!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Дезир: На МРТ ѝ треба модел на финансирање што ќе ја гарантира независноста


       
Скопје, 15 ноември, 2017 - 16:44 (META) 

На јавниот сервис му треба модел на финансирање кој на ниту еден начин нема да ја поткопа неговата независност и ќе овозможи да ја извршува својата мисија на јавен сервис, се вели во соопштението од претставникот на ОБСЕ за медиуми, Харлем Дезир, за неговата посета на земјава и средбите со премиерот, министри во Владата и со новинарските здруженија.

– Со цел да се спроведат овие потребни реформи, многу е важно јавниот сервис да остане институција со високи професионални стандарди, ослободена од политички притисок и во служба на сите граѓани – вели Дезир.

Тој на средбите, на кои фокусот беа измените во законот за аудио и аудио-визуелни медиуми, реформите во јавниот сервис и за безбедноста на новинарите, пофалил неколку позитивни медиумски реформи и ја истакнал потребата за подобрување на општата состојба на медиумите во земјава.

Дезир за време на посетата ја претстави анализата за нацрт-законот и ја понудил својата континуирана помош за време на целиот процес.

– Мојата канцеларија ќе продолжи со обезбедување на сета потребна помош во овој многу важен процес. Го поздравувам активниот ангажман на новинарските здруженија и невладините организации и организациите на граѓанското општество во јавните консултации во врска со нацрт-законот – вели Дезир, нагласувајќи ја потребата процесот на изготвување на законот да биде отворен и транспарентен.

Околу безбедноста на новинарите, Дезир истакнал дека таа е еден од главните услови за слободни и отворени медиуми.

– Драго ми е да слушнам дека Владата ќе го третира ова прашање како приоритет – вели Дезир, додавајќи дека сторителите на неколку напади врз медиумските професионалци во земјата мора да бидат изведени пред лицето на правдата.

Претставникот на ОБСЕ за медиуми ги оценил како позитивни одлуката на Владата за бесплатен пристап на новинарите до документите од Централниот регистар и Агенцијата за катастар на недвижности и укинувањето на владиното рекламирање во сите медиуми.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.