Со 50 милиони евра, ќе се подобрува водоснабдувањето во сите општини низ земјава

Извор на фотографија: Водовод и канализација-Скопје

Високиот процент на загуби на вода за пиење, изведбата на водоснабдителни системи за одредени населени места, реконструкцијата на постојните водоводи и други проблеми со водоводната инфраструктура во земјава ќе можат да се решат со најновиот заем во висина од 50 милиони евра, за којшто земјава денеска го потпиша договорот со Европската инвестициска банка (ЕИБ). Средствата ќе бидат наменети и за заштита од поплави, но и за управување со отпадните води, а заемот ќе биде отворен за сите 80 општини низ државата, информираат од Министерството за финансии.

Потпретседателката на Европската инвестициска банка (ЕИБ), Лилјана Павлова, ја посети Северна Македонија и заедно со министерот за финансии Фатмир Бесими, евроамбасадорот Дејвид Гир и министерот за животна средина Насер Нуредини ги потпишаа договорите за реализација на овој проект.

„Овие активности ќе придонесат за подобрување на покриеноста, квалитетот и климатската отпорност на услугите за водоснабдување и санитарните услуги, истовремено заштитувајќи ги јавното здравје и животната средина. Проектот ќе донесе придобивки за околу 700.000 луѓе, ќе помогне да се создадат нови економски можности и да се зајакне отпорноста на климатските промени за околу 40 отсто од населението во земјата“, информираат од Европската инвестициска банка.

Избраните општини ќе можат да ги искористат средствата за модернизација и изградба на инфраструктура за водоводна и отпадна вода, дистрибутивни и колекторски мрежи, како и итни мерки за заштита од поплави. Министерството за животна средина и просторно планирање на Северна Македонија ќе ја спроведе програмата за општински инвестиции во вода со техничка поддршка од ЕИБ во износ од 1,2 милиони евра.

„Ова е стратешка инвестиција за земјата со поддршка на Тим Европа и приоритет кога станува збор за обезбедување подобри услови за живеење на граѓаните, како и пат за пристапување во ЕУ и усогласување со стандардите на ЕУ. Таа ќе помогне да се затвори значителниот инвестициски јаз во секторот за вода и ќе им обезбеди на нашите локални партнери долгорочен извор на финансирање за да ги задоволат нивните потреби и цели за одржливост“, изјави потпретседателката на ЕИБ, Лилјана Павлова, која е одговорна за операциите во Северна Македонија.

Министерот за финансии Фатмир Бесими рече дека владата ќе им стави на располагање на општините 50 милиони евра како директна финансиска поддршка, кои ќе бидат донирани за реализација на инфраструктурните проекти.

„Министерството за животна средина и просторно планирање е подготвено да пристапи кон реализација на проектите утврдени како приоритети во општините. Од општините очекуваме подготвеност и зрелост за да се подготви потребната проектна документација за брза и успешна реализација и искористување на предвидените финансии. Брзата имплементација значи отворање нови можности за инвестирање“, потенцираше министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.

Инвестицијата е поддржана од Европскиот фонд за одржлив развој плус (EFSD+), кој е дел од финансиската рамка на ЕУ за земјите партнери за поддршка на јавната и приватната инфраструктура.

„Оваа нова инвестиција ќе ѝ помогне на Северна Македонија да обезбеди одржливо управување со своите водни ресурси, особено преку развој и подобрување на системите за собирање и третман на отпадни води, снабдување со вода за пиење и функционирање на канализационата мрежа, како важна еколошка инфраструктура“, изјави амбасадорот на ЕУ во земјава, Дејвид Гир.

Рушиме рекорди, во летниот период потрошувачката на вода за пиење се зголемува за 15 отсто [инфографик]

Инаку, Мета.мк за темата за загубите на вода за пиење во водоводните системи, проблемите со водоснабдувањето на некои општини и големата и нерационална потрошувачка на питката вода пишува уште од почетокот на 2020 година.

Инвестирањето во намалување на загубите на води е до 40 пати поевтино од барањето нови извори (инфографик)

И покрај тоа што од година во година постепено се намалува процентот на неприходувана вода во водоводните системи на национално ниво, просекот од околу 60 проценти на неприходувана вода во земјава е далеку под прифатливиот процент на загуби на вода за Меѓународната асоцијација на води, кој изнесува под 30 отсто.

Загубите на вода за пиење во Скопје лани достигнале над 60 отсто [инфографик]