ЗОШТО (НЕ) Е ТАКА: Митови за родов идентитет и родова еднаквост

Коментираме дел од најраспространетите митови околу родовиот идентитет и родовата еднаквост, кои не само што ги зацврстуваат стереотипите, туку го попречуваат и напредокот кон поинклузивно и рамноправно општество

Во општество како македонското кое се развива во однос на општествената и колективна свест и разбирања, разговорите околу родовиот идентитет и родовата еднаквост – теми кои до неодамна беа оставани во сенка, сега добиваат значително внимание. Како што дискусиите стануваат поинтензивни, од клучно значење е да се разгледаат заблудите кои често ги замаглуваат овие сложени и нијансирани теми.

Лавина реакции во јавноста предизвикаа најавените предлог–измени на два закона – за матична евиденција и за родова рамноправност. Протестите и дебатите кои се водеа околу овие измени беа проследени и со низа дезинформации кои дополнително ги збунија граѓаните.

Среде растечките разговори, но и митовите и недоразбирањата вткаени во наративот при што се искривува вистината, важно е да се расветлат нејаснотиите околу термините пол, род, родов идентитет, но и тоа што ќе значи евентуалното носење на предлог-измените на законите.

Митовите околу родовиот идентитет и родовата еднаквост не само што ги зацврстуваат стереотипите, туку го попречуваат и напредокот кон поинклузивно и рамноправно општество.

Во новата епизода на „Зошто (не) е така?“ најраспространетите митови и дезинформации кои се појавија во македонската јавност, а кои се однесуваат на родовата еднаквост и родовиот идентитет, ги коментираат собраниската пратеничка Санела Шкријељ, активистката за правата на трансродовите лица Лила Милиќ и Драгана Дрндаревска од Коалиција Маргини.

Што е родова еднаквост, а што е родов идентитет?

Родовата еднаквост, напросто кажано, значи еднаквост во општеството – еднаквост на мажите, жените, лицата со разновидни родови идентитети, еднаквост во можностите да го остварат својот потенцијал и да придонесат во општеството, еднаквост во пристапот до ресурсите и до моќта.

Родовиот идентитет, од друга страна, го означува сопственото себедоживување. Кај некои лица родовиот идентитет може да се разликува од она што значи биолошки пол.

Тука треба да се направи разлика меѓу двата закони кои во изминатиов период беа многу актуелни во нашето општество.

Првиот е новиот предлог- закон за родова еднаквост кој има една единствена цел – јакнење на институционалните структури коишто треба да придонесат до унапредување на родовата еднаквост во општеството.

Вториот закон – предлог измените којшто ги поднесе група на пратеници, а се однесуваат на измени на Законот за матична евиденција, значи да им се овозможи на нашите сограѓани – трансродовите лица кои поминуваат низ период на транзиција, правно признавање на родот, како тие не би се соочувале секојдневно со дискриминаторски практики кога треба да побараат здравствена услуга, кога треба да патуваат во странство, кога треба да отворат сметка во банка.

 

#1 Законот за матична евиденција и Законот за родова рамноправност ги штитат само трансродовите поединци.

Не е така. Прво, станува збор за два неповрзани закони. Законот за матична евиденција ги уредува постапката и податоците коишто за секој граѓанин ги пишува во книгите за матична евиденција. Со предлог-измените на овој закон се предвидува постапка во којашто граѓаните би можеле да ги променат податоците што се однесуваат за полот, ознаката за пол – М или Ж – и делот од матичниот број којшто го рефлектира полот на лицето.

И досега беше возможна ваквата промена, институциите прават вакви промени. Така, досега имаме 15 трансродови лица кои успеале да направат промена на овие податоци во личните документи. Меѓутоа, овие постапки, поради правната празнина и поради тоа што немаме законско уредување, се прават врз основа на воспоставената практика на институциите – Управата за матична евиденција, Второстепената комисија, Управниот суд и Европскиот суд за човекови права. Оттука, со измените на овој закон само ќе се овозможат побрзи и потранспарентни постапки кои сега и така се достапни.

За разлика од Законот за матична евиденција, Законот за родова еднаквост воопшто не ги уредува личните права на граѓаните. Ги уредува во еден многу мал сегмент од аспект на заштита од дискриминација врз основа на пол, род и родов идентитет што секако веќе го имаме со Законот за спречување и заштита од дискриминација. Оттука, Законот за родова еднаквост се занимава со воспоставување на институционална рамка, родова машинерија на институции на локално и национално ниво коишто имаат за цел да работат на унапредување на родовата еднаквост во сите општествени сфери.

