Трнлив и долг е патот до промени на Уставот (инфографик)


Скопје, 8 октомври, 2018 - 16:41 (META) 

Промената на Уставот со уставни амандмани не е ни малку лесна и едноставна процедура. На предлагачот на измените, во овој случај на Владата, во два наврати и е потребно двотретинско мнозинство. Еднаш за да го отвори и еднаш за да го затвори Уставот, процедура која трае неколку месеци.

Според Уставот, одлука за пристапување кон измена на Уставот донесува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Нацртот за измената на Уставот го утврдува Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и го става на јавна дискусија. Одлука за измена на Уставот донесува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Измената на Уставот ја прогласува Собранието.

Деловникот на Собранието е поконкретен и детално во 10 членови ја објаснува процедурата и чекорите кои треба да се поминат за да се измени Уставот со амандмани:

  • Предлог за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија можат да поднесат претседателот на Републиката, Владата, најмалку 30 пратеници или 150.000 граѓани.
  • Предлогот за пристапување кон измена на Уставот, претседателот на Собранието го доставува до пратениците и до претседателот на Републиката и до Владата, кога тие не се подносители на предлогот.
  • По предлогот за пристапување кон измена на Уставот на седницата на Собранието се води претрес во целина кој може да трае најмногу десет работни дена.
  • Претресот по предлогот за пристапување кон измена на Уставот во Комисијата за уставни прашања може да трае најмногу десет работни дена.
  • Одлуката за пристапување кон измена на Уставот, Собранието ја донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
  • По донесувањето на одлука за пристапување кон измена на Уставот, Собранието со заклучок утврдува рок во кој подносителот на предлогот за пристапување кон измена на Уставот изготвува текст на нацртот на амандманите на Уставот.
  • Текстот на нацртот на амандманите на Уставот со образложение, предлагачот го доставува до претседателот на Собранието кој го доставува до пратениците и до претседателот на Републиката и до Владата, кога не се предлагачи, најдоцна 30 дена пред одржувањето на седницата на Собранието.
  • Претресот во Собранието се води по текстот на нацртот на секој амандман одделно и може да се дадат мислења и предлози. Претресот може да трае најмногу три работни дена по текстот на нацртот на секој амандман одделно.
  • Претресот во Комисијата за уставни прашања и во Законодавноправната комисија може да трае најмногу три работни дена по текстот на нацртот на секој амандман одделно.
  • Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, го утврдува нацртот на секој амандман на Уставот одделно.
  • Нацртот на амандманите Собранието го става на јавна дискусија.
  • Собранието определува рок за спроведување на јавната дискусија, начинот на објавувањето на нацртот на амандманите и рок во кој предлагачот како носител на јавната дискусија до Собранието поднесува извештај за резултатите од јавната дискусија и текст на предлогот на амандманите на Уставот.
  • На текстот на предлогот на амандманите на Уставот, предлагачот, секој пратеник, работно тело и Владата кога не е предлагач, можат да поднесат амандмани најдоцна осум дена пред седницата на Собранието на која ќе се усвојуваат амандманите на Уставот.
  • Комисијата за уставни прашања и Законодавно-правната комисија по текстот на предлогот на секој амандман на Уставот водат општ претрес и претрес по текстот, кој може да трае најмногу три работни дена.
  • По текстот на предлогот на секој амандман на Уставот се води општ претрес и претрес по текстот кој може да трае најмногу три работни дена.
  • Собранието се изјаснува одделно за секој амандман на текстот на предлогот на амандманите на Уставот, со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
  • Амандманите за измена на Уставот се донесуваат со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Богоевски: Нема повреда на Деловникот на која укажуваат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 14 март, 2018 - 15:17 (META) 

Претседателот на Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања, Павле Богоевски рече дека комисијата може да заседава ако тоа го побара претседателот на Собранието, Талат Џафери. Тој објасни дека најпрво треба да има повреда на Деловникот, односно да не се разгледуваат амандманите, па потоа Комисијата да го каже нејзиниот став.

„Немаме наводна поврeда на Деловникот, на која укажуваат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Сè уште не сме стигнале до тоа дали амандманите ќе се разгледуваат“, изјави Богоевски за „Макфакс“

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, на денешната Собраниска седница на која на дневен ред е ставен законот за употреба на јазиците во трето читање побара да се прекине седницата и да заседава Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања која треба да одлучи дали да има расправа по 36.000 амандмани поднесени од ВМРО-ДПМНЕ.


Димовски: Собранието не може да го избегне разгледувањето на амандманите


Скопје, 30 јануари, 2018 - 14:28 (META) 

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, смета дека Собранието не може да го избегне разгледувањето на поднесените амандмани за Законот за употреба на јазиците, а ако тоа се случи, би било целосно погазување на Уставот и на уставниот поредок.

– Тоа ќе е конечно згазување на функцијата на Собранието. Мојот апел до претседателот на Собранието, Талат Џафери е да размислува во правец дека токму тој ја има улогата да обезбеди функционирање на Собранието, и низ демократски и правно издржана процедура, да бидат акцептирани ставовите на различни сегменти од македонското општествено и политичко милје – рече Димовски.

