fbpx

Жителите на Шуто Оризари оставени на немилост: Нема автобуси по 10 часот

Граѓаните се принудени секој ден да се организираат во групи и да користат превоз со приватни автомобили на превозници, за што плаќаат по 50 или 100 денари во еден правец, зависно од тоа до каде се возат

-

Нема редовен јавен превоз во општината Шуто Оризари, во која според последниот попис, живеат повеќе од 25.000 жители. Граѓаните се принудени секој ден да се организираат во групи и да користат превоз со приватни автомобили на превозници, за што плаќаат по 50 или 100 денари во еден правец, зависно од тоа до каде се возат. Автобусите со број 19 и 20 сообраќаат во оваа општина, но само до 10 часот наутро. Превозот е редуциран поради тоа што, како што велат приватните превозници, Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје, им должи 140 милиони денари, нешто што во ЈСП го демантираат.

Додека „војуваат“ ЈСП и приватните превозници, граѓаните го извлекуваат подебелиот крај плаќајќи секојдневно двојно, па и тројно за превоз до останатите општини, за да стасаат на факултет или на работа.

Екипа на Мета.мк беше во оваа општина, а жителите со кои разговараме велат дека проблемот трае со месеци. Средношколката Медина вели дека додека траела учебната година, таа и нејзините другари на секаков начин се снаоѓале за превоз до училиштето.

„Учам во угостителското училиште. Требаше да одиме на пракса во хотел во Центар. Секој ден пешки одев и се враќав бидејќи немав превоз ни за одење ни за враќање. Понекогаш одевме повеќе луѓе со такси, но јас не можам да си дозволам да се возам со такси постојано, не работам“, вели ученичката.

Салија Бекир не живее таму, но речиси секојдневно патува во Шуто Оризари поради работата.

„Автобусите не се редовни. Ги користев често кога ги имаше. Хигиената во нив е на многу ниско ниво. Има скршени седишта, не се климатизирани. Има еден автобус со број 20, имате чувство дека ќе се распадне на улица додека се возите. Автобусите се небезбедни, возачите често знаат да отвараат врати при возење, има ризик некој да падне. Поради нередовноста, преполни се. Понекогаш не возат до горе до последна 20-ка, туку кај затворот застануваат, па патниците мораат да пешачат до своите домови“, вели Бекир.

Aвтобусите со број 19 и 20 ги има само наутро во Шуто Оризари. Фото: Мета.мк

Елвис Сали, трговец во Шуто Оризари потврдува дека проблемот трае веќе подолг период.

„Моите снаа и сопруга работат во Центар. На работа одат со такси, во еден правец до Бит Пазар им е 50 денари. Некогаш се принудени да чекаат автобус, немаат избор, но автобусот не доаѓа“, вели Сали.

Поразговаравме и со Сенада Jашар од Иницијативата за правата на жените од Шуто Оризари, која живее во оваа општина.

„Најмногу од жените одат на работа во другите општини. Бидејќи нема автобуси, тие плаќаат такси за да стигнат на работа – 50 денари е до Бит пазар или до Пошта, а ако треба да оди жената на работа на пример во Карпош или во Аеродром, цената е 100 и повеќе денари. Навистина ова е сериозен проблем кој треба долгорочно да се реши“, вели Јашар.

Приватните превозници: Ако наскоро нема пари, нема воопшто да возиме

Мета.мк поразговара и со претставници на приватните превозници, кои не сакаа да зборуваат со име и презиме поради страв дека ЈСП нема да им го исплати долгот што го има кон нив за да можат нормално да функционираат.

„Во сите институции сме се обратиле за нашиот проблем. Ни пари за 6 месеци, вкупно околу 140 милиони денари, на сите превозници. Ги молиме за свои пари. Возиме редуцирано, најдоцна до 11 часот возиме за да стигнат луѓе на работа, студентите да стигнат на полагање. Ако наскоро не ни пуштат пари нема воопшто да возиме. Има некои ветувања дека нешто ситно ќе ни префлеле, но тоа нема да го реши проблемот. Што попрво да направам со тие пари, дали нафта да ставам, дали храна да купам за дома, дали сметки да платам. Како да бидам сервис на градот и како да ги опслужувам граѓаните?“, прашува превозникот за Мета.мк.

Тој додава и дека не е исклучена можноста за протести ако наскоро не им се реши проблемот на приватните превозници.

Во меѓувреме, Јавното сообраќајно претпријатие излезе со соопштение во кое беше наведено дека „приватните превозници ќе продолжат да возат согласно со возниот ред“. Оттаму негираат дека ЈСП им должи 140 милиони денари на приватните превозници.

„Долгот ќе им се сервисира со динамиката која приватниците и в.д. директорот на ЈСП Скопје, Драги Кушовски, ја договорија непосредно по неговото именување на чело на претпријатието. Должни сме да потенцираме дека долг од 140 милиони денари во ЈСП кон приватните превозници нема. Моменталните побарувања во ЈСП сметководствено изнесуваат 34 милиони и редовно се исплаќаат авансни средства, а тоа не е сериозен проблем, од причина што големи суми се побаруваат во континуитет поради големите трошоци за нафта, односно секој месев одприлика околу 35 милиони месечно се фактурираат од превозниците во континуитет“, пишува во соопштението.

Оттаму најавија дека ако превозниците прекинат да ја испорачуваат услугата кон граѓаните, ЈСП ќе било приморано да покрене соодветни тужби за надомест на материјална штета за непочитување на договорните обврски од страна на приватните превозници.

„Трета година по ред се работи на усогласување на приватните превозници со стандардите и пред секој истек на договор во обид да се избегне исполнување на еко стандардите, се јавуваат истите притисоци со цел да продолжат да сообраќаат со старите автобуси“, наведено е во соопштението.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

По една ѕвезда на Широк сокак за лауреатите на Златна Камера 300 за животно дело

На годинашното јубилејно 45. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ по прв пат на Широк сокак во Битола, ќе бидат откриени ѕвезди на сите досегашни добитници...