!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Хојт Брајан Ји: Иванов да овозможи што поскоро да се формира нова влада


       
Загреб, 7 март, 2017 - 19:37 (META) 

САД се заинтересирани за стабилноста и за просперитетот на државите во регионот, порача денеска од Загреб заменик-помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Хојт Брајан Ји.

Тој ги повика сите страни во Македонија да бидат подготвени на компромис и да се формира нова постизборна влада.

– Искрено се надеваме дека македонскиот претседател ќе им овозможи на пратениците кои изразија желба за тоа и на партиите што тие ги претставуваат да формира влада што е можно поскоро, бидејќи на Македонија ѝ треба влада која ќе ги продолжи и ќе ги доврши почнатите процеси во рамки на претпристапниот процес на Европската Унија – изјави Ји.

Во однос на регионот, тој истакна дека од клучно значење е да се продолжи со реформите и да се достигнат европските стандарди, за земјите од регионот да продолжат на евроатлантскиот пат.