!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

„Фејсбук“ работи на заштита на изборите во Германија од руско влијание, вели Зукерберг


       
Менло Парк, 22 септември, 2017 - 15:05 (META) 

Основачот и директор на „Фејсбук“,Марк Зукерберг во видео-обраќање изјави дека социјалната мрежа ќе и помогне на Германија во спречувањето на евентуално мешање на Русија во парламентарните избори во земјата, закажани за в недела.

„Работиме на тоа да обезбедиме интегритет на германските избори за време на викендот, од преземање на мерки против неколку илјади лажни профили, до соработка со властите…како и размена на информации за безбедносните постапки со кандидатите и партиите“, вели Зукерберг во обраќањето, објавено синоќа, во кое ги наведе мерките што „Фејсбук“ ги спроведува и планира да ги спроведе за заштита на интегритетот на демократските изборни процеси во светот од руско влијание.

Тој наведе дека „Фејсбук“ отстранил илјадници лажни профили поврзани со Русија, а преку кои имало обид да се влијае на гласањето во неколку земји, меѓу кои неодамна била и Франција. Зукерберг додава дека засега не е забележан сличен обид и во Германија, но, во тек е анализата на активностите на отстранети профили во оваа земја.

Основачот на „Фејсбук“ соопшти дека компанијата ќе сподели 3.000 политички реклами поврзани со Русија, со истражителите во САД, во врска со претседателските избори што се одржаа минатата година, на кои победи Доналд Трамп.

На ваквите наводи веднаш реагираше Кремљ, нагласувајќи дека Русија никогаш не огласувала на „Фејсбук“ во обид да влијае на американските претседателски избори.

„Ние не знаеме како да поставиме оглас на ‘Фејсбук“. Ние тоа никогаш не сме го правеле, и Русија никогаш не била вмешана“, изјавил синоќа, портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.

Инаку, Зукерберг во обраќањето ветува дека политичкото рекламирање на неговата мрежа во иднина ќе биде потранспарентно.

„Ние ќе работиме со другите за да создадеме нов стандард за транспаретност за политичкото рекламирање он-лајн“, вели Зукерберг.