскиот пораст на Македонија до крајот на годината да изнесува 1,5 отсто. Проекцијата за порастот за следната година е 3,2 проценти, а за 2019 година – 3,9 проценти, со очекување да закрепнат инвестициите и потрошувачката.

Светска банка наведува дека приоритет за Македонија е фискална консолидација со зголемено ниво на приходи и подобрена ефикасност на приходната и на расходната страна.

– По разрешувањето на политичката криза, главниот ризик е поврзан со фискалната страна. Битно е да се одржи макроекономската стабилност за да не се поткопаат изгледите за пораст – рече Марко Мантованели, директор на канцеларијата на Светска банка во Македонија, во обраќањето на прес-конференцијата во Приштина, која беше пренесувана во седиштето на банката во Скопје.

Главен двигател на порастот се очекува да биде приватната потрошувачка и зголемувањето на инвестициите повразни со изградбата на двата автопатишта.

Фискалниот дефицит се очекува да се намали на 2,2 проценти до 2019 година, за што Владата треба да почне реформи со зголемување на наплатата на даноците, намалување на трошењето и зголемување на ефиканоста на социјалните трошења.

Во врска со социјалните трошења, Светска банка ѝ препорачува на Македонија да ги рационализира субвенциите, особено во земјоделството и да обезбеди одржливост на пензискиот систем. Првата препорака е Владата да ги одложи ад хок зголемувањата на пензиите, што во изминатите години создало притисок на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

– Моментално Фондот за пензиско и инвалидско осигурување е во добра кондиција и добива трансфери од централната власт, кои се зголемуваат со тек на годините. Целта е да се намали зависноста на пензискиот фонд од тие трансфери. Ние работиме на параметарски измени во законската регулатива кои ќе ги намалат тие притисоци – рече економистот на Светска банка, Бојан Шимбов, на прес-конференција во Скопје.

Прашан дали во измените на регулативата може да влезе и делот за зголемување на старосната граница за пензионирање, Шимбов рече оти не може да одговори на тоа прашање, дека на пензиите работи конкретен специјалист и дека анализата за измените е во тек.


ЕУ ја подигна проекцијата за економскиот раст на еврозоната на највисоко ниво


Брисел, 9 ноември, 2017 - 14:32 (META) 

Европската Унија денеска ја зголеми проекцијата за економскиот раст на еврозоната за 2017 година на највисоко ниво во последните 10 години.

Европската комисија соопшти дека очекува економскиот раст годинава да биде 2,2 отсто, што е највисок од 2007 година, Претходната проценка беше на 1,7 отсто.

Европската комисија исто така го подигна растот за следната година на 2,1 отсто од претходните 1,8 отсто.

Зголемувањето е производ на позитивните економските вести од еврозоната, каде се намалува грижата за бранот популистички политичари и иднината на Грција во еврозоната.


Богов: Зголемувањето на акцизата нема да има голем директен ефект врз инфлацијата


Скопје, 2 ноември, 2017 - 13:54 (META) 

Гувернерот на Народна банка, Димитар Богов, смета дека зголемувањето на акцизата на нафтата нема да има голем директен ефект врз инфлацијата следната година.

Прашан за денешната одлука на Министерство за финансии за зголемување на акцизата на нафтата и на нафтените деривати за 3,54 денари, Богов рече дека направиле некои брзи проценки кои покажуваат дека директниот ефект нема да биде голем, а за индиректниот не можат да проценат во овие моменти.

– Сепак, остануваме на проекцијата од околу 2 проценти инфлација во 2018 година и нема да има некое позначително нарушување – додаде Богов.

Народна банка предвидува економскиот пораст за оваа година од 0,5 проценти, што е надолна проекција споредено со таа од април оваа година, кога се предвидуваше пораст од 2,5 отсто.

Гувернерот Димитар Богов објасни дека ова се должи на негативните резултати од првиот квартал, но и на продолжување на трендот заклучно со третиот квартал, односно на падот на индустриското производство и на градежништвото.

Тој очекува дека четвртиот квартал ќе биде со подобри економски показатели и ќе извлече пораст на економијата од 0,5 проценти.

– За следната година се очекува стабилен амбиент и исцрпени ефекти од домашната политичка криза. Се очекува подобрување на надворешното опкружување, што ќе се услови зголемување на извозот, забрзување на инвестициите во инфраструктурата и зголемување на странските инвестиции, како и зголемена доверба на домашните субјекти – рече Богов.