Тој додаде дека, поднесените амандманите од страна на опозицијата се исклучиво врз основа на укажувањата на Иванов.

– Во Собранието не постои ниту функција, ниту институција која на пратениците може да има забрани или да им ускрати право да поднесат амандмани, која што може да забрани или одземе право на Собранието да се произнесе за поднесените амандмани. Уставноста може да се оценува само на донесен закон, но Законот за употреба на јазиците се уште не е донесен – додаде Димовски и појасни дека, поднесувањето на 35.569 амандмани е со цел да ја разбуди свеста кај парламентарното мнозинството и Владата, дека за овие прашања треба да биде постигнат општествен, а не само политички консензус.


Комисиската расправа за буџетот одложена по петти пат


Скопје, 5 декември, 2017 - 11:04 (META) 

Првото продолжение на 12. седницата на Комисијата за финансирање и буџет, кое беше закажано за денеска во 11 часот, се одложува по петти пат.

„Се одложува продолжението на 12. седница на Комисијата за финансирање и буџет, на која се води претрес по предлог-буџетот за 2018 година, свикано за денеска со почеток во 11 часот“, известија од Собрание.

Според деловникот, расправата во матичната комисија трае 10 работни денови. Поднесени се 279 амандмани, од кои 204 од ВМРО-ДПМНЕ, а 75 од Беса.


Кривична пријава за велешкиот градоначалник Чадиев поради одморалиште во Горно Врановци


Велес, 11 септември, 2017 - 15:08 (META) 

СВР Велес поднесе кривична пријава против актуелниот градоначалник на општина Велес, Славчо Чадиев, поради постапка што ја направил како претседавач на Советот на Општина Велес во 2012 година. СВР го товари за прекршување на деловникот на Општината, во врска со предавањето на синдикалното одморалиште од Општина Велес на Општина Чашка.

Според соопштението од Секторот за внатрешни работи – Велес, С.Ч. (58) од  Велес се товари за злоупотреба на службена положба и овластување, бидејќи на 62. седница на Советот на Општина Велес одржана на 11 јули 2012 година, претходно симнатата точка 6 од дневниот ред, за пренесување на правото на сопственост на недвижен имот од Општина Велес на Општина Чашка, побарал по итна постапка повторно да биде вратена на дневниот ред, по што таа бил изгласана. Тоа го направил со прекршување на член 61, став 4 од деловникот за работа на Советот.

Општина Велес била сопственик на Синдикалното одморалиште во селото Горно Врановци кое било градено со средства на поранешните претпријатија што работеле на подрачјето на општина Велес, а во 2004 година било преземено до Комисијата за приватизација на Република Македонија и доделено на стопанисување на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија. По судска постапка помеѓу Општина Велес и претпријатието, одморалиштетото на 15 јуни 2012 година било вратено на Општина Велес.

По само една недела од одлуката, Општина Чашка до Општина Велес поднела барање одморалиштето да се пренесе на неа, и Чадиев го ставил барањето на дневниот ред на 62. седница на Советот, по што со гласање било симнато од дневниот ред.

Потоа, како што вели СВР Велес, Чадиев веднаш предложил по итна постапка барањето да се постави на дневен ред како нова точка, иако од членови на Советот му било укажано дека е тоа спротивна на деловникот. Потоа барањето било изгласано, а по стекнувањето сопственост, Општина Чашка веднаш го огласила за продажба.


МОСТ: Најдолгата конститутивна седница ја овозможија пратениците од ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 18 август, 2017 - 14:42 (META) 

За прв пат во историјата на парламентарна Република Македонија конститутивната седница на Собранието траела 22 работни дена во период од 5 месеци, наспроти вообичаените 1 до 2 дена. Причината за ова е злоупотребата на сите видови обраќања од пратениците: дискусија, реплика, контра-реплика и процедурално обраќање. Сите пратеници од коалицијата ВМРО-ДПМНЕ (51) се јавиле за збор, од кои 16 го искористиле правото да дискутираат до 27 април. Само еден од говорниците се придржувал кон точката на дневен ред – избор на Комисија за прашањата на изборите и именувањата.

Тоа се вели во новиот извештај за набљудувањето на работата на Собранието на Република Македонија, спроведено во проектот „Вклучени граѓани за одговорно и транспарентно Собрание“ од граѓанската асоцијација МОСТ денес.

Во извештајот се вели дека Деловникот бил прекршен во 1.566 од вкупно 1.812 говори (86%), а најмногу бил прекршуван од страна на пратениците од коалицијата ВМРО-ДПМНЕ, со 1.352 прекршувања (86% од вкупниот број прекршувања), по што следи коалицијата СДСМ со 148 прекршувања (9% од вкупниот број прекршувања).