 

#2 Полот, родот и родовиот идентитет се едно и исто.

Не е така. Полот се оние биолошки и физиолошки карактеристики со кои се раѓаме.

Родот е општествен конструкт. Родот се сите оние улоги кои ни ги наметнува општеството и со коишто растеме, оние вредности што општеството очекува да ги имаме, зависно од тоа со кои биолошки карактеристики сме се родиле.

Родовиот идентитет е себедоживувањето, како ние себеси се доживуваме. Родовиот идентитет може, но не мора да се совпаѓа со полот како биолошка карактеристика.

Оттука, луѓето според полот може да бидат мажи, жени или „интерсекс“.

Кога зборуваме за родот, зборуваме за социјални, општествено конструирани разлики помеѓу индивидуите засновани на родот. Не станува збор за биолошки разлики, туку за разлики што се препишуваат на мажите или жените за кои општеството така се договорило. На пример – жените носат розево, мажите носат плаво, жените се домаќинки, мажите се политичари. Жените се емотивни, мажите рационални. Оттука станува збор за разлики коишто се променливи, културно детерминирани, се менуваат со текот на времето, во една култура важат, во друга не. Исто така, истите се институционални, односно не важат за индивидуата, туку функционираат како систем врз основа на кои се одржуваат родовите стереотипи и се прави родова дискриминација.

Исто така, родовите разлики воспоставуваат нееднакви односи на моќ. На пример, политичарот има многу поголема моќ и пристап до ресурси од домаќинката.

Родовиот идентитет е нешто со коешто се идентификуваме. Кај некои луѓе, полот не се совпаѓа со родот и тука станува збор за трансродови лица.

Така што, родовиот идентитет е одговор на прашањето „Согласно родовите разлики, каде сметам дека јас припаѓам?“.

 

#3 Ако се признае правото на трансродово лице, се прекршуваат правата на останатите граѓани.

Не е така. Човековите права припаѓаат на секоја индивидуа подеднакво. Едно општество, доколку ги почитува и ги признава правата на сите лица, вклучително и на нашите сограѓани – трансродовите лица, може само да напредува. Не можеме да имаме одржлив развој на едно општество доколку секоја индивидуа нема можност подеднакво да го оствари својот потенцијал и на тој начин да придонесе во општеството.

И треба еднаш да научиме дека тоа што една група на граѓани во целост може да ги оствари своите права, апсолутно на никаков начин не ги загрозува останатите.

 

#4 Новиот закон ќе ги легализира истополовите бракови. Маж ќе може да стапи во брак со маж, а жена со жена.

Не е така. Браковите се регулирани со трет неповрзан закон – Законот за семејство. Не се регулираат со Законот за матична евиденција ниту пак со Законот за родова еднаквост. А предлог-измените на Законот за матична евиденција предвидуваат дека само лицата коишто не се во брак и кои се полнолетни можат да ги направат овие промени на ознаката за пол во личните документи.

 

#5 Трансродовоста ќе се шири како зараза и ќе настане хаос во светот, уривање на државите.

Не е така. Сведоци сме дека низ многу земји во Европа трансродовите лица ги уживаат своите права како останатите граѓани и сведоци сме на тоа дека во тие држави сè уште има поколенија, сè уште се раѓаат деца и сè уште постојат хетеросексуални бракови.

Ако некое дете гледа дека постојат трансродови лица, тоа не значи оти и детето ќе стане трансродово. Тоа значи дека детето ќе живее во општество во кое ќе знае дека неговиот родов идентитет, каков и да е, е заштитен, дека нема стигми и предрасуди околу тоа, дека е слободен да го најде својот уникатен начин на бидување човек од секој можен аспект.

Ова е еден од оние митови кои антиродовите движења успешно ги користат за да манипулираат и да заплашуваат. Прво, сите треба да сме свесни дека лица со различна сексуална ориентација, лица кои се доживуваат поинаку, отсекогаш постоеле. Отсекогаш откако постои човештвото.

Хаос во државите настанува кога имаме корупција, криминал, непочитување на човековите права. На никаков начин почитувањето на човековите права не може да предизвика хаос, туку напротив, тоа е единствениот пат до благосостојба во државите.

