Почна скијачката сезона на Попова Шапка


       
Тетово, 14 јануари, 2016 - 16:49 (META) 

На скијачкиот центар Попова Шапка официјално почна скијачката сезона. Снежната покривка на патеките надминува половина метар, а на Церипашина има повеќе од еден метар снег.

– На најатрактивната патека на Балканот, Церипашина, пред неколку години поставивме дрвени тараби кои го задржуваат снегот, односно не дозволуваат ветерот да го разнесе снегот. Овој снег во текот на сезоната може да се искористи и за другите скијачки патеки. Снегот е неопходен за успешна скијачка сезона и се надевам дека оваа година ќе биде една од најуспешните – вели Петре Димитриевски, директор на скијачкиот центар Попова Шапка.

Туристите велат дека центарот со години тапка во местои дека во него воопшто не се инвестира.

– Потребни се инвестиции на Попова Шапка, треба да се изградат хотели со поголеми сместувачки капацитети, нови ски-лифтови, но и повеќе паркиралишта – изјави еден посетител.

Централната власт неколку години наназад ветува дека Попова Шапка ќе прерасне во модерен туристички центар. За таа цел има изработено и план, кој вклучува изградба на големо паркиралиште, модерна шестоседна жичарница, нов хотел со бањски центар и сноуборд-парк. Но, од ветеното на терен досега ништо не е реализирано.