fbpx

Новите макроекономски проекции на Народна банка за годинава и за 2023 полоши отколку претходните

-

Новите макроекономски проекции на Народната банка (НБ) за годинава и за 2023 година се полоши отколку истите направени во април годинава, соопшти гувернерката на НБ, Анита Ангеловска-Бежоска. И предвидената инфлација во новите проекции е поголема од таа прогнозирана во априлската сесија на макроекономски проекции.

Општо земено, најновите оцени за растот на македонската економија се понеповолни во однос на априлскиот циклус проекции за оваа и за следната година, под влијание на војната во Украина којашто продолжува, а со тоа се продлабочува енергетската криза, што, пак, посилно се одразува врз изгледите за растот и инфлацијата.

„Надворешниот амбиент за домашната економија е понеповолен, во споредба со периодот на изготвување на пролетните проекции. Натамошните геополитички тензии од воената инвазија на Русија врз Украина, како и пандемијата на ковид-19 којашто сѐ уште трае, го влошуваат глобалниот амбиент, неповолно делуваат на економските изгледи и создаваат дополнителни притисоци врз цените на светските пазари на примарни производи и врз светската инфлација. Сево ова доведе до побавно постпандемично закрепнување и продлабочување на енергетската криза којашто се одразува врз трошоците на живот“, соопшти НБ.

Инфлацијата во октомвриските проекции во однос на априлските е прогнозирана на повисок процент. За 2022 година, се предвидува просечна годишна инфлација од 14,3 отсто. За следната година, се очекува намалување на увозните цени, со што би се намалиле и притисоците врз домашната инфлација. При вакви очекувања, како и оцени за отсуство на поголеми притисоци од побарувачката, за 2023 година се очекува дека просечната стапка на инфлација ќе биде поумерена и ќе изнесува 8 ‒ 9 отсто, во зависност од порастот на цените на електричната енергија на регулираниот пазар. За 2024 година се очекува дека инфлацијата значително ќе забави, сведувајќи се на 2,4 отсто и ќе се врати на историскиот просек од 2 отсто во 2025 година.

Од другата страна, изгледите за растот на домашната економија се коригирани надолу, при што се изготвени две можни сценарија. Според основното сценарио, стапките на раст изнесуваат 2,3 отсто и 2,6 отсто за 2022 и 2023 година, соодветно, поддржани од домашните фактори поврзани со најавените инфраструктурни инвестиции и инвестициите за проширување на капацитетите кај дел од извозниот сектор.

Доколку оваа поддршка биде послаба од очекувањата, во второто сценарио економските изгледи ќе изнесуваат 2 отсто и 1,8 отсто за оваа и за следната година. На среден рок, се предвидува зголемување на растот на БДП на 3,6 отсто во 2024 година и на 4 отсто во 2025 година. Ризиците околу проектираната патека на растот се надолни и ќе зависат главно од надворешното окружување.

Според последните процени, за 2022 година се очекува дека дефицитот во тековната сметка на билансот на плаќања ќе изнесува 7,4 отсто од БДП, наспроти 3,1 отсто во 2021 година. Финансирањето на тековниот дефицит, како и досега, би било овозможено од приливите преку директните инвестиции и задолжувањето на државата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...