Тој предвидува дека со зголемувањето на довербата кај домашните субјекти, ќе се зголеми и личната потрошувачка.

– Стабилниот домашен амбиент покажува потенцијал за солиден економски пораст, стабилни цени и солиден депозитен и кредитен пораст – додаде Богов.


Кредитниот рејтинг на Македонија е стабилен, потврди „Стандард и Пурс“


Њујорк, 16 септември, 2017 - 13:53 (META) 

Американската компанија за финансиски истражувања и анализи „Стандард и Пурс“ (Standard and Poor’s) потврдила дека кредитниот рејтинг на Македонија е ББ-, со стабилниот изглед, соопшти денеска Министерството за финансии.

Потврдата на стабилниот изглед, стои во соопштението, ги одразува оценките на „Стандард и Пурс“ за балансирани ризици помеѓу траекторијата на јавниот долг и политичката неизвесност од една страна, и поволните економски перспективи на земјата од друга страна.

Економскиот пораст за 2017 година, според извештајот, е ревидиран на еден отсто, првенствено поради ефектите на политичката криза врз негативните движења на домашниот бруто-производ (БДП) во првата половина на годината и одложувањето на дел од јавните и приватните инвестиции.

„Сепак, се оценува дека овој пад е привремен, што ќе резултира со повисок економски пораст до крајот на годината, како и негово понатамошно интензивирање на просечен раст на БДП од 3 отсто меѓу 2018 и 2020 година, при позитивен придонес на инвестициите, потрошувачката и нето-извозот. Очекуваниот буџетски дефицит во 2017 година изнесува околу 3 отсто, односно се оценува дека тој е во линија со дефицитот предвиден во ребалансот. Извештајот, исто така, ја нотира политиката на постојани буџетски дефицити во претходните години, но сепак оценува дека постои одреден простор за флексибилност на политиките, при очекуван просечен буџетски дефицит од 3 отсто од БДП во наредните четири години. Иако, буџетскиот дефицит ќе го зголеми притисокот врз долгот, во 2017 година се очекува тој да изнесува 46,5 отсто од БДП (збир на државниот долг и долгот на Јавното претпријатие за државни патишта), односно, во глобален контекст, степенот на задолженост на Македонија е оценет како умерен“, стои во соопштението на Министерството за финансии.

„Стандар и Пурс“ во извештајот навеле дека може да дојде до подобрување на рејтингот доколку реформите насочени кон економски пораст резултираат со повисок пораст на доходот, повисока ефективност и отчетност на јавните институции и процесот на водење на политики. Наспроти ова, врз евентуално влошување на кредитниот рејтинг може да влијае враќањето на политичките тензии.


Економскиот тим на Министерството за финансии се сретна со гувернерот Богов


Скопје, 7 јуни, 2017 - 17:27 (META) 

Економскиот тим на Министерството за финансии денеска се сретнал со гувернерот на Народната банка, Димитар Богов, информираат оттаму.

Тие разговарале за унапредување на соработката помеѓу Министерството за финансии и Народната банка и за важноста на координацијата на фискалната и на монетарната политика за економскиот систем.

На средбата, и двете страни ја потврдиле заложбата за одржување на макроекономската стабилност и за спроведување политики што ќе придонесат за одржлив економски пораст.


„Македонија 2025“: Потребна е добра економска клима за да продолжат инвестициите


Скопје, 19 мај, 2017 - 11:12 (META) 

Платформата „Македонија 2025“ се надева дека со постигнувањето на последното политичко решение ќе дојде до  конечно решавање на долгата политичка криза во Македонија.

Оттаму повикуваат на создавање добар економски амбиент за да продолжат инвестициите.

„Ги повикуваме сите релевантни партии, групи и организации што беа опфатени од политичката криза да ги стават настрана своите партиски интереси и да се фокусираат на градење добра економска средина, во која странските и локалните компании и претприемачи ќе бидат стимулирани да ги продолжат своите инвестиции во Македонија. Важно е да се нагласи дека во мошне компетитивната глобална арена, земјите овозможуваат позитивна економска клима и политичка стабилност, што резултира со враќање на придобивките кон граѓаните по пат на економски пораст. Ова е наша заложба како организација и кон таа цел продолжуваме да даваме поддршка на Република Македонија и на нејзините граѓани,“ велат од „Македонија 2025“.