fbpx

Светска банка: Ризиците од пандемијата присутни, догодина економскиот раст на земјава ќе биде 3,5 отсто

-

Економската криза предизвикана од ковид пандемијата резултираше со просечен негативен раст на економиите во регионот од 3,4 проценти, а оваа година земјите на Западен Балкан се очекува да забележат просечен раст од 4,4 проценти. Тој се очекува да биде поумерен во 2022 и во 2023 година, околу 3,7 проценти, како резултат на штетите од пандемијата, кои и понатаму предизвикуваат намалени инвестиции и вработувања во регионот. Предвидениот раст на БДП за Република Северна Македонија за следната година е 3,5 отсто, со што економијата ќе се врати на нивото од пред пандемијата, се вели во најновиот Извештај на Светска банка за економиите на Западен Балкан.

Во Извештајот се оценува дека Владата навреме одговорила со мерките за поддршка на стопанството за ублажување на последиците од кризата, и се препорачува да се продолжи со поддршката кон оние сектори каде е најпотребна, бидејќи ресурсите не се неограничени. Што се однесува до јавниот долг во земјава, тој достигнал 60 проценти од БДП и се очекува да продолжи да расте, но со побавно темпо во однос на минатата година, затоа што економијата е на пат кон закрепнување.

„Враќањето на патеката на одржливост ќе биде висок приоритет на земјата, а на среден рок изгледите се позитивни“, оценува Светска банка, и нагласува дека и понатаму постојат негативни ризици бидејќи пандемијата е присутна и ќе остане подолго, доколку не се забрза вакцинацијата.

Долгорочните политики на кои ќе треба да се насочи Владата се во градењето на силни институции, владеењето на правото, реформите во образованието, инвестициите во човечкиот капитал, дигитализацијата и зелената транзиција.

„Пандемијата го запре деценискиот напредок во подобрувањето на приходите и намалувањето на сиромаштијата во земјите од регионот, а пазарите на труд надоместија само половината од работните места загубени во пандемијата оставајќи голем број луѓе без работа. Иако стапката на невработеност се намали – од 13,5 проценти во 2019 година на 12,6 проценти во 2020, на крајот на 2020 година во земјите од Западен Балкан се загубија скоро 139.000 работни места, од 165.000 до 360.000 граѓани живеат во сиромаштија, а невработеноста на младите порасна на 33,6 проценти“, стои во Извештајот.

Во него се додава дека почетокот на вакцинацијата, подобрувањето на довербата, на потрошувачката и на трговијата ќе помогнат во подобрување на состојбите, но дека земјите мора да продолжат со напорите за зајакнување на политиките што водат кон раст.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.