 

#6 Според родовата идеологија, секој човек може субјективно да се доживее себеси како што сака, па дури и да се идентификува со животно или предмет. На пример, јас ќе можам да кажам дека се идентификувам со куче, а сите други ќе треба да го прифатат тоа.

Не е така. Ова е грубо банализирање на правото да се идентификуваш себеси како маж, жена или нешто поинаку. Луѓето што се идентификуваат со кучиња или со предмети имаат психијатриски дијагнози кои се поврзани со шизофренија, делузивно растројство и како такви треба да бидат соодветно третирани од страна на психијатријата.

Во сржта на ова тврдење е неразбирањето на родот како социјална конструкција, како една променлива категорија. На пример, во историјата, жените што не припаѓале на одредена родова улога и не ги почитувале родовите норми – биле помажествени, не биле заинтересирани за брак, послободно влегувале во сексуални врски – биле сметани за душевно болни и биле нарекувани хистерични и биле третирани со нехумани методи.

Истиот овој наратив се користи за негирање на правата на трансродовите луѓе. Тука не станува збор за лекување со цел некој да биде здрав и да живее во добросостојба, туку едноставно за родово дисциплинирање.

 

#7 Ако се донесе Законот за матична евиденција, може да се појават злоупотреби. На пример, маж може да се преправа дека е жена за да користи женски тоалет и така да ги вознемирува жените.

Не е така. Без разлика дали одите во женски тоалет, во женска гардероба или што и да е женско, никогаш не ви бараат документ за идентификација за да се идентификувате дали сте маж или жена.

Ова е пропагандно тврдење кое има за цел трансродовите луѓе да ги претстави како сексуални предатори. Уште еден мит, дезинформација и лага што ја користи антиродовото движење. Апсолутно не постојат истражувања или податоци за ваква пракса.

Треба да сме свесни дека токму трансродовите лица се тие што се изложени на насилство. А кога зборуваме за вознемирување на жените, тие во многу поголема мера се изложени на секаков вид на родово-базирано насилство – меѓу останатите, и вознемирувањето. Меѓутоа, статистиката многу јасно покажува дека во најголем процент од случаите, насилниците се познати мажи – дали партнерот во интимна релација, брачниот партнер.

Апсолутно е неточна оваа информација дека трансродовите луѓе ќе ги користат женските тоалети за да ги вознемируваат жените.

 

#8 Трансродовите жени не се „вистински“ жени, а трансродовите мажи не се „вистински“ мажи.

Не е така. Прашањето што е „вистински“ маж, а што „вистинска“ жена не е така едноставно прашање како што сакаат да го претстават антиродовите актери. Ако кажеме дека вистинска жена е таа што може да роди или што раѓа, што е со жените коишто не можат да родат? Исто така, постојат и жени чиј хромозомски статус не одговара на типичниот хромозомски статус за жени.

Оттука, дали некој е (вистински) маж или (вистинска) жена, одредуваме согласно неговиот/нејзиниот родов идентитет и неговото/нејзиното право да каже дали припаѓа или не припаѓа на една, друга, трета категорија или пак не сака да биде категоризиран/а.

 

#9 Трансродовите лица се ментално болни. А некои, пак, само се збунети и не можат да се пронајдат.

Не е така. Согласно Меѓународната класификација на болести на Светската здравствена организација, трансродовоста не е ментално заболување. Напротив, патологизацијата на трансродовите лица се користи за прекршување на нивните права и за нарушување на нивниот телесен и психолошки интегритет преку обиди да се лекуваат, да се промени трансродовоста.

Дијагнозата „родова неусогласеност“ согласно меѓународната класификација за болести е ставена во поглавјето Состојби поврзани со сексуалното здравје сè со цел да се обезбеди некоја дијагноза врз основа на која трансродовите лица ќе можат да пристапат до медицински услуги како хормонска терапија, хируршки зафати и слично, а притоа да се потенцира дека не станува збор за ментално заболување туку за состојба „родова неусогласеност“.

 

#10 Жените не се доволно вклучени во политичкиот и општествен живот и во носењето одлуки на високо ниво.

