Премиерот Зоран Заева синоќа најави нова лидерска средба денеска напладне во Клубот на пратеници, но овој пат на четирите најголеми политички партии, така како што бараше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој синоќа ја напушти лидерска средба еден час по почнувањето.
– Сите што останавме на лидерската средба сме за успешен референдум, а однесувањето на Мицкоски демонстрирано во име на ВМРО-ДПМНЕ е несериозно, неодгороно и навредливо кон сите политички субјејктки и граѓаните на Македонија – изјави Заев по лидерската средба во клубот на пратениците.
Тој додаде дека Мицкоски денеска ќе може да се изјасни дали е за НАТО и ЕУ, како и дали е за тоа граѓаните да одлучуваат за иднината на Македонија.
– Ако Мицкоски е за НАТО и ЕУ требаше да седи со сите лидери тука и да носи одлуки за иднината на државата, но одлучи да избега од ова историски најважно прашање за македонската иднина – потенцираше Заев.
Мицкоски бара на денешната средба да бидат СДСМ, ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ и најголемата опозициска партија на Албанците, за кои не се знае кој ќе ги претставува.
На синоќешната лидерска присуствуваа премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев со Радмила Шекеринска, Али Ахмети и Бујар Османи од ДУИ, Зијадин Села и Арбен Таравари од Алијанса за Албанците, Мендух Тачи и Имер Алиу од ДПА, Африм Гаши од едното и Билал Касами и Фадил Зендели од другото крило на Беса, Горан Милевски и Дуфе Кукоски од ЛДП, Лилјана Поповска и Маја Морачанин од ДОМ, Љупчо Димовски и Владанка Авировиќ од Социјалистичка партија, како и Тито Петковски и Горан Мисовски од НСДП.