Пластифицирани пари од 10 и 50 денари ќе се пуштат во употреба, книжните се повлекуваат


       
Скопје, 29 март, 2018 - 13:20 (META) 

Народна банка ќе пушти во оптек книжни пари изработени од полимер (пластифицирани), во апоени од 10 и 50 денари, информираат од таму.

„Истовремено беше донесена и одлуката за повлекување од оптек на книжните пари во апоени од 10 и 50 денари кои што се во оптек од 8 септември 1996 година, а се употребуваат и во моментов. Согласно со оваа одлука, на денот кога ќе бидат пуштени во оптек книжните пари во апоени од 10 и 50 денари, изработени од полимер, книжните пари со истата апоенска вредност, кои што се во оптек од септември 1996 година, престануваат да бидат законско средство за плаќање. Нив, правните и физичките лица ќе можат бесплатно да ги заменат со други книжни и ковани пари со еквивалентен износ. Замената на книжните пари, од 15 мај годинава до 15 мај следната година, ќе ја вршат деловните банки основани во Македонија, а по овој период, замената ќе се врши во Народната банка“, информираат од таму.

Почнувајќи од 15 април ќе бидат пуштени во оптек и ковани пари во апоен од 2 денари, со ознака на ковање „2018“.

„Со пуштање во оптек на овие ковани пари во готовинскиот платен промет во важност ќе бидат, паралелно, и кованите пари во апоен од 2 денари издадени претходно. На седницата беше донесена и Одлука согласно со која од 2 мај годинава ќе бидат пуштени во оптек и книжни пари во апоен од 100 денари, со ознака за печатење „мај 2018“, по што, паралелно во важност ќе бидат, и книжните пари со истата апоенска вредност издадени досега“, додаваат од таму.