Грабар-Китаровиќ: Договорот за името е многу добар


       
Брисел, 11 јули, 2018 - 15:03 (META) 

Хрватската претседателка Колинда Грабар Китаровиќ за хрватските медиуми пред Самитот на НАТО изјави дека Договорот на Македонија и Грција е исклучително добар, бидејќи се зачувуваат зборовите Македонци и македонски. Хрватската претседателка се надева дека Договорот ќе биде потврден од македонските граѓани на референдумот.

– За нас е посебно важно да се стабилизира југоистокот на Европа, драго ми е што ќе се упатат позитивни пораки за Македонија, која постигна договор со Грција. Верувам и се надевам дека ќе биде потврден на референдум, кој е историски. Ги разбирам чувствата на некои Македонци. Меѓутоа сметам дека овој Договор е исклучително добар, бидејќи освен што со името Северна Македонија, грчкиот дел станува Јужна, сепак се споменува „Македонци“ и сè друго. Мислам дека е тоа добар компромис и се надевам дека сите ние во НАТО ќе и помогнеме на Македонија да го заврши процесот, но пристапувањето може да се очекува дури за година, година и половина – рече Колинда Грабар – Китаровиќ.