!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Коѕиас: Македонија и Албанија да почнат да се однесуваат демократски


       
Брисел, 7 март, 2017 - 9:42 (META) 

Македонија и Албанија треба да разберат дека нужно е да почнат да функционираат демократски и да ги спроведуваат демократските принципи на Европската Унија, порача шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас, по Советот за надворешна политика на ЕУ. Коѕиас во изјава за грчката државна телевизија ЕРТ, истакна дека на Советот била изразена голема загриженост за политичката криза во Македонија и во Албанија.

Според него, главниот проблем е тоа што Македонија и Албанија ја гледаат ЕУ како финансиски спонзор и како можност да се учествува во еден моќен владејачки центар, а забораваат дека Унијата е систем со вредности и со демократија, кој бара неговите членки да се однесуваат соодветно и да ја следат културата на компромиси.

– Не може во државите северно од нас да не функционираат демократските процеси – посочи Коѕиас.

Шефот на грчката дипломатија забележа дека некои членки очекуваат Грција, која исто така е загрижена за двете држави, да се обиде да ги олесни проблемите и тензијата што постои и да направи отстапки од своите позиции.

– Некои мислат дека ние треба да им олесниме на овие држави и да правиме отстапки за да им станеме подобри соработници. Објаснив дека ова не е проблемот. Проблемот е дека овие држави треба да разберат дека е нужно да функционираат демократски и тоа значи да имаат демократски став кон опозицијата, кон малцинствата, па дури и кон етничките малцинства – посочи Коѕиас.

Коѕиас упати и апел до соседните држави на Македонија и на Албанија да не изразуваат јавно ставови за внатрешните политички проблеми во овие земји, односно да го следат примерот на Грција, која последниве две години, според него, не изразила ниту еднаш јавен став за внатрешно-политичките кризи во Македонија и во Албанија.