fbpx

„Златен медал“ од новинарите за Данела Арсовска за нетранспарентност

Неколкумина новинари со кои разговараше Мета.мк во однос на транспарентноста на инститруциите годинава, изјавија дека колку Владата е подолго на власт толку понетранспарентни стануваат институциите. Најголемиот дел од нив се согласија дека на прво место по нетранспарентност е Град Скопје, од каде речиси никогаш не се добива одговор на новинарски прашања

-

Колку Владата е подолго на власт толку понетранспарентни стануваат институциите, велат повеќе новинари со кои разговараше Мета.мк, а во однос на тоа колку се задоволни од транспарентноста на владините, јавните и државните институции, локалната самоуправа во годината што измина. Општ впечаток е дека по доаѓањето на Димитар Ковачевски на премиерското место, транспарентноста на Владата е намалена, односно често се случува да не се добијат одговори на новинарските прашања поставени на електронската пошта на ПР службите.

Најголемото незадоволство кај новинарите со кои разговаравме доаѓа од нетранспарентноста на Град Скопје, каде што ретко кој новинар добил одговор на поставено прашање од јавен интерес, нешто што само дополнително предизвикуваше наезда од шпекулации за работата на Градот во последнава година. И редакциите на Мета.мк и на Порталб.мк досега речиси и да не добиле одговор на поставено новинарско прашање, освен на едно барање за слободен пристап до информации од јавен карактер, во однос на тоа колку директори биле сменети од страна на градоначалничката Данела Арсовска откако е таа е на клучната позиција во Град Скопје.

Валентина Стојанчевска / Фото: Лична архива

„Ако треба да се избере најнетранспарентна институција, тогаш златниот медал оди за Град Скопје, поточно за градоначалничката Данела Арсовска. Никогаш, ниту таа, ниту службата за односи со јавноста, не одговараат на нашите прашања. Такво игнорирање на јавноста, претставена преку медиумите, досега навистина немало. Кога станува збор за Владата, мора да се посочи дека изминатата година сè потешко се доаѓа до одговори, а најчеста пракса им е топката да ја префрлат на некое од министерствата. Забележително е дека затвореноста доаѓа по смената на премиерот. Кога на оваа позиција беше Зоран Заев, многу полесно се доаѓаше до одговор, и тоа често побрзо сме добивале информација лично од тогашниот премиер Заев, отколку од службата за информирање“, вели за Мета.мк Валентина Стојанчевска, новинар во неделникот и во интернет изданието на „Фокус“.

Таа додава и дека повеќе од една година „гласот му се нема слушнато ниту на шефот на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Ислам Абази.

„Тој ја руши оценката на останатите обвинителства кои важат за доста транспарентни. Навремени одговори се добиваат и од повеќето судови во државата, од кои Кривичниот и Врховниот суд би ги издвоиле како најтранспарентни“, додава Стојанчевска во името на редакцијата.

За Мирослава Симоновска, новинарка во Слободен печат, институциите го користат својот ПР единствено за да ги промовираат своите политики и активности.

„Институциите се многу транспарентни кога треба да го искористат новинарот и медиумот за пласирање на информации во полза на активностите што сакаат да ги промовираат како политички успех. Кога ќе се постави прашање кое може да открие нивен недостаток, да доведе до општествена критика или да ја наруши совршената слика за институцијата, одговори нема“, смета Симоновска.

Ана Антевска, новинарка во веб-порталот Сдк.мк вели дека со текот на годините, сè потешко се добиваат одговори од власта.

Ана Антевска / Фото: Лична архива

„Оваа е седма година власт на Владата на СДСМ и ДУИ и сè потешко се добиваат одговори на прашањата. Телефонски одговор повеќе не може да се добие од ниту еден портпарол, ти велат прати прашања, а одговори ретко кога се добива истиот ден, се чека по два-три дена. И во писмените одговори нема конкретен одговор на прашањата туку на долго и широко се објаснува што ова влада направила досега“, вели Антевска.

Таа е новинар кој долги години ги следи случувањата во општините и работата на општински власти и Град Скопје, и според нејзиното досегашно искуство, градоначалничката Данела Арсовска од првиот ден откако е дојдена на функцијата не одговара на новинарски прашања, не одржува прес-конференции и брифинзи, а новинарите две години немаат стапнато во Град Скопје.

„Градоначалничката не праќа покани до медиумите за присуство на настани кои ги организира Град Скопје за да не ѝ поставуваат новинарите прашања. Ако случајно се појави на настан огранизиран од друга институција која повикала медиуми, кога ќе се побара изјава од неа, вели утре ќе имаме прес-конференција за таа тема и си заминува, а прес-конференцијата никогаш не се одржува. Одговор не се добива ниту на прашањата испратени на официјалната меил адреса за комуникација со медиумите“, вели Антевска и додава дека изјава не може да се добие ниту од директорите на јавните претпријатија кои таа го поставува на функција.

„Тоа значи дека во моментов за никаква информација од Градот не може да се добие изјава и медиумите не знаат што се работи во Градот. Арсовска е единствен градоначалник што не доаѓа на седници на Советот на Град Скопје и не одговара советнички прашања. Ниту еден градоначалник не само на Скопје туку и другите градови и општини немал и нема ваков кон медиумите, советниците и јавноста“, смета Антевска.

Сунаи Сабриоски од ТВ24, вели дека проблемот е и до самата новинарска фела, која на еден начин се помирува со тоа да постави одредено прашање и да добие одговор, без понатаму да инсистира на дополнителни одговори.

Фото: Сунаи Сабриоски

„Така новинарството е сведено, според мое субјективно мислење, на стаклени кревки нозе каде што институциите комотно може да се пофалат дека се транспарентни и отчетни. Град Скопје е помал проблем во однос на транспаретноста кога се во прашање Министерството за финансии, Министерство за политички систем и односи со заедниците, но генерално, сè започнува со едно новинарско прашање и добиен одговор кој не е ни од далеку задоволувачки и не подлежи на дополнителни инсистирања. Ако за транспарентност се смета одговор на институција која одбрала да се пофали, ете тоа се МВР и Основното јавно обвинителство, со кои сум имал коректна соработка“, вели Сабриоски.

Индексот на отвореност, извештај на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ кој беше објавен неодамна, покажа дека Министерството за одбрана е прворангирана институција кога станува збор за отворените податоци, додека на најниско ниво е Министерството за политички систем и односи со заедниците.

Индексот на отвореност ги проценува перформансите на извршната власт во областа на добро владеење со тоа што се фокусира на четири области: пристапност, транспарентност, интегритет и ефикасност. Низ сите четири области се анализира еден заеднички домен – отворени податоци.

Наодите покажаа дека од поединечното мерење на вкупно 36 институции, Министерството за одбрана (89,72%) е водечка институција во однос на исполнувањето на индикаторите на отвореност, а по неа следи Владата (79,14%) и Министерството за внатрешни работи (78,9%).

Најдолу на листата на отвореност во Северна Македонија се Министерството за политички систем и односи со заедниците (27,59%), Управата за финансиска полиција (37,08%) и Секретаријатот за европски прашања (38,89%).

Осум министерства (земјоделство, шумарство и водостопанство, здравство, економија, правда, култура, локална самоуправа, транспорт и врски и политички систем и односи со заедниците) се под просекот на министерствата коишто исполнуваат 61,58% од индикаторите на отвореност.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот за репарации за ропството

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот на државата дека треба да „плати“ за ропството и другите злосторства од колонијалната ера, велејќи дека нема планови за репарации, а наместо...