Прва конференција на Министерството за финансии по повод Денот на буџетот


       
Скопје, 2 април, 2018 - 16:13 (META) 

Министерството за финансии реализираше голем број иницијативи за подобро, поефикасно и одговорно буџетско работење на сите нивоа и на сите јавни институции, изјави денеска премиерот Зоран Заев на првата годишна конференција на Министерството за финансии, по повод прогласувањето на 2 април за Ден на буџетот.

Говорејќи за економијата во државата, тој додаде дека се очекува растот на домашниот бруто-производ (БДП) да достигне 3,2 отсто.

„Од политичката стабилност и од политиките за враќањето на довербата кај инвеститорите се очекува раст на приватните инвестиции. Растот на платите и вработеноста во приватниот сектор, поддржан од владините мерки, придружени со очекувањата за ниска и стабилна инфлација во земјата, ќе придонесат кон зголемување на приватната потрошувачка“, рече Заев.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски рече дека за прв пат од независноста, Министерството за финансии, има Стратегија за реформи во системот за јавни финансии.

„Таа го опфаќа периодот од 2018 до 2021 година и ги содржи сите значајни елементи на системот, почнувајќи од фискална транспарентност, преку воведување на среднорочно буџетирање и измени во системот на јавните набавки, па се до подобрувања во функционирањето на јавната внатрешна финансиска контрола, УЈП и Царината. Нејзина цел е среднорочно подобрување  на системот на јавните финансии во насока на ЕУ стандардите“, рече Тевдовски.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери кој исто така се обрати на конференцијата рече дека  Собранието врши контрола на буџетот при разгледувањето и донесувањето на завршната сметка на буџетот што Владата е должна да ја поднесе до 30 јуни секоја година.

„Таа контрола е можна и преку институтот Пратенички прашања, потоа преку разгледување на Годишниот извештај на Државниот завод за ревизија, па сè до можноста за надзорни расправи. Меѓутоа, останува отворено прашањето, колку како Собрание ги користиме на ефикасен начин овие деловнички и законски можности за контрола, како врз прибирањето, така и врз трошењето на парите на граѓаните“, истакна Џафери.

На Првата конференција на Министерството за финансии, се обратија и директорот на Светска банка за земјите од Западен Балкан, Европа и Централна Азија, Линда Ван Гелдер, како и поранешните министри за финансии Таки Фити, Петар Гошев, Никола Поповски и Трајко Славески.

Првиот буџет на Република Македонија е донесен на 2 април 1992 година.