!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Иванов – Нишани: Потребно е намалување на тензиите и внимателна реторика


       
Баку, 16 март, 2017 - 21:01 (META) 

Претседателот на државата, Ѓорге Иванов, денеска имал средба со својот албански колега, Бујар Нишани, во Баку, Азербејџан, на која го повторил ставот дека „начинот на кој се донесе пост-изборната платформа на партиите од албанскиот политички блок и изјавите кои следеа од страна на високи функционери на Република Албанија претставуваат мешање во внатрешните работи на Република Македонија“.

– Ваквото мешање во внатрешните работи на Република Македонија е поттик за реализирање на големо-националистички идеи, тензии и претставува негативен пример не само на Балканот, туку и пошироко. Потребно е намалување на тензиите во регионот и внимателна реторика – порачал македонскиот претседател, стои во соопштението од неговиот кабинет за средбата.

Иванов посочил дека Албанија е пријател и ќе остане пријател на Република Македонија и за таа цел потребни се понатамошни конкретни заемни чекори за нормализирање и за унапредување на билатералните односи.

– Македонското национално малцинство во Република Албанија и албанската етничка заедница во Република Македонија треба да бидат фактори на зближување и на збогатување на соработката, а не извор на тензичност – рекол Иванов, додавајќи дека само со дијалог можат да се бараат решенија и да се надминуваат разликите за одредени прашања.

Претседателот на Албанија на средбата истакнал дека обидите за префрлање на кризата од политичко на етничко ниво, може да има сериозни последици за сите, соопштиле од прес-службата на Нишани, јавува дописникот на „Мета“ од Тирана.

Нишани на состанокот го уверил Иванов дека Албанија никогаш не се мешала, ниту се меша во внатрешни работи на други држави. Сепак, тој додал дека Албанците кои живеат во Македонија се составен дел на земјата и дека Албанија ќе ги поддржи нивните „легитимни барања за целосно почитување и за имплементација на Охридскиот рамковен договор“.

Средбата на двајцата претседатели била реализирана на маргините на петтиот Глобален форум во Баку на тема „Иднината на меѓународните односи: Моќ и интереси“.