fbpx

„Диво Насеље“: Одбраната ја бара Катица, обвинетите велат дека не биле терористи

-

Сите 29 обвинети за тероризам во случајот „Диво насеље“ се изјаснија за невини за делата за кои се товарат, на денешната јавната седница за оцена на обвинителниот акт за случувањата во Куманово од 9 и од 10 мај оваа година. Седницата се одвиваше под засилени мерки на обезбедување и со строги контроли при влезот во зградата на Врховниот суд.

Поради засилените контроли, седницата почна со еден час доцнење. Во Судскиот совет за оцена на обвинителниот акт беа судиите Огнен Ставрев, Јани Нича и Љубинка Башеска, додека обвинители од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција се Наум Пановски и Вилма Русковска.

Уште на самиот почеток на рочиштето, дел од адвокатите на одбраната дадоа приговор во кој истакнаа дека надлежноста за овој случај треба да ја преземе Специјалното јавно обвинителство, а сите списи да се предадат на специјалната обвинителка Катица Јанева, бидејќи, како што рекоа, овој предмет произлегува од незаконското следење на комуникациите.

Адвокатот Шазифар Исени и неговиот колега Насер Рауфи побараа изземање на јавното обвинителство бидејќи, според нив, очигледно е дека надлежноста е на специјалното обвинителство. Рауфи рече дека барање за изземање ќе поднесе до Советот на јавни обвинители. Поради приговорите на двајцата адвокати, Судскиот совет даде пауза од 15 минути за да се советува околу приговорите.

По паузата, Судскиот совет информираше дека во однос на барањето на адвокатите, во Законот за кривична постапка децидно е наведено каде тоа треба да се достави, а седницата за оцена на обвинителниот акт продолжи. Ги прочитаа имињата на сите обвинети, на број вкупно 29, а потоа јавниот обвинител кратко го образложи обвинителниот акт, давајќи хронологија на настаните од нападот на караулата Гошинце до настаните во Диво Насеље на 9 и на 10 мај. Обвинителот даде осврт и на доказите и на анализите, вештачењата и на другите постапки што биле преземени во текот на истражната постапка.

За случувањата во кумановско Диво Насеље, обвинителот посочи дека припадниците на МВР од единицата за специјални задачи постапувале по судска наредба за претрес во врска со кривично дело тероризам поради нападот на караулата Гошинце, а за пронаоѓање лица инволвирани во нападот.

– Додека се приближувале кон објектот, вооружена група почнала да дејствува на припадниците на специјалната единица и кон нив прво била фрлена рачна бомба, од чија експлозија биле повредени дел од специјалците, а нападот продолжил со истрели од автоматско оружје, од снајпери и од други средства. Нападот траел цел ден и ноќта, кон 10 мај, и во него, покрај убиените припадници на вооружената група, беа убиени и осум полициски службеници, а повеќемина беа повредени – рече обвинителот Пановски.

Тој на крајот истакна дека врз основа на доказите обвинителството смета дека обвинителниот акт има основа и дека треба да биде потврден од Советот за оцена на обвинителниот акт.

Советот на судии, повикувајќи се на прописите од Законот за кривична постапка, побара секој од обвинетите да каже дали се чуствува виновен или не за кривичните дела за кои ги товари обвинителството.

Сите адвокати на одбраната, како што констатираше Советот на судии, имале поднесено приговори на обвинителниот акт, а некои од адвокатите поднеле приговори за повеќе обвинети.

Одбраната на дел од обвинетите во образложување на приговорите истакна дека според резултатите од истражната постапка, јасно е „дека она што претходело на поднесувањето на обвинителниот акт е најдобар пример за тоа како не смее да се спроведе истражна постапка, а пред сè за кривичните дела што се наведени во него“.

„Во случајов, ние воопшто немаме завршена истрага, а ако ова е максималното што обвинителството може да го извлече, вие, како совет за оцена на обвинителен акт, во согласност со вашите права и обврски според ЗКП, сте должни да не го дозволите тоа“, рекоа од одбраната на дел од обвинетите.

Седницата сè уште трае, а се очекува да заврши доцна попладнево.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК апелира да не им се попречува работата на новинарите за време на изборите

Државната изборна комисија (ДИК) денеска достави писмен одговор по испратената претставка од страна на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), поврзана со случајот со прекршувањата на правата на новинарката...