!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Прифатено обвинението за „Титаник 2“, на обвинителна клупа Мијалков и Тачи


Скопје, 7 декември, 2017 - 10:04 (META) 

Советот за оценка за обвинителен акт при Основниот суд Скопје 1 го прифатил обвинението на СЈО за предметот „Титаник 2“, во врска со изборни нерегуларности.

Во случајот обвинети се поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, лидерот на ДПА, Мендух Тачи, членот на ДИК од ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Срцев, како и поранешните членови на ДИК, Бедредин Ибраими и Анета Стефановска и Влатко Сајковски.

Советот не го прифатил предлогот за злоупотреба на службената положба да одговараат и петте судии од Управниот суд. Претходно судскиот совет им го одзеде имунитетот на управните судии Билјана Никодиновска-Петровска, Лидија Ивановска, Благородна Рангелова, Анета Џигерова и Газмент Фејзула, кој ги штитеше од кривична одговорност.

Предметот „Титаник 2“ се однесува на местење резултати на локалните избори во 2013 година. Според „бомбите“ што ги објави опозицијата, Мијалков и Тачи се договарале за гласање во однос на поднесени приговори до ДИК.

Апелацискиот суд одлучи прислушуваните разговори да бидат употребени како докази во постапката.


Апелација денеска ќе ја соопшти одлуката дали „бомбите“ за „Титаник 2“ ќе станат докази


Скопје, 22 ноември, 2017 - 10:30 (META) 

Апелацискиот суд Скопје денеска треба да ја соопшти одлуката дали „бомбите“ ќе се користат како докази во предметот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) за изборни нерегуларности „Титаник 2“.

На јавна седница во скопскиот Апелациски суд, СЈО ги изнесуваше своите аргументи зошто снимките од прислушуваните разговори треба да бидат вклучени како докази во „Титаник 2“.

Станува збор за две снимки од разговори, од кои во едниот, кој се водел меѓу поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, и Мендух Тачи, се слуша како тие се договараат за гласање по однос на приговори на изборите во ДИК.

Одбраната на обвинетите и обвинетите Мијалков, Тачи, како и поранешниот член на ДИК, Бедредин Ибраими, сегашниот член на ДИК, Сашо Срцев, како и петтемина судии од Управниот суд, не дојдоа на вчерашната јавна седница.


Ермира Асани-Салија предложена за нов член на ДИК од Беса


Скопје, 20 септември, 2017 - 12:17 (META) 

Собраниската комисија за прашања на изборите и на именувањата на денешната седница го потврди предлогот на Беса, Ермира Асани-Салија да биде нов член на Државната изборна комисија (ДИК).

Асани-Салија е дипломиран правник од Гостивар и членка на централното претседателство на Беса.

Таа доаѓа на местото на Бедредин Ибраими од ДПА, бидејќи сега Беса е четврта партија во Собранието според бројот на пратеници по предвремените парламентарни избори што се одржаа на 11 декември минатата година.

Претседателот на Комисијата, Илија Димовски, изрази благодарност до Бедредин Ибраими за досегашниот ангажман и коректната работа како член на ДИК.

Како што е највено, изборот на новиот член на ДИК ќе биде ставен на дневен ред на денешната пленарна седница.


Беса ги прогласи Ибраими и Јакупи од ДИК за „херои на ВМРО“


Скопје, 14 јануари, 2017 - 15:29 (META) 

Претставниците на младинскиот форум на Движењето Беса денеска пред Музејот на македонската борба, што го нарекоа „музеј на ВМРО Али Ахмети“, ги прогласија членовите на ДИК, Бедредин Ибраими и Субхи Јакупи, за „херои на ВМРО“.

„Денеска сме тука пред музејот на ВМРО „Али Ахмети“, кој го именувавме така пред некое време, со тоа што на оваа културна институцијаа ѝ посветуваме уште два важни артефакти, и генерално, за историјата на ВМРО. Поради нивниот голем придонес за заштита на ВМРО, на Никола Груевски, Јохан Тарчуловски и на Сашо Мијалков, поддршка која се изрази особено во состаноците на Државната изборна комисија, кога на коалицијата Преродба со Беса ѝ беа земени два пратеника и кои ѝ се дадоа на ВМРО, ние од Форумот на млади на Движењето Беса, одлучивме да им ги доделиме наградите „Херои на ВМРО“ на двете лица кои најмногу придонесоа за овој резултат на ВМРО. Тие се Субхи Јакупи, претставник на ДУИ во ДИК, и Бедредин Ибраими, претставник на ДПА во ДИК“, изјавија преставници од Беса пред Музејот на македонската броба.