!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Шекеринска на 27 септември во посета на НАТО во Брисел


       
Брисел, 16 септември, 2017 - 16:18 (META) 

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, на 27 септември ќе го посети седиштето на НАТО во Брисел, каде ќе има средба со генералниот секретар на алијансата, Јенс Столтенберг.

Генералниот секретар на НАТО со писмо ја информирал Шекеринска дека Aлијансата го прифатила барањето на Владата, Македонија да биде дел од програмата на НАТО за унапредување на образованието во одбраната, а во дописот тој наведува и дека со нетрпение ја очекува посетата на министерката за одбрана на седиштето на НАТО.

„Со нетрпение ја очекуваме нашата засилена соработка и продолжувањето на нашата дискусија за време на вашата посета на седиштето на НАТО во Брисел на 27 септември“, стои во писмото од Столтенберг до Шекеринска, соопшти Министерството за одбрана.

Во врска со приклучувањето на Македонија во програмата на НАТО, Столтенберг навел дека во следниот период тим од секторот за политички прашања и за безбедносна политика на НАТО ќе организира студиска посета на Македонија за утврдување на поддршката која е потребна.

„Врз основа на успехот на програмата досега, убеден сум дека таа ќе ги зајакне вашите институции за образование во одбраната, особено вашата Воена академија. Образованието е критичен фактор на трансформација и нашата соработка во оваа област ќе ги поддржи и ќе ги унапреди вашите напори за реформи во одбраната“, стои во писмото од генералниот секретар на НАТО.

Програмата за унапредување на образованието во одбраната, како што информираат од Министерството за одбрана, е „моторот зад реформите во одбраната на земјите во развој и на нивните професионални воено-образовни институции“.

Македонија првпат добива пристап до оваа програма на НАТО.