Повеќе од еден милион патници патувале преку двата аеродрома, првите шест месеци


Скопје, 10 јули, 2018 - 13:56 (META) 

Повеќе од еден милион патници патувале преку двата аеродроми во Скопје и Охрид во првите шест месеци од годината, што претставува годишен пораст од 21 процент, во споредба со првата половина од 2017 година, информираат од „ТАВ Македонија“.

Во истиот период, бројот на летови на двата македонски аеродроми достигнал 9.033, со годишен пораст од 16 проценти.

– Додека европските аеродроми имаат просечен пораст на бројот на патници од 6,1 процент во 2018 година, „ТАВ“ продолжува да бележи високи двоцифрени стапки на пораст на патничкиот сообраќај на македонските аеродроми. Овој позитивен тренд во порастот на воздушниот сообраќај, го потврдува големиот потенцијал што го има македонскиот воздухопловен пазар. Ќе продолжиме да правиме максимални напори за развој на аеродромите во Скопје и во Охрид, со привлекување на нови авиокомпании и проширување на мрежата на дестинации, во соработка со сите надлежни државни институции – изјави генералениот директор на „ТАВ Македонија“, Алпер Ерсој.

Најфрекфентните дестинации според патничкиот сообраќај во првите шест месеци на Меѓународниот Аеродром Скопје се Истанбул, Цирих, Базел, Виена, Малме и Братислава.

Во однос на учеството на авиокомпаниите во патничкиот сообраќај, „Виз ер“ превезува најголем број патници со 63,3 проценти пазарен удел, а потоа следуваат „Туркиш ерлајнс“ (8,1 процент), „Аустриан ерлајнс“ (5,1 процент), „Германија флуг“ (4,6 проценти), „Еделвајс“ (3,8 проценти), „Кроација ерлајнс“ (3,1 процент), „Пегасус ерлајнс“ (3 проценти).

Меѓународниот Аеродром Скопје, моментално е поврзан со 38 дестинации, кои се опслужуваат од 13 авиокомпании. Охридскиот аеродром Свети Апостол Павле има три редовни авиолинии кои функционираат во текот на целата година и осум сезонски дестинации, опслужувани од 11 авиокомпании.


Холандските туристи ја отворија летната сезона во Охрид


Охрид, 2 мај, 2017 - 13:32 (META) 

Првиот сезонски чартер-лет со 180 патници од Амстердам, кои допатуваа со авиокомпанијата „Корендон“ на аеродромот „Св. Апостол Павле“, ја отвори летната сезона во Охрид.

– Покрај редовните линии кои ги имаме преку целата година на охридскиот аеродром – за Базел, Цирих и за Лондон, како и традиционалните чартер-летови од Холандија, ова лето ќе продолжат сезонските летови кои ги отворивме во 2016 година од Белград, Брисел и од Тел Авив, додека нови чартер-летови од Полска ќе почнат од 22 јуни. Еднаш неделно 200 полски туристи ќе доаѓаат на Охридското Езеро, благодарение на договорот што го потпишавме со еден од најголемите полски тур-оператори – изјави генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Алпер Ерсој.

Ова лето на охридскиот аеродром се очекува да слетаат 183 авиони од Амстердам, со авиокомпаниите „Корендон“ и ТУИ, кои ќе донесат повеќе од 28.000 холандски туристи, информираат од компанијата.

Во исто време, од мај до октомври 2017 година, со сезонските летови, на охридскиот аеродром се очекуваат околу 2.000 патници од Брисел со „Томас Кук“, потоа 2.300 патници од Белград со „Ер Србија“ и околу 2.600 патници од Тел Авив со „Аркиа“.