Македонија доби чиста и неусловена препорака за почеток на преговорите со ЕУ


       
Брисел, 17 април, 2018 - 16:32 (META) 

Македонија доби чиста и неусловена препорака, за почеток на преговорите на земјата со ЕУ, појасни евроамбасадорот Самуел Жбогар на прес-конференцијата во ЕУ Инфо Центар во Скопје, откако заврши директниот пренос од Брисел на презентацијата на Извештајот на Европската Комисија за напредокот на Западен Балкан и Турција.

Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседателка на Европската Комисија, Федерика Могерини и еврокомесарот за европска добрососедска политика и проширување, Јоханес Хан, појаснија дека ЕК препорачува на Европскиот Совет да донесе одлука да отпочне преговори за приклучување со Македонија и Албанија, во светлина на постигнатиот напредок, притоа задржувајќи го и продлабочувајќи го актуелниот реформски замав.

За Македонија клучно за понатамошниот прогрес ќе биде исполнувањето на итните реформски приоритети, рече Могерини.

– Чекорот напред направен денеска за Поранешна Југословенска Република Македонија и за Албанија е чекор напред за целиот регион на Западен Балкан. Нашиот стратегиски фокус и ангажман ги донесуваат практичниот прогрес и придобивки за сите луѓе во регионот. Работата на реформите и модернизацијата сепак мора да продолжи, во интерес на партнерите и на Европската Унија – рече Могерини на презентацијата на Извештајот за напредокот.

Хан, пак, рече дека новиот извештај е признание за постигнатиот напредок.

– Нашата политика на зголемување продолжува да биде главниот мотор кој ги движи реформите во Западен Балкан. Тој ги модернизира економиите и општествата во регионот, правејќи го попросперитетно и постабилно место, што е суштински интерес и за ЕУ. Препораките за Поранешна Југословенска Република Македонија и Албанија што ги даваме денеска се признание на постигнатиот напредок. Тоа е важен чекор напред, но јасно е – а тоа се однесува на сите земји од Западен Балкан – нема кратенки на патот кон ЕУ. Остануваат неколку големи дупки. Треба да посведочиме дека реформите, посебно во поглед на владеењето на правото, се спроведуваат подинамично и дека даваат вистински резултат. Овие реформи не се „за Брисел“, односно ефикасното правосудство, ефикасната борба против корупцијата и организираниот криминал, ефикасната јавна администрација, посилната економија директно ќе придонесат за регионот и за неговите жители, како и за Европа во целост – рече Хан.