fbpx

Објавен повик за финансиска поддршка за воведување нови авиолинии, ќе се избираат повеќе компании

-

Министерството за транспорт и врски објави јавен повик за финансиска поддршка за нови авиолинии за периодот 2023 – 2025 година.

На прес-конференцијата на која беа презентирани критериумите наведени во повикот, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски рече дека овој јавен повик е различен од сите преходни и на него можат да се изберат повеќе авиокомпании, а повикот е во согласност со политиките на фер и конкурентски услови согласно регулативата на Европската унија (ЕУ).

На јавниот повик може да се пријават сите заинтересирани авиокомпании кои ги исполнуваат условите: да поседуваат уверение за работа издадено од земја-членка на ЕУ согласно прописите за издавање на уверение за работа на авиопревозници, да имаат превезено најмалку 10 милиони патници во 2019 година, да имаат остварено профит од минимум 25 милиони евра во 2019 година. Услов е и авиопревозниците да достават изјава заверена на нотар дека дестинацијата за која добиваат финансиска поддршка од државата ќе продолжат да ја оперираат и по завршувањето на поддршката за период за кој ги добивале субвенциите. Во спротивно, компаниите ќе бидат должни да го вратат целиот износ на средства што ги добиле како финансиска поддршка.

Финансиската поддршка ќе се доделува согласно критериумите за рангирање на новите дестинации по следниот редослед: период на оперирање на дестинацијата, број на неделни летови, атрактивност на аеродромот кон кој оперира и број на седишта понудени на продажба.

Во однос на износот на поддршката, Бочварски информираше дека тој ќе изнесува 7 евра во денарска противвредност по патник во заминување превезен од Меѓународниот аеродром Скопје и 4,5 евра во денарска противвредност по патник во заминување превезен од аеродромот Св. Апостол Павле – Охрид.

Авиопревозникот кој ќе биде избран за корисник на финансиската поддршка е должен секоја нова дестинација воспоставена од аеродромите во Скопје и Охрид за која се доделува поддршката да продолжи да ја опслужува најмалку два пати неделно во секоја од ИАТА сезоните според однапред утврден ред на летање, потоа да изработи план за промоција и маркетинг на предложените дестинации и на секои шест месеци да доставува извештај за своето работење до Министерството за транспорт и врски.

Краен рок за доставување на барањата за учество во постапката е 19 јануари до 12 часот напладне, а барањата се доставуваат во архивата на Министерството. Јавното отворање на барањата ќе се одржи на 20 јануари во 12 часот.

Повикот се однесува за период од три години – од 2023 година до декември 2025 година. За следната година во буџетот се предвидени 1,1 милион евра за оваа намена.

Бочварски рече дека стратешка цел е да се искористат сите капацитети што ги нудат аеродромите во Скопје  и Охрид и да се овозможат квалитетни услуги со поширок спектар на дестинации за граѓаните.

„Освен годините на ковид пандемијата, развојот на авиосообраќајот се движи во нагорна линија. Се вративме на посакуваните бројки од над 2 милиони превезени патници и веруваме дека сè уште имаме капацитет и можности да го развиваме авиосообраќајот во земјата“, рече министерот Бочварски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...