Така е. Сведоци сме дека во нашата земја, таму каде што има квоти (Собранието), има и добра застапеност на жените. Меѓутоа, таму каде што сè уште нема квоти, како што се извршната власт и локалната самоуправа, работите се далеку од добри. Особено на локално ниво стоиме катастрофално во делот на бројот на жени – градоначалнички.

И токму затоа е важно да се каже дека оваа година за време на свечената седница во Собранието по повод 8 Март, беа изгласани заклучоци кои значат промена во изборните закони што ќе значат поголема застапеност на жените и во извршната власт и на локално ниво, но токму затоа ни е потребен новиот закон за родова еднаквост што пропишува мерки што ќе значат пат кон целосно остварување на родовата еднаквост и во јавниот и во приватниот живот.

Дури и кога учествуваат жените во политиката, тие немаат вистинска моќ. Вистинската моќ и носењето одлуки се случува од страна на мажите. Претседатели на најголемите политички партии во Македонија се мажи. А знаеме дека кај нас одлуките се носат во политичките партии.

 

#11 Родовата еднаквост е добра само за жените и девојчињата.

Не е така. Родовите норми и патријархатот подеднакво, а на различен начин, влијаат лошо и врз мажите и врз момчињата. На пример, кај мажите се стимулира насилничко однесување и, како резултат на тоа, мажите многу почесто се занимаваат со насилен криминал и ја сочинуваат затворската популација. Исто така, стапката на самоубиства кај мажи е многу повисока отколку кај жени, токму поради родовиот стереотип дека како маж треба да бидеш силен, не треба да бараш помош, што ги превенира мажите да пристапат до службите за здравствена заштита.

Една од последните публикации на Државниот завод за статистика покажува дека мажите многу повеќе од жените веруваат дека имаат добро или многу добро здравје. Истата публикација покажува и дека мажите многу повеќе од жените умираат од хронични заболувања. Ова е токму поради родовиот стереотип дека мажите се силни, дека се јаки и поради тоа многу поретко одат на доктор.

Со промена на овие родови норми и со постигнување на суштествена родова еднаквост ќе се надминат и овие родови стереотипи со што би се унапредило машкото здравје.

Родовата еднаквост се однесува подеднакво и на жените и девојчињата и на мажите и момчињата и значи развој напред за целото општество.

 

#12 Сексуалната ориентација е поврзана со родовиот идентитет.

Не е така. Сексуалната ориентација е одговор на прашањето „Во кого се вљубувам во однос на мојот пол?“. Доколку се вљубувам во лице од ист пол, тогаш сум хомосексуалец, доколку се вљубувам во лице од различен пол, тогаш сум хетеросексуалец или во двете – бисексуалец.

Трансродовите лица, исто како и цисродовите лица, може да бидат хомосексуалци, хетеросексуалци, бисексуалци, асексуалци и така натаму.

 

#13 Родовиот идентитет и родовата еднаквост се нешто ново измислено од невладините и што тие сакаат да го протуркаат „преку ноќ“.

Не е така. Сведоци сме на користење реторика којашто зборува за некаква родова идеологија што била „увозен тренд“, меѓутоа апсолутно не е така. Родовата еднаквост е еден од базичните постулати на нашиот Устав. Нашиот Устав гарантира еднакви можности и еднакви права за секоја индивидуа, без оглед на различностите коишто ги носиме со себе.

Првиот закон за еднакви можности во нашата држава е донесен пред многу години. Пред 20 години беше основан и Клубот на пратенички чија основна цел е унапредување на родовата еднаквост преку законската рамка. Првата Стратегија за родова еднаквост е донесена во 2013 година кога владејачка партија беше ВМРО – ДПМНЕ и оваа стратегија ја препознава родовата еднаквост како темелна вредност на уставниот поредок.

Со влегувањето на земјава во Советот на Европа во 90-тите години и пристапувањето кон конвенциите на Обединетите нации, родовата еднаквост станува дел од правниот поредок. Во програмите на сите парламентарни политички партии може да се најдат заложби за родова еднаквост.

Она што е ново е мобилизирањето на антиродовите актери, додека политиките за родова еднаквост во оваа земја постојат многу одамна. Ова не е никаква нова увезена идеја, не е никаква идеологија, туку значи еднаква борба за правата на жените и мажите којашто во нашата држава е децениска.

Пред една година беше изгласана и новата Стратегија за родова еднаквост и истата беше донесена без ниту еден глас „против“ или „воздржани“.