Фото: Архива на „Мета“

Украинската авиокомпанија Виндроуз по само два месеца летање се одлучи да ја укине авиолинијата меѓу Скопје и Киев. Претстојниот четврток и недела ќе се реализираат планираните летови меѓу двата града, по што ќе има два нови лета на 18 и 21 март пред целосното укинување на воздухопловната врска, јавува порталот „Ex-Yu Aviation“.

Од Виндроуз засега не најавуваат укинување на другите авиолинии кон соседството, иако слично на Скопје, на крајот од 2020 година, оваа авиокомпанија ги воведе, а потоа ги укина и летовите меѓу Киев и Љубљана. Нејзините летови во соседството продолжуваат да се одржуваат меѓу украинскиот главен град и Белград, Подгорица и Загреб.

Инаку авиолинијата меѓу Скопје и Киев беше воведена на 6 декември минатата година, со два лета неделно што ги одржуваше Виндроуз како воздухопловна врска меѓу двата града.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во изминатите 12 месеци од 2020 година од двата аеродрома во земјава биле превезени само 781.327 патници. Притоа, на Меѓународниот аеродром Скопје имало 709.241 патник, додека лани низ портите на охридскиот аеродром минале 72.086 патници.