!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Осум луѓе загинаа во невреме во Романија


       
Темишвар, 18 септември, 2017 - 10:51 (META) 

Осум луѓе ги загубија животите, а 67 се повредени во големото невреме што вчера ја погоди Западна Романија, со ветришта од 100 километри на час.

Еден човек загинал во Темишвар кога на него паднал билборд, додека жена била усмртена од дрво што паднало во зоолошката градина, соопшти портпаролката на Генералниот инспекторат за вонредни ситуации во округот Тимиш.

Во градот Бузјаш загинале две лица, а едното од нив исто така било убиено од дрво што паднало.

Потоа невремето се поместило кон север, а 50-годишен маж загинал во северозападниот град Бистрица, кога го погодила гранка додека се движел низ парк.

Градоначалникот на Темишвар вели дека невремето симнувало покриви од зградите и превртувало камиони.
Во округот Караш-Северин невремето откорнувало дрва и уривало далноводи, оставајќи многу домови без струја. Началникот на Ургентниот центар во болницата на округот Тимиш вели дека кај нив биле примени 30 луѓе повредени од предмети што невремето ги носело.

Друмскиот и железничкиот сообраќај на повеќе места се во прекин поради паднати дрвја. Оштетени се покривите на неколку болници, училишта и станбени згради, а десетици села и градови се без струја. Во акцијата за спасување и расчистување на штетите учествуваат стотици пожарникари.