Товарниот и патничкиот железнички сообраќај во земјава се во прекин поради штрајкот на машинскиот персонал на „Македонски железници – Транспорт“ што почна вчера. Денеска е пропуштен единствено експресниот воз Белград – Скопје – Солун.
Штрајкот ќе трае до исполнувањето на барањето за зголемување на коефициентот за работните места, исплата на вториот дел од платата за април, како и за гаранција дека во јуни вработените ќе ја добијат и мајската плата, објасни Душко Чакаровски од синдикатот на оваа компанија.
Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, на вчерашната средба со Синдикатот на машинскиот персонал и со раководството на „МЖ Транспорт“ АД Скопје најавил дека во најкратко време ќе се разгледаат сите законски можности за решавање на ситуацијата во железницата, како и за долгорочно решавање на состојбите во железничкиот сообраќај во Македонија.