Граѓанските организации со повеќе предлози до Владата за борба против корупција


       
Скопје, 6 јули, 2018 - 15:16 (META) 

Од софтверски алатки за следење на регуларноста на јавните електронски наддавања преку испитување на работата на државниот правобранител до забрзување на некои законски реформи и јакнење на интегритетот на функционерите, службениците и институциите, беа дел од иницијативите што десетина граѓански организации денеска ги презентираа пред повеќе министри и претставници од Секторот за односи со јавноста во Владата.

На вториот отворен ден за иницијативи од граѓанските организации, претставниците на Владата порачаа дека борбата против корупцијата, иако оди тешко, е една од најголемите заложби на актуелната владина гарнитура, а за тоа е неопходна помошта и од граѓаните и од граѓанските организации и од експертите.

Како што рече заменик-министерот за правда Оливер Ристовски, Министерството за правда никогаш во изминативе десетина години не било во толку блиска соработка со граѓанските организации како во последната година, напоменувајќи дека во подготовката на новите верзии на законите за укажувачи и за спречување корупција, најголемиот дел од работата и од предлозите се токму од невладиниот сектор и од експертите.

Лилјана Пецова – Илиеска од Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ порача дека иницираат итна подготовка, усвојување и имплементација на планови за интегритет или друга внатрешна политика за борба против корупција која што вклучува мерки за спречување и елиминација на различни форми на коруптивно и неетичко однесување во рамки на институцијата и тоа во четири области на јавниот сектор, избрани како приоритети за имплементација: образование, здравство, правда и полиција.

– Треба да се работи на подигнување на свеста за заштитата на информаторите, за конфликтот на интереси, за примањето подароци за јавните службеници, за ограничувањето на деловните активности, плановите за интегритет и за лобирање не само во јавниот сектор, туку и во пошироката јавност – рече Пецова – Илиеска.

Како што појасни таа, иницијативата произлегла поради неисполнетост на индикаторите за интегритет во рамките на истражувањето спроведено преку проектот „Action SEE“, на кој „Метаморфозис“ работи.

На крајот на денешниот отворен ден, вицепремиерот и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски ја истакна како веројатно најважна иницијативата за јакнење на интегритетот на државни службеници и институции, што ја образложи Пецова – Илиевска.

– Тоа  е број 1 ако сакаме вистинска борба против корупција. Ќе знам дека има вистинска борба само кога ќе видам како се покренува иницијатива за полициски инспектор, обвинител или судија, каде знаеме дека исто така има проблеми – рече тој.

Жаклина Хаџи Зафирова од СКУП реагираше што уште не се остварени ветувањата од Владата за да се скрати рокот во кој институциите ќе треба да дадат одговори на барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер, а побара и поголема транспарентност од институциите.

Од министерот Роберт Поповски доби одговор дека е при крај подготовката на текстот на законските измени за пристап до информации од јавен карактер, но сè уште се размислува дека можеби во некои случаи скратениот рок за одговор би создал проблеми кај некои институции што не се подготвени за тоа.

– Сепак, владата се максимално се залага да ги направи сите институции транспарентни и отворени до крај – рече Поповски.