Македонскиот хор „Проарс“ настапи на фестивал во Солун


       
Солун, 9 мај, 2016 - 14:25 (META) 

Солунската публика имаше можност викендов да ужива во настапот на македонскиот хор „Проарс“, на шестиот Светски фестивал на хорови за мјузикли во Солун. Фестивалот важи за една од поинтересните културни манифестации и веќе шест години се одржува во Солун.

„Проарс“ имаше можност двапати на фестивалот да воодушеви со своите вокални и драмски можности. Хорот настапи на официјалното отворање, во фантастичниот антички простор на Римската Агора во Солун, каде се претстави со две композции – хорски обработки на македонски народни песни, а потоа и на фестивалскиот дел на Универзитетот „Аристотел“ со композиции од познатиот мјузикал „Свирач на покривот“ и композицијата „I am “ на Мајкл Смит.

Диригентот на „Проарс“, Сашо Татарчевски, за „Мета“ вели дека хорот бил одлично прифатен и од грчките домаќини и од публиката во Солун и при двата настапи, што било пријатно изненадување за целиот хор. Фестивалот бил и одлична можност да се разменат идеи и искуства, како и да се разговара за продлабочување на соработката со колегите и со хоровите и од Грција и од другите земји. На фестивалот, покрај „Проарс“, учествуваа и хорови од Русија, Бугарија, Кипар, Казахстан, Романија и од Турција.

– Ваквите настани се можност со колеги од разни земји да се разменат искуства, контакти, да се поразговара што може да се направи како соработка – вели Татарчевски.

Настапот на „Проарс“ на фестивалот е на покана на грчкиот хор „Кораис“, а на иницијатива на македонскиот генерален конзул во Солун, Маја Апостолова, и на дел културни организации и автори од Македонија кои имаат зачестените настапи, со што се овозможува подобро запознавање на грчката публика со современата македонска култура. Културата, како што вели и самиот Татарчевски, е мост кој помага да се надминат политичките проблеми и предрасуди и кој најнепосредно ги спојува народите од двете земји.

– Бидејќи многу често сум на вакви настани низ цела Европа, јас сум цврсто убеден дека музиката, културата, спортот се работи кои многу лесно ги преминуваат сите бариери и предрасуди што можеби постојат помеѓу одредени народи. И ние можеби поради таквите политички односи не очекувавме ваков топол прием. По настапот, ќе бидам искрен, со солзи во очите пристапија неколку од грчките колеги да честитаат колку сме ги допреле со настанот – истакна Татарчевски.

Хорот настапи во Солун со поддршка на Министерството за култура.

По настапот на „Проарс“, солунската публика ќе има можност викендов да се запознае и со македонската литература на претстојниот Солунски саем на книгата.