Богов: Банките можат да ја поддржат економијата, потребни се добри проекти


       
Скопје, 5 март, 2018 - 14:21 (META) 

Банкарскиот и финансискиот сектор се стабилни, така што банките се подготвени да испорачаат кредити, оцени гувернерот на Народната банка на Македонија, Димитар Богов, по завршувањето средбата на Комитетот за финансиска стабилност.

– Системските ризици се минимални и сето тоа упатува дека особено банкарскиот сектор е добро капитализиран, високо ликвиден и подготвен да ја поддржи македонската економија. Неопходно е да се врати довербата кај инвеститорите и да се зголеми побарувачката за кредити. Банките се подготвени и можат да ги испорачаат кредитите, но потребни се квалитетни проекти и посилна инвестициска активност – рече Богов.

Тој додаде дека монетарната поставеност во иднина ќе зависи од повеќе фактори.

– Еден е каква ќе биде мометарната политика во еврозоната кон која сме ориентирани, какви ќе бидат фискалната и политичката стабилност и каков е платниот биланс, односно ситуацијата во девизниот пазар. Во моментов, на сите овие клучни пунктови имаме поволни движење  – додаде Богов.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски кој исто така присуствуваше на средбата потврди дека финансискиот сектор е стабилен и ќе може да обезбеди поддршка за пораст на македонската економија.

– За прв пат по осум години, има пад на државниот и на јавниот долг во релативен износ. Обезбедивме еврообврзница во најоптимално време и во најдобри можни услови. Последните податоци покажуваат дека повратот на данокот на додадена вредност (ДДВ) спрема фирмите се врши неселективно и брзо. Повратот на ДДВ во првите два месеци од годината е поголем за 1,4 милијарди денари или за 56 проценти и тоа значи дека брзо се враќа ликвидноста во фирмите за тие да работат, да имаат активности и да инвестираат – рече Тевдовски.