Ниту притвор, ниту какви било превентивни мерки не побарал обвинителот по денешниот информативен разговор со Мариглен Демири, член на президиумот на Левица.
Демири денеска беше повикан на информативен разговор во Основното јавно обвинителство поради учество во толпа.
Бранимир Јовановиќ од Левица на денешната прес-конференција, по завршувањето на информативниот разговор, рече дека мерките за куќен притвор, изречени за двајца членови на партијата, се престроги и затоа бараат тие да бидат повлечени.
– На Денот на победата над фашизмот, истакнат борец против фашизмот и режимот беше повикан на информативен разговор поради учество во антифашистички протест. Како што ги победивме фашистите пред 70 години, така ќе ве победиме и вас – изјави Јовановиќ.
Тој додаде дека освен двајцата членовите на Левица, кои се во куќен притвор, и Демири, кој беше повикан на информативен разговор, вчера, физички бил нападнат и активист на левичарското движење „Солидарност“, затоа што носел транспарент.