Дивата депонија помеѓу општина Шуто Оризари и Визбегово веќе неколку дена гори, иако пожарот бил изгаснат седум пати во текот на два дена. Граѓаните велат дека дишат воздух што мириса на изгорена пластика, додека еколошките друштва сметаат дека последиците од оваа појава се смртоносни, пренесува „Порталб“.

Жителите на Шуто Оризари, Визбегово, Чаир и Визбегово велат дека не можат да ги отворат прозорите и вратите од дневните соби бидејќи миризбата многу бргу продира во нивните домови. Објаснуваат дека ваква состојба настанувала повремено и во минатото.

Случајот е пријавен од страна на „Сакаме чист Чаир”, а O2 Иницијатива алармираат дека во текот на палењето на депониите, се испуштаат токсични (отровни) и мутагени (смртоносни) супстанци.

Овој вид депонии не се под надлежност на претпријатието „Комунална хигиена Скопје“, меѓутоа доколку граѓаните, локалните власти и медиумите пријават формирање на некоја дива депонија, „Комуналната хигиена“ ќе ја исчисти.

„По пријавувањето, ние излегуваме на терен, ја отстрануваме депонијата. Сепак, доколку некој во меѓувреме ја пали депонијата, ние не сме во можност да го казниме. Проблемот е во тоа што дивите депонии се создаваат постојано. Има случаи кога еден ден сме ја отстраниле депонија, а веќе по два дена таа е повторно создадена“, велат од претпријатието.

Од Противпожарната служба велат дека во текот на два дена, седум пати гаселе пожар во оваа депонија, но пак се пали.

Инспекторот за животна средина, Хисни Тачи објаснува дека надлежност за депонијата во Шуто Оризари има општинскиот инспекторат, Јавното комунално претпријатие и Инспекторатот на Град Скопје, но не и Министерството за животна средина и просторно планирање.

Градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш, вели дека е информиран за палењето на депонијата Шуто Оризари – Визбегово и дека таа е обезбедена.

Депонијата е формирана откако претпријатието „Комунална хигиена“  ја отстранило станицата за утовар-истовар оттаму и останеле отпадоците.

-Секој ден се соочуваме со ова. На терен, има противпожарни тимови кои работат во таа депонија. Ова не се случува често, но деновиве, вчера и завчера е запалена од поединци, за кои немаме сознанија кои се. Сепак, депонијата сега е изгасната и се работи на нејзино чистење. Во општината беа тимови од Центарот за управување со кризи и се согласивме, во понеделник, да дојдат со сета механизација, бидејќи таму има многу ѓубре, да го исчистат местото а отпадот ќе се транспортира во Дрисла – вели Дудуш.

Состојбата со палењето станува се поалармантна, бидејќи според Дудуш, депонијата најверојатно се пали од страна на малолетници.