Мицкоски повикува на протестен марш в недела во Струмица


       
Скопје, 3 јули, 2018 - 13:41 (META) 

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски преку видео обраќање повика на протестен марш во Струмица во недела со почетокот од 13 часот од паркот во Струмица до општината.

– Јас како и многумина од ВМРО-ДПМНЕ сме одлучни дека ќе одиме до крај и нема назад се до конечната победа која ќе и донесе победа на Македонија. Време е да се чуе нашиот заеднички глас. Да ја победиме неправдата и да се чуе тој пркосен глас кој силно вриска во вашите срца и да кажеме да, мора подобро – вели Мицкоски.

Тој во обраќањето кој го почнува со „драг сограѓанин“ вели дека живееме живот во кој поразите стануваат секојдневие, а победите ги нема.

– Во општеството сеат поделба, владата и министрите кои те убедуваат во сосема спротивна розова и разубавена слика од она која реално ја гледаш и чија суровост ја живееш секој ден те прави пасивен. Дополнително ти вели премиерот името Македонија морало да се избрише, ама пустото боли, пече, затоа што тоа е името под чиј бајрак и име растеле и умирале твоите предци, и под чиј код се родени твоите деца. Името кое го изговараш со чест, достоинство и трепет во душата и сега ти велат морало да се откажеш затоа што само така ќе било подобро, а ти знаеш дека тоа не е така – вели Мицкоски.

На прашањето дали може поинаку тој одговора дека може доколку „се крене и чуе твојот глас, гласот на твоите блиски, роднини и пријатели“. На крајот тој вели дека влегол во политиката со чиста мисла и со надеж дека ќе остави зад себе нешто добро за иднината на државата.