Атанасова Точи и Лупевска Созен ги добија наградите за истражувачко новинарство на ЗНМ


       
Скопје, 28 февруари, 2018 - 16:52 (META) 

Здружението на новинари на Македонија денеска ги додели годишните новинарски награди за животно дело и за истражувачка сторија, по повод 72-годишнината од формирањето на ЗНМ.

Добитнички на наградата за истражувачко новинарство се новинарките Менче Атанасова Точи и Снежана Лупевска Созен, а наградата за животно дело му беше доделена на новинарот Љубомир Гајдов.

Лупевска Созен е наградена за емисијата „Код“, односно за настаните од 27 април во Собранието обработени во оваа емисија, а Атанасова Точи за сторијата за гинеколгот кој девет месеци лажел жена дека е бремена.

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, рече дека тие се пример за тоа како треба да изгледа еден новинар во слободна и демократска земја. Потенцираше дека новинарите се уште се соочуваат со сериозни проблеми, како што е неказнивoста на насилството и реформата во медиумската законодавство.

„И покрај декларативната заложба на новата власт да се бори против практиката на неказнивост на насилството против новинари, сепак ниту еден напаѓач на новинар не е изваден пред лицето на правдата“, истакна Селмани.

Тој додаде дека во меѓувреме новинарите се соочуваат со нови форми на притисок, како што е обидот да им се врзат рацете на новинарите доделувајќи им безбедносни сертификати и практиката на големите компании да ги користат рекламите за притисок врз медиумите.

„Обединети и сплотени сме посилни и поиздржливи до денот кога слободата на говорот во Македонија нема да биде само мртво слово на хартија, туку ќе биде дел од нашиот живот“, порача претседателот на ЗНМ.

Годинава за наградата за истражувачки стории беа пријавени 25 новинари.