ВМРО-ДПМНЕ ќе формира 10 пратенички групи во Собранието


Скопје, 6 јули, 2017 - 12:53 (META) 

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, на брифинг со новинарите во Собранието соопшти дека поднеле допис до претседателот на парламентот за формирање 10 пратенички групи во Собранието.

Според дописот, ВМРО-ДПМНЕ бара девет од групите да бројат по пет пратеници, а една да има шест члена.

На првата група од шест члена, координатор ќе биде Илија Димовски. На втората пратеничка група, координатор е Антонијо Милошоски, на третата – Зоран Илиоски, на четвртата – Владанка Авировиќ, на петтата група координатор е Даниела Рангелова, на шестата – Панчо Минов, на седмата – Димитар Стевананџија, на осмата – Драган Данев, на деветтата – Благица Ласовска и на десеттата пратеничка група – Драган Цуклев.

Поранешните премиери Никола Груевски и Емил Димитриев, како и поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски нема да бидат кооридинатори на групите, туку ќе бидат дел од првата пратеничка група од шест члена.

Димовски информираше дека ВМРО-ДПМНЕ ова го прави за да може да се искористи деловничкото право со можност за поголемо учество во дискусијата.

Според Деловникот, на координаторите на пратеничките групи им е дозволено да дискутираат по 15 минути и да се јавуваат за процедурални забелешки по три минути.


Илиоски: Со изборот на Џафери, СДСМ ги погази Уставот и волјата на народот


Скопје, 10 мај, 2017 - 15:17 (META) 

СДСМ и Горан Мисовски нелегално го избраа Талат Џафери на позицијата претседател на Собранието и покажаа дека се подготвени да ги погазат и Уставот и волјата на народот за да ги платат политичките фактури од албанските партии и да ја реализираат албанската платформа, обвини денеска на партиска прес-конференција Зоран Илиоски, пратеник и член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

– На оваа незаконска одлука, како потписник стои Горан Мисовски со функција заменик-претседавач на Конститутивната седница на Собранието на Македонија. Ова е класичен фалсификат и прекршување на законот. Мисовски немал апсолутно никаква функција да претседава со срамниот собир на кој беше направен обид за избор на Талат Џафери, а уште помалку да се потпишува на нелегитимна одлука. СДС и неговите партнери во низа извршија неколку кршења на деловникот и на нормите – рече Илиоски.

Според него, првото прекршување било тоа што пратениците од СДСМ и нивните партнери продолжиле со работа „по затворање на седницата во 18 часот, од страна на единствениот легитимен претседавач, Трајко Велјаноски“.

– Потоа следуваше ново прекршување со нелегитимниот избор на Мухиќ, а потоа и Горан Мисовски за претседавачи, спротивно на нормите и на процедурите. СДС го оневозможи највисокото демократско парламентарно право, правото на дискусија на пратениците. СДС го прескокна формирањето на Комисија за избори и за именување со што спречи истата да предложи и други кандидати за претседател на Собранието. СДС го погази и правото на пратениците да соберат потписи и да предложат и други кандидати за претседател на Собранието. На крај, без никакво пребројување на гласовите и на присутните, без никаков стенограм и ангажман на стручните служби, СДС нелегално се обиде да си избере претседател на Собранието. Ова дело извршено од Мисовски, е дел од сценариото на СДС да изврши државен удар, да ги погази процедурите, законите, Уставот и деловникот на Собранието на Република Македонија – рече Илиоски.


СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ да ги поддржи реформите, наместо да продолжува со лаги


Скопје, 6 мај, 2017 - 16:11 (META) 

„ВМРО-ДПМНЕ мора да најде сила да биде конструктивна опозиција, која ќе ги поддржи реформските процеси, наместо да продолжува со лагите за личните интереси на Никола Груевски“, се вели во реакцијата на СДСМ на прес-конференцијата на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев.

Оттаму велат дека демократските процеси се одвиваат во согласност си Уставот, законите и со деловникот.

„Тоа го знае целата домашна, но и меѓународна јавност, која го поздрави именувањето на новиот собраниски претседател“, велат од СДСМ.


Груевски на „Фејсбук“: Изборот на Џафери за спикер е диктаторски акт


Скопје, 3 мај, 2017 - 16:36 (META) 

Талат Џафери влезе во кабинетот на претседателот на Собранието со брутално кршење на Уставот, законот и на деловникот на Собранието и сè што во иднина би се донело со негово учество, потпис ќе биде плод на диктаторски акт за назначување претседател на Собранието, напиша денеска на „Фејсбук“ лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

„Во демократско општество, владеењето на мнозинството доколку не се заснова врз начелото на владеење на правото, всушност, преставува и се нарекува „диктатура“. Ниедна демократска влада во светот не смее да биде избрана со кршење на начелото на владеење на правото. Тоа на самиот почеток претставува диктатура. Многу диктаторски влади биле признати од демократски системи, од една или друга причина. Тоа нема да ја смени сликата. Ниту, пак, дека имале мнозинство, за кое немаше ниту запис, броење, стенограм и слично, за противзаконскиот и противуставен акт“, напиша Груевски на својот фејсбук-профил.