This page was exported from Meta.mk [ http://meta.mk ]
Export date: Sat Nov 25 9:22:12 2017 / +0000 GMT

Собранието го изгласа укинувањето на Советот за јавни набавки




Собранието денеска ги донесе измените на Законот за јавни набавки по скратена постапка, со кои се укинува Советот за јавни набавки.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски пред пратениците рече дека Советот не успеал да ги оствари целите поради кои бил формиран и дека со неговото укинување ќе се отстранат бирократските процедури, кои како што рече, не само што не придонесуваат да се спречи можноста од злоупотреби, туку доведуваат до блокирање на институциите и оневозможување тие да ги даваат неопходните услуги на граѓаните.

- Според оценките на Европската комисија, измените во последните години пред се воведувањето на Советот за јавни набавки доведоа до значително оддалечување на законот од европските регулативи и практики за јавни набавки - рече Тевдовски, кој најави дека министерството работи на нов закон за јавни набавки во кој ќе бидат применети европските практики.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, реагираше на тоа што измените се носат по скратена постапка и рече дека нема да дадат поддршка на „вакво ад-хок решение кое отвара простор за нови проблеми“.

Пратениците од парламентарното мнозинство рекоа дека укинувањето на Советот е оправдано. Пратеникот од СДСМ, Васко Ковачевски рече дека нивниот став да нема Совет за јавни набавки го дели и Европската Унија, која во извештајот за 2015/2016 година јасно навела дека треба да се подобри ефикасноста наспроти актуелните состојби.
Post date: 2017-11-09 19:45:27
Post date GMT: 2017-11-09 18:45:27
Post modified date: 2017-11-09 19:45:27
Post modified date GMT: 2017-11-09 18:45:27
Powered by [ Universal Post Manager ] plugin. HTML saving format developed by gVectors Team www.gVectors.com